У.бр.222/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 59 став 2 и член 76 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2004).

2. Ристо Арсов од Струмица, Богатин Арсовски од Македонска Каменица, Ѓорѓи Багевски од Делчево, Петко Митревски од Битола, Нико Наумов од Битола, Љупчо Стефановски од Бистрица, Татјана Дамчевска од Битола и Слободанка Тасевска, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување посктапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативите со оспорените законски одредби било предвидено за директор на основно училиште да се избира лице кое покрај општите услови утврдени со закон ги исполнува и условите за наставник, педагог или психолог во основно училиште, да има најмалку пет години работно искуство во установа за воспитно-образовна работа верифицирано од Министерството и положен испит за директор кој е должен да го положи во рок од една година од денот на изборот за директор доколку истиот го немал претходно положено.

Со оваа обврска за полагање на испит за директор, се ограничувало правото кое било утврдено за граѓаните во членот 32 став 2 од Уставот, дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како и се повредувала одредбата од членот 51 став 1 од Уставот според која во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Воедно, со иницијативите се наведува дека оспорените одредби од Законот биле неуставни и поради тоа што не предвидувале за постојните директори кои имале вишо образование да продолжат во основните училишта да ја вршат работата како директори на училиштата, затоа што им била дадена можност и на наставниците со вишо образование да ја вршат одделенската и предметната настава во основните училишта.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004) во членот 59 предвидел дека членот 98 се менува и гласи: „Директорот е раководен орган на основното училиште и е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работење на училиштето.

За директор на основно училиште се избира лице кое покрај општите услови утврдени со закон ги исполнува и условите за наставник, педагог или психолог во основно училиште, има најмалку пет години работно искуство во установа за воспитно-образовна работа верифицирано од Министерството и положен испит за директор.

По исклучок, доколку нема пријавено кандидат со положен испит за директор, за директор може да биде избрано и лице кое не положило испит за директор, но е должно истиот да го положи во рок од една година од денот на изборот за директор.

Доколку избраниот директор не го положи испитот за директор во рокот утврден во ставот 3 на овој член, му престанува мандатот на директор.

Испитот за директор од ставот 2 на овој член се полага пред стручна комисија формирана од министерот составена од претставници на стручните органи на Министерството и универзитетите.

Стручната комисија на кандидатот што го положил испитот му издава уверение за положен испит за директор.

Мандатот на членовите на комисијата од ставот 5 на овој член е две години со право на уште еден избор.

Програмата за полагање на испит за директор ја донесува министерот, на предлог на комисијата од ставот 5 на овој член.

Мандатот на директорот трае четири години.

Директорот на основото училиште го избира и разрешува градоначалникот на општината, согласно со овој закон.

Постапката и начинот на полагањето на испитот за директор, како и формата и содржината на уверението, со посебен акт ги пропишува министерот.

Според членот 76 од овој Закон, постојните директори се должни во рок од една година од почетокот на примената на членот 60 од овој закон да положат испит за директор.

Доколку постојните директори не го положат испитот за директор во рокот утврден во ставот 1 на овој член, им престанува мандатот на директор.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 став 2 од Уставот е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 1 од Законот за основно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/20004, 55/2005, 81/2005, 113/2005 и 35/2006) со овој закон се уредува дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.

Според членот 11 од Законот за основното образование, дејноста на основното училиште е од јавен интерес, основното училиште има својство на правно лице и се запишува во судски регистар.

Според членот 96 став 1 од Законот, орган на управување во основното училиште е училишен одбор.

Во членот 98 став 1 од Законот е определено дека директорот е раководен орган на основното училиште и е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работење во училиштето.

Според членот 99 став 1 од Законот, директорот на основното училиште ја организира и раководи воспитно-образовната и друга работа, самостојно донесува одлуки од делокругот на неговата надлежност утврдена со закон и актите на училиштето и го застапува училиштето пред трети лица.

Во ставот 2 од овој член се определени работите во надлежност на директорот.

Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2004) со членот 59 со кој го изменил членот 98 од Законот, покрај определбата во ставот 1 дека директорот е раководен орган на основното училиште кој е одговорен за законитоста во работењето и материјално-финансиското работење, во ставот 2 ги утврдил условите за избор на директор.

Имено, според оспорената одредба од ставот 2, за директор на основно училиште се избира лице кое покрај општите услови, меѓу другото е предвидено да има положен испит за директор на начин определен со законот.

Со оспорениот член 76 од Законот е предвидено дека постојните директори се должни во рок од една година од почетокот на примената на членот 60 од овој закон (од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје) да положат испит за директор. Доколку постојните директори не го положат испитот за директор во рокот, им престанува мандатот на директор.

Со членот 100-в од Законот е предвидено дека директор кој повторно не е именуван на јавен оглас или е разрешен не по своја вина пред истекот на времето за кое е именуван се распоредува на работно место соодветно на неговата стручна подготовка во училишта на подрачјето на општината и во градот Скопје.

Имајќи ги предвид изнесениве уставни и законски одредби и врз основа на уставносудската анализа на оспорените одредби Судот оцени дека тие не можат да се доведат под сомнение за несогласност со Уставот од аспект на наводите во иницијативите. Ова поради тоа што право на законодавецот е со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува секој кандидат за избор на директор на основно училиште и врз основа на тоа законодавецот ги определил правата и обврските кои подеднакво се однесуваат на сите граѓани без да издвојува како привилегирани едни во однос на други со законското решение за полагање на испит за директор во основно училиште.

Со оглед на тоа, а имајќи предвид дека Судот не одлучува за потребата од други законски решенија кои според подносителите на иницијативите би требало да бидат содржани и од тој аспект истите не ги третираше, Судот утврди дека оспорените законски одредби се во согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.222/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова