Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 и 18 мај 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 38 став 2, во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба со која министерот за образование се овластува да донесе посебен пропис за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит била крајно нејасна, непотполна и неразбирлива за кој посебен пропис станува збор и кои одредби од законите со неа ќе се утврдуваат и разработуваат заради нивно извршување. Ова затоа што согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога за тоа е овластен со закон.
Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, со Законот за средното образование, кој е системски закон, министерот немал овластување да донесува и посебен пропис за која било состојба или ситуација. Според подносителот на иницијативата, посебен пропис се донесувал само при постоење на воена или вонредна состојба, согласно член 126 од Уставот на Република Македонија.
Освен тоа, во одредбите на Законот за средното образование не биле предвидени рамки и параметри за донесување на посебен пропис.
Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувал членот 8 алинеите 3 и 4, членот 51, членот 91 алинеите 1 и 5 и особено членот 96 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.
3. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 2 од Законот за srednoto obraзovanie, начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит од став 1 на овој член се уредуваат со Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование и со посебен пропис што го донесува министерот.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Според член 45 од Уставот, граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според алинеја 5, Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови на акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.
Организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование во Република Македонија, како дел од системот на воспитанието и образованието, се уредува со Законот за средното образование.
Согласно член 2 на овој закон, средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни средни училишта (средно општинско училиште, односно средно училиште на градот Скопје и државно средно училиште) и приватни училишта.
Според членот 10 на истиот закон, средно општинско училиште може да основа општината, со одлука на советотот на општината по претходно прибавено мислење од Владата на Република Македонија, а државно средно училиште основа Владата. Приватно средно училиште може да основа домашно и странско правно и физичко лице врз основа на одобрение, кое го дава Владата на Република Македонија по претходно мислење од министерството надлежно за вршење на работите од областа на образованието, доколку се исполнети условите од член 11 на овој закон и доколку плановите и програмите содржат минимум на нормативи и стандарди утврдени за јавното средно училиште.
Со членот 11 од Законот се утврдени условите за основање на средно училиште (да постои потреба на општината, односно државата од одреден вид кадри, да се обезбедат средства потребни за работа, да се донесат планови и програми за воспитно-образовна работа и да се обезбеди опрема, простор, соодветен наставен кадар по сите предмети и доволен број ученици според педагошките стандарди и нормативи), кои важат подеднакво за основање и на јавни и на приватни средни училишта.
Според член 21 од Законот, со наставните планови и наставните предмети се уредуваат целите, наставните подрачја, теми и содржини, образовните стандарди и профилот на наставникот што ја реализира наставата. Образовните стандарди, на предлог на Државниот испитен центар, ги донесува министерот. Програмите се изработуваат според модел на програми кој го донесува министерот на предлог на Бирото за развој на образованието. Во моделот се утврдува и флексибилноста во реализација на наставните подрачја и теми.
Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите и програмите за јавните училишта ги изготвува Бирото за развој на образованието, а ги донесува министерот.
Согласно член 32 од Законот, средното образование се остварува преку планови и програми за:
– гимназиско образование,
– стручно образование,
– средно уметничко образование и
– средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
Според член 33 од Законот, учениците во гимназиското образование полагаат државна матура или училишна матура. Во гимназиското образование може да се реализира и програма за меѓународна матура, која е со иста важност како и гимназиското образование.
По завршување на јавното стручно образование со четиригодишно траење, учениците согласно член 35 став 2 од Законот, полагаат државна матура или завршен испит, а по завршувањето на јавното стручно образование со тригодишно траење учениците, согласно член 35 став 3 од Законот, полагаат завршен испит.
Учениците кои ја завршиле последната година во јавното уметничко образование, согласно член 37 од Законот, полагаат училишна матура според утврдени програми.
Во зависност од следењето на сообразените програми за соодветни занимања, односно образовни профили во средното образование за ученици со посебни образовни потреби, согласно член 39 од Законот, учениците со посебни образовни потреби можат да полагаат државна матура или завршен испит.
Согласно член 38 став 1 од Законот, испитните програми за полагање на испитите во државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура ги донесува министерот, на предлог на Бирото за развој на образованието.
Согласно став 2 на истиот член, начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во државната матура, училишната матура и завршниот испит ќе се уредат со Концепција за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование и со посебен пропис, што ги донесува министерот надлежен за вршење на работите од областа на образованието.
5. Од анализата на наведените уставни и законски одредби несомнено произлегува дека, поаѓајќи од уставните гаранции за обезбедување на правото на образование на секого под еднакви услови, законодавецот со Законот за средното образование јасно определил дека средното образование во Република Македонија се остварува во јавни и приватни средни училишта, утврдил единствени услови за основање на средните училишта, ги определил видовите на средно образование и ги утврдил видовите на завршни испити што се полагаат во секој вид на средно образование.
Испитните програми за полагање на завршните испити што се полагаат во секој вид на средно образование ( државна матура, училишна матура, завршен испит и меѓународна матура), законодавецот определил дека ги донесува министерот надлежен за вршење на работите од областа на образованието, на предлог на Бирото за развој на образованието.
Законодавецот го овластил министерот, на предлог на Државниот матурски одбор, да донесе и Концепција за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование, како и со посебен пропис да го уреди начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити.
Според Судот, овластувањето на министерот надлежен за вршење на работите од областа на образованието, да донесе посебен пропис со кој на единствен начин ќе се уреди начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити во средното образование, е во функција на разработка на одредбите во Законот за средното образование заради нивно извршување во законски утврдените рамки, што е согласно на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Имено, полагањето на завршните испити во средното образование е право и должност на учениците утврдено со Законот. Со Законот се утврдени видовите на завршниот испит во зависност од видот на средното образование и испитните програми за полагање на завршните испити во секој вид на средно образование. Овластувањето со подзаконски акт да се уреди начинот, постапката, организацијата, составот на органите кои ќе го спроведуваат испитот и други прашања од значење за спроведување на испитот, според Судот претставува само доразработување на одредбите на Законот за полагање на завршниот испит, во функција на нивно извршување и не значи овластување кое навлегува во законодавната власт, поради што и не се повредува уставниот принцип на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Видот на прописите и другите акти кои е овластен да ги донесува министерот во рамките на организирањето и обезбедувањето законито и ефикасно вршење на работите и задачите на министерството со кое раководи, се определува согласно одредбите на член 56 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, каде е утврдено дека со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и другите прописи, со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи, а со план и програма се утврдуваат и се разработуваат одделни прашања за извршување на законите и другите прописи за кои е потребно утврдување на рокови и динамика на нивно извршување. Во рамките на оваа законска одредба се определува и видот на прописот кој министерот надлежен за вршење на работите во областа на образованието ќе го донесе за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити во средното образование.
Оттука, Судот оцени дека фактот што во оспорената одредба од Законот за средното образование не е прецизиран видот на прописот што ќе го донесе министерот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити во средното образование (правилник, упатство, решение), туку тоа е оставено на диспозиција на министерот во рамките на надлежностите утврдени со Законот за организација и работа на органите на државната управа, одредбата на законот не ја прави нејасна, непотполна и неразбирлива, како што се наведува во иницијативата, поради што со истата не се повредува темелната вредноста на уставниот поредок – владеење на правото.
Врз основа на наведеното, неспорно е дека посебниот пропис за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити во средното образование, за чие донесување е овластен министерот за образование и наука, е подзаконски акт во функција на разработка на одредбите на Законот за средното образование, заради нивно извршување, поради што Судот утврди дека не може да се доведе под сомнение дека ваквиот акт има карактер на посебен пропис во смисла на член 126 од Уставот, како што наведува подносителот во иницијативата.
Имено, согласно наведениот член од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Ваквото овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието. Посебниот пропис за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на завршните испити во средното образование, пак, согласно Законот за средното образование, го донесува министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, кое пак е орган на државната управа основан за вршење на работите од областа на воспитанието и образованието од сите видови и степени, од што несомнено произлегува неспојливоста на карактерот на овој пропис со карактерот на уредба со законска сила која ја донесува Владата во ситуација на воена или вонредна состојба.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.44/2006
17 и 18 мај 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова