У.бр.82/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 80-г од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005 и 35/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 80-г од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба била неодржлива од уставноправен аспект, затоа што ги исклучувал сите други стручни лица кои исто така можеле да напишат современи учебници, а особено оние кои работеле непосредно со учениците и ја познавале душата на учениците или поранешните автори на тие или слични учебници. А дека е тоа така, можело да се заклучи и од одредбата на членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/2006), според која во членот 80-в по ставот 4 се додавал нов став 5, кој гласи: „На конкурсот можат да учествуваат и авторите на учебниците“.

Според тоа, ако авторите на учебниците можеле да учествуваат на конкурсот, без оглед на тоа што не се лица опфатени со оспорената законска одредба, тоа значело дека тие лица можат да бидат и автори на учебниците.

Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од член 9, како и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 80-г од Законот за основното образование.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 80-г од Законот автор на учебник може да биде лице со високо образование, магистер или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот, доколку со овој закон поинаку не е утврдено.

4. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.143/2003 од 8 и 9 октомври 2003 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 80-г од Законот за дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2003).

Според образложението на наведеното решение со утврдувањето на условот што треба да го исполнува едно лице за да може да биде автор на книга која ќе се користи како учебник во основното образование, а тоа е високо образование, магистратура или докторат на науки од областа за која е наменет учебникот, не се нарушува начелото на еднаквост, односно овие лица не се ставени во поповолна положба во однос на другите педагошки работници со понизок степен на образование имајќи предвид дека тие не се во еднаква правна положба.

Подносителот на иницијативата споредувајќи ја оспорената законска одредба со членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, според кој во членот 80-в по ставот 4 се додава нов став 5 кој гласи: „На конкурсот можат да учествуваат и авторите на учебниците“, смета дека авторите на учебниците можат да учествуваат на конкурсот, без оглед на тоа што не се лица како што предвидува оспорената законска одредба.

По однос на овие наводи Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија согласно членот 110 од Уставот, е надлежен да ја оценува меѓу другото и согласноста на законите со Уставот, а не и меѓусебната согласност на одредени членови од ист закон.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал оспорената законска одредба, а нема основи за поинакво одлучување, и со оглед на тоа што постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.82/2006
10 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова