33/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување месечен паушал за членовите на Советот на општина Струга бр.07-4008/10 донесена од Советот на општината на седницата одржана на 27 декември 2005 година (“Службен гласник на општина Струга” бр.37/2006).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга со Решение У.бр.33/2006 од 15 март 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со Законот за локалната самоуправа.

5. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оспорената одлука се утврдува месечен паушал за членовите на Советот на општина Струга, и тоа: за членовите на Советот 10.000,00 денари месечно, а за претседателот на Советот 13.000,00 денари месечно.

Во член 2 од Одлуката е предвидено средствата за месечните паушали да се обезбедат и исплатуваат од Буџетот на општина Струга.

Согласно член 3 од Одлуката со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за определување висината на надоместокот на членовите на Советот, комисиите, одборите и другите работни тела кои извршуваат работи за Советот на општината бр.07-1543/13 од 26.12.2002 година, а во членот 4 од одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”.

6. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот ЏВИИ точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа органи на општината се советот и градоначалникот.

Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.

Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Во членот 50 од Законот се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои и дека градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.

Согласно членот 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, е должен во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Според ставот 2 од овој член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него.

Според ставот 3 од овој член, ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.

Во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека за иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Со членот 100 од овој закон е предвидено дека до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Со оспорената одлука на Советот на општината се утврдува месечен паушал за членовите на Советот по 10.000,00 денари, а за претседателот на Советот 13.000,00 денари.

Тргнувајќи од содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува до 30% од просечната нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесувањето на посебен закон ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според тоа, Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на месечен паушал за присуство на седници во фиксен износ, како што тоа е определено со оспорената одлука.

Оттука, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука Судот утврди дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници, а не на месечен паушален надоместок, поради што оспорената одлука не е во согласност со наведените одредби од Уставот и Законот за локалната самоуправа.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.33/2006
10 мај 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова