81/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 31-г од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005 и 35/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 31-г од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба било предвидено дека автор на учебник можело да биде лице со високо образование, магистар или доктор на науки од областа за која бил наменет учебникот, меѓутоа од уставноправен аспект одредбата била неодржлива. Ова поради тоа што со одредбата се исклучувале сите други стручни лица од можноста да бидат автори на учебници особено оние кои непосредно работеле со ученици како и оние кои биле поранешни автори на учебници. Од овие причини, оспорената законска одредба била во несогласност со член 8 став 1 алинеја 1, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 31-г од Законот за средното образование автор на учебник може да биде лице со високо образование, магистер или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот, доколку со овој закон поинаку не е утврдено.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.127/2003 од 19 ноември 2003 година Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 31-г од Законот за средно образование, која и сега е предмет на оспорување со иницијативата поднесена до Судот.

Имено, Судот во наведеното решение оценил дека со оспорената одредба од членот 31-г од Законот било утврдено кој може да биде автор на учебник и тоа не е во насока на ограничување на научното, уметничкото и другите видови творештва, туку е во насока на поттикнување и помагање на научниот опфат. Со утврдување на законските услови што треба да ги исполнува едно лице за да може да биде автор на книга која ќе се користи како учебник во средното образование, а тоа е лицето да има високо образование, магистратура или докторат од областа за која е наменет учебникот, не се нарушувале уставните вредности кои се однесувале на еднаквоста на граѓаните, односно определените лица не се ставени во поповолна положба во однос на другите педагошки работници со понизок степен на образование и не се ограничувале слободите и правата на граѓаните, бидејќи вршењето на авторската дејност во образованието на учениците треба да произлегува од научното и образовно творештво на лица чија стручност е верификувана преку степенот на нивното образование.

Со оглед на тоа што Судот со наведеното Решение не повел постапка за оценување на уставноста на членот 31-г од Законот за средното образование, од причини што не се повредувале уставните одредби кои се однесуваат на правата на граѓаните утврдени со Уставот, а на кои се повикува и подносителот на иницијативата во овој предмет, Судот утврди дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.81/2006
24 мај 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова