46/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 17/2004).

2. Ефтим Тасев од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова Решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, според која законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот член се ограничува важењето на членовите 8 и 16 од Законот за измени и дополнување на Законот за стечај кои се поповолни за граѓаните – работници и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за плаќање на придонесите од плата од друштвата кои се во стечај, а чии извештајни рочишта се поминати пред донесувањето на Законот, а стечајните постапки сеуште не се окончани и не е извршена конечна распределба на стечајната маса. Подносителот на иницијативата смета дека со тоа е ограничено правото на примена на поповолниот закон за граѓаните, во конкретниот случај на работниците чии друштва се во стечајна постапка со сеуште неизвршена конечна распределба на стечајната маса. Во иницијативата се наведува дека оспорениот член ги подвојува граѓаните и дека тие не се еднакви пред законот.

Поради тоа предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста на овој член и да го укине во делот: “а по кои до денот на влегувањето во сила на овој Закон не е одржано извештајно рочиште”.

3. Судот на седницата утврди дека според член 21 од
Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај, одредбите на овој закон ќе се применуваат на стечајните постапки отворени по влегувањето во сила на овој закон, како и на стечајните постапки кои се во тек, а по кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не е одржано извештајно рочиште.

4. Иницијативата е поднесена на 7 март 2006 година, а е заведена во Судот на 13 март 2006 година.

На 14 март 2006 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 34/2006). Со членот 364 од законот, предвидено е дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004).

Новиот Закон за стечај влегол во сила на 30 март 2006 година. Тоа значи дека на овој датум престанал да важи Законот за стечај, заедно со сите измени и дополнувања (“Службен весник на Република Македонија” бр. 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004).

5. Согласно член 110 од Уста вот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека оспорената одредба на член 21 од Законот за изменување и дополнување на Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 17/2004) престанала да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 34/2006), Судот оцени дека оспорената одредба не е веќе дел од правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 46/2006
24 мај 2006 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова