У.бр.223/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 210 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994-исправка, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005 и 101/2005), во делот според кој престанува да важат членовите 132 и 137 од Законот за внатрешни работи означен во оспорениот член 210 од Законот.

2. Владо Грујовски од Скопје, во свое име и во име на други пет граѓани, во својство на нивни полномошник на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од членот 210 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најпрво се наведува дека со член 210 од Законот, кој што е преодна одредба, е определено дека со почетокот на примената на овој закон (на 01.01.1994 година), престанува да важат одредбите на членовите: 127, 128, 129, 130, 132, 133, 134, 135, 237, 138, 139, 147 и 161 од Законот за внатрешни работи – пречистен текст (“Службен весник на СРМ” бр.37/1980, 24/1988 и “Службен весник на Република Македонија” бр.36/1991 и 19/1992).

Понатаму, во иницијативата се наведува дека дел од оваа материја што со цитираните одредби се регулирала со Законот за внатрешни работи, како права на посебна категорија осигуреници, на сличен или на ист начин била регулирана со одредбите на членовите: 100, 101, 104, 105, 106, 107, 108 и 109 на постојниот Закон за пензиското и инвалидското осигурување.

Меѓутоа, правата кои произлегувале, односно биле предвидени во членовите 132 и 137 од тогашниот Закон за внатрешни работи не биле опфатени и утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Токму поради ова и поради фактот што во преодните и завршните одредби на членот 210 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување не бил даден потребен преоден период на важност на наведените членови од поранешниот Закон за внатрешни работи, според наводите во иницијативата била создадена голема разлика во висината на пензиите меѓу осигуреници од иста категорија, едните пензионирани пред влегувањето во сила на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно до 01 јануари 1994 година, а другите пензионирани по овој датум.

Според наводите во иницијативата, со решението на оспорениот член 210 од Законот, за престанување на важноста на членовите 132 и 137 од Законот за внатрешни работи не бил испочитуван и принципот на преодност, односно било оневозможено остварување на ретроактивно стекнати права на осигурениците кои во моментот на влегување во сила на Законот за пензиското и инвалидското осигурување имале 15-30 години ефективно поминати на работи на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. Исто така не била испочитувана и правната обврска спрема споменативе осигуреници, истите правото на пензија да го остварат според членовите 132 и 137 од Законот за внатрешни работи, како стекнат услов.

Со оглед на тоа што на ова категорија осигуреници со Законот за пензиското и инвалидското осигурување суштествено им се менувале условите за нивните права што произлегуваат од работниот однос во врска со условите за остварување право за пензија, а притоа не бил предвиден потребен преоден-еволутивен период на постепено прилагодување на новите услови на пензионирање, подносителите на иницијативата сметаат дека е повредено владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува и тоа дека со укинувањето, односно со престанокот на важење на членовите 132 и 137 од поранешниот Закон за внатрешни работи, без притоа да се утврди “потребен преоден период” истовремено била извршена дискриминација, социјална неправда и нееднаквост за осигурениците со посебни должности и овластувања од Министерството за внатрешни работи пензионирани по 01 јануари 1994 година во однос на осигурениците со иста положба од Министерството за внатрешни работи пензионирани до 01 јануари 1994 година. Според тоа не била испочитувана ни уставната обврска од принципот на еднаквост – граѓаните што се наоѓаат во иста положба и еднакво да бидат третирани.

Поради наведените причини, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 210 од Законот во делот кој се однесува на престанување на важењето на членовите 132 и 137 од поранешниот Закон за внатрешни работи и да донесе одлука за негово поништување. Исто така се предлага Судот да го определи и начинот на отстранување на последиците од неговата досегашна примена.

3. Судот на седницата утврди дека во член 210 од Законот е предвидено дека со денот на почетокот на примената на овој закон, меѓу другото, престануваат да важат и одредбите на членовите 132 и 137 од Законот за внатрешни работи – пречистен текст (“Службен весник на СРМ” бр.37/1980, 24/1988 и “Службен весник на Република Македонија” бр.36/1991 и 19/1992), во кој дел со иницијативата се оспорува овој член од Законот.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од изнесените уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамките на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок. Тоа од друга страна значи дека уставноста и законитоста на прописите Судот ја оценува само од аспект на нивната содржина, а нема надлежност да одлучува за тоа што тие не содржат, а требало да содржат, на што впрочем и се укажува во ова иницијатива.

Имено, имајќи го предвид наведеното, а разгледувајќи ја содржината на иницијативата во тој контекст, јасно произлегува дека уставноста на член 210 од Законот со иницијативата се оспорува токму поради тоа што во него не бил утврден рок (“потребен преоден период”) во кој осигурениците со посебни должности и овластувања од Министерството за внатрешни работи би можеле да ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување утврдени во членовите 132 и 137 од поранешниот Закон за внатрешни работи и по престанување на важењето на овие членови, односно и по 1 јануари 1994 година, од кога почнува примената на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Оттука, со оглед на тоа што со иницијативата уставноста на член 210 од Законот се оспорува затоа што во овој член не била предвидена содржина, односно одредба каква според подносителите на иницијативата требало да се содржи, па поради тоа тој бил во спротивност со Уставот, согласно наведените уставни и деловнички одредби и досегашната уставносудска практика во исти случаи, Судот одлучи иницијативата да ја отфрли. Ова дотолку повеќе што суштината на барањето во иницијативата е Судот да ги врати во правниот поредок членовите 132 и 137 од поранешниот Закон за внатрешни работи кои се веќе укинати, односно престанале да важат, а за тоа Судот не е надлежен да одлучува.

5. Во однос на прашањето, пак, дали со Законот за пензиското и инвалидското осигурување воопшто, а не со конкретно оспорениот дел на член 210 од Законот, законодавецот ги довел граѓаните – работници со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи во нееднаква положба поради тоа што некои правото на пензија го оствариле според претходниот правен режим, кој бил поповолен, а други ова право го оствариле и ќе го остваруваат според сега важечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување, а кое прашање посредно се наметнува со оваа иницијатива, според Судот во конкретниот случај не може да стане збор за нееднаквост бидејќи овие две категории граѓани правото на пензија го оствариле или треба да го остваруваат врз основа на два различни правни режими. Имено, од аспект на начелото на еднаквост, според Судот битно е што важечкиот правен режим за правата од пензиското и инвалидското осигурување еднакво се однесува за сите работници со посебни должности и овластувања од Министерството за внатрешни работи од денот на примената на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (1 јануари 1994 година) и што со овој закон тие се ставени во еднаква, а не во нееднаква правна положба.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.223/2005
10 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова