У.бр.235/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за привремено запирање на постапката за изградба на турски гробишта во с. Василево бр.07-796/1 донесена од Советот на општина Василево на 7 ноември 2005 година (“Службен гласник на општина Василево” бр.7/2005 од 12 декември 2005 година).

2. Славе Христов градоначалник на општина Василево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 120 од Законот за градење, затоа што решение за запирање на натамошната изградба можел да донесе градежен инспектор, а не советот на општината.

Имено, тој смета дека со донесување на оспорената одлука Советот на општината ги пречекорил надлежностите утврдени во Законот за локалната самоуправа.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Василево на 7 ноември 2005 година донел Одлука за усвојување на барањето за измена на урбанистичкиот план, односно дислокација на делот предвиден за изградба на турски гробишта и Одлука за привремено запирање на постапката за изградба на турски гробишта која е оспорена со иницијативата.

По донесување на наведените одлуки од страна на Советот на опстина Василево, градоначалникот на општина Василево согласно член 50 став 1 точка 2 и член 51 од Законот за локалната самоуправа донел Решение за запирање на објавување на Одлуката за усвојување на барањето за измена на Урбанистичкиот план и Решение за запирање на објавување на Одлуката за привремено запирање на постапката за изградба на турски гробишта во Василево.

По донесување на Решението за запирање на објавувањето на Одлуката за привремено запирање на постапката за изградба на турски гробишта во кое се наведува дека донесената одлука не е во согласност со член 120 од Законот за градење, Советот на општината оспорената одлука не ја изменил поради што градоначалникот согласно Законот за локалната самоуправа ја објавил оспорената одлука (“Службен гласник на општина Василево” бр.7/2005) и поднел иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Во случајов оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека станува збор за конкретен акт, односно дејствие кој советот на општината го донел како резултат на преземени активности за измена на урбанистички план, поради што истиот не е пропис и не е подобен за уставносудска оценка.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.235/2005
19 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова