У.бр.191/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 31 став 1 алинеја 7 и членовите 40, 41, 42, 43, 44, 45, 47 и 48 од Законот за пратениците (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесени иницијативи од Информативниот центар за граѓанско општество – Скопје, преку полномошникот Влатко Илиевски од Скопје, Илија Мавков од Скопје, ВМРО-ДПМНЕ-Скопје, преку полномошникот Ѓорѓи Наумов од Скопје, Демократски сојуз-Скопје, Стамен Филипов од Скопје, Сојузот на борците од Народно ослободителната и антифаишистичка војна на Македонија – Скопје, Јонче Цветковски од Скопје, Лигата за демократија – Скопје, Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОВ – Кавадарци, Ѓорги Ангелески од Прилеп, Маријан Калиманоски од Скопје, Панче Докузов од Штип и Стојанче Столески од Тетово, со Решение У.бр.191/2005 од 22 февруари 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од оваа одлука од Законот за пратениците.

Собранието на Република Македонија како доносител на Законот за пратеници во определениот рок не достави одговор на наводите на решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените членови.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 31 од Законот за пратениците кој е поместен во Глава V точка 4 “Други лични примања и надоместоци на трошоци” пратеникот има право на надоместоци на трошоци кои се однесуваат на превоз до работа и од работа, хранарина, селење од местото на постојано живеалиште во местото каде што ја врши функцијата пратеник, стручно усовршување и образование, погребни трошоци во висина на просекот на двете последни плати на починатиот пратеник, дневница за службено патување во земјата без трошоци за ноќевање до 8% од просечната плата по работник исплатена во стопанството на Република Македонија во претходните три месеци, трошоци за ноќевање кои се признаваат според приложената сметка, освен во хотелите од Де-лукс категорија, дневница за службено патување во странство, надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели во висиина од 30% од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар за возилото кое се користи, надоместок за одвоен живот од семејството, кој изнесува 40% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци и отпремнина при заминување во пензија во износ од три просечни месечни плати, остварени во претходните три месеца.

Во оспорениот член 31 став 1 алинеја 7 од Законот за пратениците е предвиден надоместок на трошоци за присуство на седници на Собранието и на работното тело на Собранието во висина на дневницата утврдена за службени патувања во земјата.

Со Законот за плати и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Република Македонија (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.36/1990 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 38/1991, 23/1997 и 37/2005) се определени надоместоци за определени материјални трошоци и други примања на носителите на јавни функции.

Оттука, Судот утврди дека, во овој закон се предвидени скоро сите надоместоци на трошоци кои можат да ги примат носителите на јавните функции како и пратениците освен надоместокот за присуство на седница кој со Законот за пратениците е предвиден само за пратениците.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Во членот 32 став 2 од Уставот е предвидено дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според став 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 став 1 од Уставот законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 64 од Уставот пратеникот има право на надоместок утврден со закон.

Во Законот за плати и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, кој беше донесен пред Уставот на Република Македонија и кој со одредени измени се уште е во важност, пратеникот за вршење на пратеничката функција имал право на плата доколку бил на постојана работа во Собранието. Доколку, пак, тој не бил на постојана работа во Собранието имал право на надоместок во висина на разликата меѓу платата што ја остварувал од работен однос и полниот износ на плата на пратеник кој бил на постојана работа во Собранието.

Пратеникот кој не остварувал плата во Собранието и не добивал надоместок односно разлика на плата имал право на надоместок во висина од 30% од полниот износ на плата на пратеникот.

Според Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2006), Законот за пратениците и Деловникот на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 60/2002) функцијата пратеник се врши професионално, пратеникот заснова работен однос и не може да врши каква било друга функција или дејност и за вршење на пратеничката функција пратеникот добива плата.

Во членот 29 од Деловникот е предвидено дека пратеникот има право и должност да присуствува на седница на Собранието и да учествува во работењето и одлучувањето.

Според член 29 став 3 од Деловникот на пратеникот кој отсуствува најмногу три пати од седница на Собранието, а за тоа не го извести претседателот на Собранието му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство.

Од наведеното недвосмислено произлегува дека пратеникот има право и должност да присуствува на седница на Собранието на Република Македонија и на работно тело за што прима плата поради што во конкретниов случај според Судот не може да се најдат аргументи кои би го оправдале овој вид на надоместок кој единствено е предвиден само за пратениците, а не и за другите носители на јавни функции кои исто така учествуваат во работата на органите или телата во кои се избрани, односно имаат ист статус и се корисници на средства од Буџетот.

Оттука, Судот оцени дека одредбата од член 31 став 1 алинеја 7 од Законот не кореспондира, односно не е во согласност со начелото дека секој вработен има право на соодветна заработувачка согласно неговиот придонес во работата, како и со начелото на еднаквост меѓу носителите на јавни функции.

5. Понатаму, Судот утврди во оспорениот член 40 од Законот за пратениците е предвидено дека пратеникот на кого му престанал мандатот може да оствари право на предвремена старосна пензија ако наполнил 25 години пензиски стаж и 55 години старост (маж) односно 25 години пензиски стаж и 53 години старост (жена).

Доколку во моментот на престанок на мандатот пратеникот нема навршено 25 години пензиски стаж, правото на предвремена старосна пензија може да го оствари кога ќе наврши најмалку 25 години пензиски стаж и 55 години старост (маж), односно 53 години старост (жена).

Во оспорениот член 41 од Законот за пратениците е предвидено дека предвремената старосна пензија од членот 40 на овој закон се утврдува во висина од 80% од просечната плата исплатена на пратеникот во претходните три месеци.

Правото од овој член го имаат и пратениците кои претходно стекнале пензија по друга основа доколку тоа е поповолно за нив.

Во оспорениот член 42 од Законот за пратениците е предвидено дека висината на инвалидската пензија кај пратеникот со загубена работна способност се определува согласно со членот 41 од овој закон, доколку таа е поповолна во однос на пензијата утврдена според Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Во оспорениот член 43 од Законот за пратениците е предвидено дека членовите на семејството на покојниот пратеник имаат право на семејна пензија под услови и на начин утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Основица за пресметување на пензијата од ставот 1 на овој член претставува пензијата што покојниот пратеник ја користел или би ја користел според член 41 од овој Закон.

Во оспорениот член 44 од Законот за пратениците е предвидено дека пензијата утврдена со овој закон се усогласува според порастот на платите на пратениците во Собранието.

Во оспорениот член 45 од Законот за пратениците начинот и постапката за остварување на предвремената старосна, инвалидска и семејна пензија се спроведуваат според одредбите од овој закон и Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Пензијата ја пресметува и исплатува Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во постапка утврдена со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Средствата потребни за исплата на пензиите остварени според овој закон до денот на исполнувањето на условите утврдени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и средствата за разликата меѓу висината на пензијата определена според овој закон и пензијата определена според Законот за пензиското и инвалидското осигурување до исполнување на тие услови се обезбедуват од Буџетот на Република Македонија.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека со нив е утврдено: право на предвремена пензија само за пратениците, односно одредена категорија на носители на јавни функции под услови и висина сосема поинакви од оние кои се уредени во системскиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување; право на предвремена пензија да можат да остваруваат и пратениците на кои ќе им престане мандатот тогаш кога ќе ги исполнат условите во поглед на годините на стаж и старост ако во моментот на престанок на мандатот не ги исполнуваат предвидените услови, односно ова право како резервирано право пратеникот ќе може да го оствари и по протек на определен временски период; правото на висината на предвремена пензија да се утврдува во висина од 80% од просечната плата исплатена на пратеникот во претходните три месеци; право на утврдување на пензија во висина од 80% да можат да го остваруваат и пратениците кои претходно оствариле право на пензија по друг основ односно таа пензија да биде коригирана и да изнесува 80% од платата на пратеникот ако тоа е поповолно за пратеникот; право на висината на инвалидската пензија на пратеникот и семејната пензија на членовите на семејството на починатиот пратеник да се утврдува во висина од 80% како што се утврдува и висината на предвремената старосна пензија на пратеникот; право наведените пензии да се усогласуваат според порастот на платите на пратениците, како и тоа дека средствата потребни за исплата на пензиите остварени според Законот за пратениците до исполнување на условите предвидени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како и средствата за разликата меѓу висината на пензијата определена според овој закон и определената според Законот за пензиското и инвалидското осигурување да се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

За целосно согледување за тоа дали и до кој степен Законот за пратениците отстапува од општите правила утврдени со Законот за пензиското и инвалидскто осигурување по однос на утврдувањето на условите за стекнување на пензија и висината на старосната, инвалидската и семејната пензија, Судот ги имаше предвид одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Имено, со Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005 и 101/2005) се уредува системот на задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос, основите на капиталното финансиско пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Според овој закон осигурениците стекнуваат право на старосна пензија кога ќе наполнат 64 години живот (маж) односно, 62 години живот (жена) и најмалку 15 години стаж (член 17).

Понатаму, во наведениот закон е утврден начинот на стекнување и висината на старосната, инвалидската и семејната пензија, највисокиот и најнискиот износ на старосна пензија, како и начинот на усогласување на видовите пензии.

Воедно, Судот утврди дека во Глава IV од Законот за пензиското и инвалидското осигурување “Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови” е предвидено дека одредени осигуреници вработени во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Казнено-поправните установи и Воспитно-поправните домови на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење со оглед на тежината на работните задачи кои ги извршуваат можат да остварат право на пензија ако имаат најмалку 25 години пензиски стаж од кои 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење и 55, односно 50 години живот ако работниот однос им престане по потреба на службата.

За овие осигуреници старосната пензија е определена и изнесува 62%, односно 65,6% и таа се зголемува за 1,2% односно 1,44% од пензиската основа за секоја година при што таа не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основа (член 94 до 109).

Во член 1 од Уставот, Република Македонија се дефинира како суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според став 2 на член 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во членот 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, се утврдени владеењето на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни демократски избори.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор, а според член 35 Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност согласно начелото на социјална праведност.

Непосредните и слободни избори претставуваат непосреден облик на изразување на граѓанскиот суверенитет. Преку изборите граѓаните ги избираат своите претставници во претставничките тела и на тој начин учествуваат во конституирањето на органите на државната власт.

Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката.

Според членот 61 став 2 од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот, а според членот 62 став 5, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Уставот, меѓу другото, е утврдено дека Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање, тие не можат да бидат отповикани и се избираат за време од четири години. Пратениците согласно членот 64 од Уставот, уживаат имунитет и пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието, ниту може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието, исто така, може да одлучи да се примени имунитет над пратеникот и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник. За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили.

Пратеникот има право на надоместок утврден со закон.

Според членот 65 од Уставот, мандатот на пратеникот ќе му престане кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Со одредбата од ставот 4 на овој член од Уставот е предвидено дека на пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци.

Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според членот 66 од Уставот, Собранието е во постојано заседание и работи на седници кои ги свикува претседателот на Собранието.

Собранието, во рамките на своите надлежности определени во членот 68 од Уставот, има уставотворна и законодавна функција, односно ги донесува и изменува Уставот и законите, ги утврдува јавните давачки, донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот, ратификува меѓународни договори, донесува одлука за менување на граници на Републиката, распишува референдум, избира Влада на Република Македонија, избира судии на Уставниот суд на Република Македонија, врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон, врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, дава амнестија и врши други работи утврдени со Уставот.

Во член 1 од Изборниот законик е предвидено дека со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на пратседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на град Скопје, за избор на градоначалник на општините и градоначалник на град Скопје, а со Деловникот на Собранието на Република Македонија, покрај тоа што е утврдена организационата и функционалната поставеност на Собранието се уредуваат и прашања кои се однесуваат на правото и должноста на пратеникот да присуствува на седница на Собранието и да учествува во работата на Собранието, правото на формирање на пратенички групи, правото на информирање на пратениците и обезбедување на услови за вршење на функцијата пратеник, право на пратеникот да поставува пратенички прашања, интерпелација, чување на тајна, имунитет на пратеникот, престанување и одземање на мандатот на пратеникот и друго.

Од наведените уставни, законски и деловнички одредби произлегува дека правата на пратениците кои произлегуваат од карактерот на пратеничкиот мандат како слободен мандат може да се групираат во права кои пратеникот ги остварува самостојно преку индивидуална активност и права кои пратеникот ги остварува колективно, а сето тоа заради остварување на надлежноста на Собранието.

Имајќи го предвид изнесеното, неспорно може да се констатира дека содржината на оспорените одредби од членовите 40, 41, 42, 43, 44 и 45 од Законот за пратениците битно отстапува од општо утврдените принципи за остварување на правата од областа на пензиското и инвалиското осигурување.

Неспорно е дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, исто така, има отстапувања од општите принципи за стекнување на правата од пензиското и инвалидското осигурување за одредени категории на работници и тоа во Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Казнено-поправните и Воспитно-поправните домови. Имено, истите можат под поповолни, односно различни услови од општите да остваруваат право на пензија и тоа поради специфичноста, тежината на работното место и условите под кои ги извршуваат работите и работните задачи и обврски.

Оттука, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот сами по себе и однапред не може да бидат спротивни на уставниот принцип на еднаквост (член 9 од Уставот на Република Македонија) или принципот владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот), затоа што законодавецот утврдил различни – поповолни услови за предвремената старосна пензија за оваа категорија осигуреници. Меѓутоа, според Судот, вака утврдените услови мора да се засноваат на оправдани причини, да бидат во прифатлив сооднос со општите принципи на регулирање на овие права во оваа област, без основи да не се издвојуваат од групацијата на осигуреници на која и припаѓаат за да не би се довела во прашање одредбата од член 1 од Уставот на Република Македонија со која Република Македонија е дефинирана како демократска и социјална држава што индиректно може да се рефлектира врз останатите уставни принципи еднаквост, владеење на правото и социјална праведност.

Во образложението на Предлогот на законот такви оправдани причини не се дадени па соодветно на тоа, при непостоење на такви причини, се поставува прашањето дали статусот, односно правната положба на пратениците која произлегува пред се од Уставот, односно начинот на стекнување на мандатот, правната природа и времетраењето на мандатот, претставничкиот карактер на функцијата, специфичноста на правата, должностите и одговорноста на пратеничката функција, јавноста во работата, ограничениот мандат, неможноста на пратеникот да врши друга професија, должност или профитна дејност и др., може да биде основ, односно причини до степен за отстапување на законодавецот од начелото на еднаквост на правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување.

Според Судот, изнесената положба, односно статус на пратеникот во правниот систем на државата не може да бидат оправдани причини или услови за отстапување од општите принципи во оваа област до степен како што тоа е направено во оспорениот закон.

Напротив, со самиот факт што законодавецот утврдил пред се: многу низок минимален број на години на стаж на осигурување и старост за стекнување на поповолна старосна пензија за пратениците наспроти утврдените во општиот закон за пензиското и инвалидското осигурување за сите граѓани, потоа стекнување на право на предвремена старосна пензија не само по основ на вложен труд и години на старост, туку и по основ на пратенички мандат (најмалку 2 години пратенички мандат), утврдување на висината на износот на старосна пензија по поповолни основи од постојаните и слично, за Судот не само што за тоа не постојат оправдани причини, туку еклатантно е дека оспорените одредби отстапуваат од општите принципи и не се приближни ниту на оние со кои законодавецот отстапил од овие принципи предвидувајќи посебни услови за пензионирање на одредена категорија на работници.

Од друга страна, пак, имајќи ја предвид целокупната законска регулатива со која се утврдени прашањата кои се однесуваат на правата и должностите на другите носители на јавни функции, односно избрани или именувани лица во Република Македонија, а за нив не се утврдени вакви права, основано може да се постави прашањето на еднаквоста на носителите на јавни функции. Имено, во конкретниот случај, Судот оцени дека со предвидувањето на поповолни услови само за одредена група на носители на јавни функции кои се во иста општествена положба со останатите носители на јавни функции законодавецот има нееднаков третман што е на штета на оние кои не се опфатени со овој или друг закон.

Правото на еднаквост е еден од темелните правни принципи утврдени во Уставот на Република Македонија. Ова право опфаќа два елементи, и тоа прво, дека сите граѓани имаат право да бидат еднакво третирани пред законите и второ, дека законот еднакво се применува кон сите граѓани од страна на државните органи. Со други зборови, правото на еднаквост пред законот значи заштита на граѓанинот од секаков вид на дискриминација во уживањето на правата, но и во остварувањето на обврските.

Од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека уставното начело на еднаквост го обврзува законодавецот во уредувањето на односите начелото на еднаквост да го согледа на конкретен, а не на апстрактен начин преку правилото дека со еднаквите еднакво треба да се постапува, а со нееднаквите нееднакво.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното Судот оцени дека со оспорените законски одредби законодавецот утврдил поинакви услови и начин на остварување на предвремена старосна пензија кои во основа не можат да бидат ништо друго освен стекнување на права под привилегирани услови и се однесуваат само на пратениците, а не на сите носители на јавни функции кои се во иста општествена положба или на сите граѓани без за тоа да постојат оправдани основи, со што законодавецот ги става граѓаните во нееднаква положба, што е во директна спротивност со членот 9 од Уставот на Република Македонија.

6. Судот, исто така, утврди дека во член 47 од наведениот закон е предвидено дека правата утврдени во Глава VI на овој закон им припаѓаат на пратениците кои имаат исполнето најмалку половина мандатен период на пратеник во Собранието сметајќи од денот на верификација на мандатот.

Правото од ставот 1 на овој член им припаѓа на пратениците кои правото на плата по нивно барање во месечен износ го остварувале во Собранието почнувајќи од првиот плуралистички состав на Собранието на независна и самостојна Македонија, како и на пратениците кои професионално ја извршуваат функцијата пратеник.

Според член 48 од наведениот закон, лицата кои ги исполнуваат условите за остварување на правото на пензија утврдено во Глава VI на овој закон, правото на пензија ќе започне да го остваруваат од денот на верификација на мандатот на пратениците кои ќе бидат избрани на првите наредни избори за пратеници во Собранието.

Од анализата на оспорените одредби произлегува дека правата утврдени во Главата VI од Законот за пратениците, а кои се однесуваат на правото на предвремена старосна пензија, висината на предвремената старосна пензија, инвалидската и семејната пензија во висина од 80% од просечната плата на пратеникот исплатена во последните три месеци се протега на: пратениците кои имаат исполнето најмалку половина мандатен период во Собранието, сметајќи од денот на верификација на мандатот како и пратениците кои правото на плата по нивно барање го остварувале во Собранието на Република Македонија почнувајќи од првиот плуралистички состав на Собранието на независна и самостојна Република Македонија.

Според член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Забраната на повратното, односно ретроактивното дејство е принцип со кој се зацврстува правната сигурност на граѓаните и претставува брана од подривање на идејата за владеење на правото.

Оттука, отстапувањето од овој принцип и според Уставот на Република Македонија е допуштено само доколку е во корист на остварување на слободите и правата на граѓаните.

Во конкретниов случај факт е дека Законот има повратно дејство што е поповолно, но само за определена категорија на граѓани-пратениците како носители на јавни функции по основ на нивниот статус.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од член 47 и 48 од Законот за пратениците не се во согласност со приницпот на забрана на повратното дејство на законите како и со начелото на владеење на правото.

7. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2005
12 април 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова