86/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2006).

2. Тодор Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на решението означено во точка 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата со оспореното решение за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија се повредуваат член 9, член 20 став 1 и 2, член 22, член 23, член 51, член 62 став 5 и член 63 од Уставот на Република Македонија, како и член 15 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006). Во иницијативата се наведува дека со оспореното решение претседателот на Собранието на Република Македонија определил дека изборите ќе се одржат на 5 јули 2006 година, а роковите за извршување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението во Службен весник на Република Македонија (20 април 2006 година) што било спротивно на Уставот и Изборниот законик, со што претседателот на Собранието на Република Македонија извршил злоупотреба на службената должност што претставува кривично дело што се гони по службена должност. Ова од причини што според подносителот на иницијативата, правото на претседателот на Собранието на Република Македонија да распишува

избори за пратеници од член 67 став 4 од Уставот, не е апсолутно и произволно, туку е определено со роковите во член 63 од Уставот и член 12 од Изборниот законик. Претседателот на Собранието на Република Македонија не можел со денот на одржувањето на изборите да го скусува или продолжува мандатот на пратениците, доколку тоа е спротивно на Уставот (член 63 став 1 и 4 во врска со чен 124 и 125 од Уставот) и Изборниот законик, односно доколку Собранието не се распушти (член 63 став 3 од Уставот).

Со решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија не можел да го супституира Собранието, да ја суспендира волјата на пратениците, ниту да ја претпостави волјата на пратениците, доколку за тоа не постоела одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да го поништи решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, и предлага, до донесувањето на конечната одлука, врз начелата на приоритет и итност, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспореното решение.

4. Уставниот суд на седницата утврди дека Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија содржи 5 точки означени со римски бројки од I-V. Според точка I, се распишуваат избори за пратеници во Собранието на Република Македонија. Според точка II, изборите ќе се одржат на 5 јули 2006 година. Според точка III, роковите за извршување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението во “Службен весник на Република Македонија”. Според точка IV, решението ќе го спроведат Државната изборна комисија и општинските изборни комисии. Според точка V, ова решение влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 и 5 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 22 став 1 од Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Според ставот 2 на овој член, избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Согласно член 62 став 2 од Уставот, пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање.

Согласно член 63 став 1 од Уставот, пратениците во Собранието на Република Македонија се избираат за време од 4 години, а според ставот 3 избори за пратеници за Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав, или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Согласно член 67 став 4 од Уставот, претседателот на Собранието распишува избори за претеници и избор на претседател на Републиката.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно став 3 на овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло или општествена положба.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Имајќи ја предвид досегашната уставносудска практика (Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 156/1994 од 28 септември 1994 и У. бр.169/1994 од 19 октомври 1994) пред Уставниот суд се постави прашањето дали оспореното решение воопшто претставува пропис, осносно акт подобен за уставносудска оцена. Имено, поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува

односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Оспореното решение според Судот, не содржи општи норми на однесување, односно не уредува воопшто односи на општ начин. Тоа според неговата форма и доносител спаѓа во групата правни акти што имаат поединечен карактер односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Според Судот, оспореното решение, и според неговата содржина не уредува правни односи на општ начин. Со оспореното решение не се вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите, затоа што со него не се утврдуваат ниту условите за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, ниту постапката за избор, ниту пак, на општ нашин се утврдува времето, односно роковите за спроведување на изборите, а неговата функција се исцрпува единствено во тоа тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги примени на еден конкретен случај на избор на пратеници за Собранието на Република Македонија кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ги предвид наведените причини, Судот оцени дека оспореното решение не претставува општ правен акт, односно пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија по кој би постапувал Уставниот суд и дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

6. Во врска со предлогот во иницијативата за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспореното решение, имајќи ја предвид одлуката на Судот да ја отфрли иницијативата, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за донесување на вакво решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и
д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 86/2006
10 мај 2006 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова