57/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за пренесување на користење на полетно слетните патеки (бетонски) и стабилизирани тревнати патеки бр.23-5457/1 донесена од Владата на Република Македонија на 21 декември 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.85/1999).

2. Ана Шекерова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 алинеја 3, 6 и 11, член 9, член 11 став 1, член 24, член 25, член 30, член 88 став 1 и 2, член 98 од Уставот на Република Македонија со член 43 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, член 65 од Законот за градежно земјиште, член 29 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за премер и катастар на замјиштето и член 5, 8 и 10 од Уредбата за начинот и условите за трансофрмација на правото на користење на градежно земјиште сопственост на Република Македонија во право на сопственост или право на долготраен закуп.

Ова затоа што предметната недвижност не претставувала државна сопственост, туку приватна сопственост на ПОС-АТС ЦЕО Скопје кој бил правен следбеник на Агрохемизација кој според делбен биланс од 1990 година на оргинерен начин се стекнал со право на сопственост и со одлука за трајно користење на предметниот имот и на подносителот на иницијативата кој се стекнала со право на користење на земјиште и право на сопственост на регуларно изградените објекти на КП.683/2 со површина од 93.602 м2.

Меѓутоа, без оглед на тоа Владата на Република Македонија со оспорената одлука со насилно одземање на сопственоста и правото на трајно користење на земјиштето, а не со цел сопственоста да биде евидентирана на друг субјект ги повредила уставните принципи на владеење на правото и правната сигурност како и начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 46 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/1994 и 63/1998) Владата на Република Македонија на седницата одржана на 21 декември 1999 година донела Одлука за пренесување на користење на полетно-слетните патеки (бетонски) и стабилизираните тревнати патеки (“Службен весник на Република Македонија” бр.85/1999).

Според член 1 со оваа одлука се пренесуваат на користење полетно-слетните патеки (бетонски) и стабилизираните тревнати патеки кои се изградени на следните локации: “Логоварди” Битола, катастарска општина Логоваради КП.724 со површина 73.305; “Даме Груев” кај Битола, катастарска општина Беронци КП.бр.3235/2 со површина од 98.541 м2; “Сарадиново” кај Прилеп, катастарска општина Сарадиново КП.бр.501/3 со површина од 92.472 м2; “Каратманово” кај Велес, катастарска општина Каратманово КП.бр.852/2 со површина од 75.099 м2; “Пеширово” кај Свети Николе катастарска општина Пеширово КП.бр.890/2 со површина од 85.859 м2; “Врсаково” кај Штип катастарска оштина Сарачиново КП.644/2 со површина 73.061 м2; “Црвени брегови” кај Неготино катастарска општина Кривлоак КП.бр.683/2 со површина од 93.602 м2 и “Росоман” кај Градско катастарска општина Росоман КП.бр.101/1 со површина од 125.124 м2 во сопственост на Република Македонија, се пренесуваат на користење на Министерството за сообраќај и врски – Дирекција за цивилна воздушна пловидба.

Според член 2 од одлуката составен дел на оваа одлука е графичкиот приказ на леталиштата во размер 1 : 2500 кој не се објавува, а се наоѓа во Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба.

Членот 3 од Одлуката е завршна одредба за објавување и влегување во сила на Одлуката.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука истата по својот карактер не може да има карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, имајќи предвид дека со неа полетно слетните патеки (бетонски) и стабилизираните тревнати патеки изградени на наведените локации во сопственост на Република Македонија се пренесуваат на користење на Министерството за сообраќај и врски – Дирекција за цивилна воздушна пловидба.

Имено за одреден акт да има својство на нормативен акт не е доволно само да носи назив што е вообичаен за нормативните акти како еден од елементите, туку да содржи и други елементи како што е содржината од која произлегува регулирање на општ начин на права и обврски за неопределен број на субјекти во правото што не е случај со оспорената одлука.

Со оглед на фактот што оспорената одлука нема карактер на пропис, туку е конкретен акт, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на нејзината согласност со Уставот и законот, поради што иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.57/2006
24 мај 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова