У.бр.145/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството за постапката и начинот на примена на оперативно-технички средства од работници со посебни должности и овластувања во Министерството за внатрешни работи, кое според наводите на подносителот на иницијативата било донесено од министерот за внатрешни работи во 2000 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Упатството означено во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата согласно ова Упатство можеле да се применат следните оперативно-технички средства и мерки: тајна контрола на телефон и други средства за комуникација; тајно фото; видео и аудио снимање; таен претрес; тајна контрола на писма и други пратки и соработка со лица.

Оспореното упатство било донесено без посебен законски основ и надвор од овластувањата што ги имал министерот за внатрешни работи. Имено, министерот за внатрешни работи се повикувал само на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, не почитувајќи го и делот од одредбата на овој член, според кој тој може да донесува прописи, но само ако со закон е овластен, а такво овластување на постоело ниту во членот 74 од Законот за внатрешни работи.

Освен тоа, во иницијативата се наведува дека ова Упатство не било јавно објавено во “Службен весник на Република Македонија”, со што бил повреден и членот 52 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспореното Упатство се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и 4, потоа член 12 став 1 и 2, член 17, член 26, член 51, член 52 став 1 и 2, член 61, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 74 од Законот за внатрешни работи и членовите 55 став 1, 56 став 3 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на неговата уставност и законитост.

Со поднесената иницијатива, подносителот не приложи, односно не му презентира на Судот примерок од оспореното упатство.

3. Судот на седницата врз основа на доставеното известување од Министерот за внатрешни работи под бр.13.1-20154/1 од 4 април 2006 година утврди дека во текот на 2000 година во Министерството за внатрешни работи не било донесено оспореното упатство, односно дека воопшто не е донесен подзаконски акт со таков назив.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согланоста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, а со оглед на тоа што Министерот за внатрешни работи во 2000 година не донел подзаконски акт со назив на актот што се оспорува со оваа иницијатива, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што согласно член 110 од Уставот и член 28 алинеја 3 од Деловникот одлучи истата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.145/2005
10 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова