У.бр.172/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 13 став 4 од Законот за поштенски услуги (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.172/2005 од 12 април 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 13 став 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 13 став 1 и 2 од овој закон е определено дека курирски услуги можат да вршат домашни и странски правни и физички лица како поштенски оператори, врз основа на лиценца, а лиценцата ја издава министерот за транспорт и врски.

Според ставот 3 на овој член од Законот, за издадената лиценца за вршење на курирски услуги се наплатува надоместок. Средствата од надоместокот се приход на Министерството за транспорт и врски и се користат за развој на поштенската инфраструктура на основен поштенски оператор, како обезбедувач на универзалната поштенска услуга.

Со оспорената одредба од ставот 4 е определено дека висината на надоместокот од ставот 3 на овој член со акт ја утврдува министерот за транспорт и врски.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за поштенските услуги во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се условите и начинот на вршење на поштенските услуги во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, на обезбедувањето пристап на секој корисник до универзална поштенска услуга на целата територија на Република Македонија, на воведувањето на конкуренција во вршењето на поштенските услуги, меѓусебните односи на корисниците и давателите на поштенските услуги, на издавањето на поштенски марки и поштенски вредносници, како и други прашања во врска со поштенските услуги.

Како цели на овој закон се определени потребата да се обезбеди вршењето на ефикасни и навремени поштенски услуги за прием, сортирање, пренос и достава на поштенски пратки, парични средства и стоки, како на територијата на Република Македонија, така и надвор од нејзините граници, да се заштитат интересите на корисниците на поштенските услуги и да се обезбеди доверливост на поштенските пратки, да се овозможи конкуренција во областа на поштенските услуги земајќи ја предвид потребата за обезбедување на финансиската рамнотежа на основен поштенски оператор со цел да го обезбеди извршувањето на универзалната поштенска услуга која опфаќа минимален обем на услуги со утврден квалитет по достапни цени за сите корисници на целата територија на Република Македонија.

Имено, Јавното претпријатие за поштенски сообраќај Македонска пошта ги врши работите како основен поштенски оператор (ОПО), ова согласно членот 66 од Законот.

Во целите на Законот е определено и обезбедување на унапредувањето на поштенска инфраструктура на целата територија на Република Македонија за поквалитетно вршење на поштенските услуги; обезбедување на извршување на универзалната поштенска услуга која се состои од резервирани и нерезервирани поштенски услуги при што резервираните поштенски услуги може да ги обезбедува само основен поштенски оператор; потоа да овозможи поштенските тарифи да бидат објективни, транспарентни и недискриминаторски и да обезбеди пренесување на поштенски пратки и преку курирски услуги.

Според членот 3, вршењето на поштенските услуги и издавањето на поштенските марки и поштенските вредносници се работи од јавен интерес.

Поаѓајќи од овие цели, со членот 5 од Законот се пропишани видовите на поштенски услуги и тоа универзалната поштенска услуга (резервирани и нерезервирани поштенски услуги) и други поштенски услуги кои не се во рамките на универзалната поштенска услуга.

Во Законот е определено дека универзалната поштенска услуга вклучува прием, сортирање, пренос и достава на поштенски пратки до 2 кг. и на пакети до 31,5 кг. Во универзалната поштенска услуга не спаѓаат курирските услуги и услугите на размена на документи.

Со оспорената одредба од ставот 4 на членот 13 од Законот, се овластува министерот за транспорт и врски со свој акт да ја утврди висината на надоместокот за издавање на лиценци на домашни и странски физички и правни лица како поштенски оператори за да вршат курирски услуги.

Од анализата на оваа оспорена одредба во контекст и на другите одредби од Законот за поштенски услуги, произлегува дека законодавецот предвидел, во случајов, овластување за министерот за транспорт и врски да ја определува висината на надоместокот за наведената лиценца, меѓутоа во Законот недостасуваат критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на овој надоместок.

Според Судот со оставената можност, без конкретна законска рамка да се определува висината на надоместокот за лиценца, се остава простор за мешање на извршната власт во законодавната власт, кои во системот на поделбата на власта се јасно разграничени со Уставот. Воедно, ваквиот недостаток на оспорената одредба остава можност за арбитрерност и нееднаков третман на лицата под објективизирани и еднакви услови да го остваруваат правото на лиценца.

Оттука, Судот утврди дека овластувањето кое произлегува од оспорената одредба нема уставна основа со оглед на тоа што Законот за поштенски услуги не содржи параметри за утврдување на висината на надоместокот, поради што оспорената одредба од ставот 4 на членот 13 од Законот не е во согласност со принципот за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија според членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Имено, актот што министерот го донесува врз основа на даденото законско овластување да ја утврдува висината на надоместокот без постоење на законска рамка, не претставува подзаконски акт на министерот за разработка на законска одредба заради нејзино извршување, како што предвидува членот 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), туку води кон тоа со акт на министерот да се утврдуваат права и обврски за граѓаните, кои можат да се утврдуваат единствено со закон.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2005
24 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова