У.бр.110/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 92 став 1, член 134 став 2 и 3, член 162 став 2 и 4, член 183 став 1 и 3, член 185 во делот “Социјалистичка”, член 244 став 2 во делот “со општествените средства”, член 277 став 1 во делот “на општествено – политичка заедница” и на ставот 2 на овој член во делот “на здружен труд” од Законот за вонпроцесната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1979).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот во целина означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за вонпроцесната постапка во целина и посебно на член 244 став 2, во делот: “ако таа не е во спротивност со задолжителните прописи за располагање со општествените средства”.

Според наводите во иницијативата оспорениот закон во целина суштински и терминолошки бил во спротивност со Уставот на Република Македонија, затоа што бил донесен во време на важење на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, кога Социјалистичка Република Македонија била во состав на федеративно уредена заедница – СФРЈ, а се уште не бил усогласен со Уставот на Република Македонија од 1991 година и покрај истекот на рокот утврден во член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот.

Во иницијативата се укажува на тоа дека Уставниот суд, со Одлука У.бр.18/1999 од 18 мај 2005 година укинал определени членови и делови од членови на Законот за вонпроцесната постапка, меѓутоа и по оваа интервенција на Судот овој закон во целина не бил во согласност со Уставот поради наведените причини. Ова можело да се заклучи и од примерите што ги наведува во иницијативата.

Така, посебно оспорениот дел на ставот 2 на членот 244 од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 30 и член 51 од Уставот, затоа што се вршело ограничување на правото на сопственост и правото на наследување и тоа пред се на приватната сопственост, а за сметка на општествената сопственост која била иманентна на социјалистичкото општествено уредување, а која повеќе нормативно не егзистира во Уставот на Република Македонија. Или, во членовите 162, 183 и 185 од оспорениот закон биле употребени термините “Социјалистичка” и платежното средство “динари”, кое во Република Македонија поодамна не постои.

Понатаму, во членот 247 став 2 од Законот, се оперирало со “Службата на општественото книговодство” која јавна служба, исто така, поодамна не постоела во Република Македонија.

На крај, се наведува и членот 283 од Законот во кој се оперирало со “општински” суд, кој, како таков не постои, итн.

Од сето ова подносителот на иницијативата заклучува дека оспорениот закон во целина веќе е неупотреблив во практиката и дека со овој закон и со посебно оспорената одредба се повредувале член 1, член 8 став 1 алинеја 3 и 6, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, во инцијативата се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за вонпроцесната постапка во целина и посебно на член 244 став 2 во делот: “ако таа не е во спротивност со задолжителните прописи за располагање со општествените средства”.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за вонпроцесната постапка, со овој закон се утврдуваат правила на постапката според кои постапуваат редовните судови за личните, семејните, имотните и другите правни состојби и односи одредени со овој или со друг закон.

Општите одредби на Законот се содржани во Глава И која ги опфаќа членовите од 1 до 33. Во останатите членови од Законот, кои се систематизирани во одделни делови, односно глави се утврдени правилата на: постапките за уредување на лични состојби, (лишување од деловна способност и прогласување на лице за деловно способно, задржување во здравствена организација за лекување на душевни болести, прогласување на исчезнато лице за умрено и докажување на смртта); постапките за уредување на семејни односи (давање дозвола за склучување на брак, продолжување на родителските права и должности по полнолетството, прогласување на дете за родено во брак); постапките за уредување на имотни односи (расправање на оставина, уредување на начинот на управување и користење на заеднички предмети, уредување на односите меѓу етажните сопственици, делба на заеднички предмет или имот, определување надоместок за експроприрана недвижност) и др.

Во член 244 од Глава ЏИВ од Законот, која се однесува на постапката за определување на надоместокот за експроприрана недвижност е утврдено дека учесниците можат да се спогодат за видот и обемот, односно за висината на надоместокот во пари за експроприраната недвижност (став 1).

Спогодбата од ставот 1 на овој член судот ја внесува во својата одлука, ако таа не е во спротивност со задолжителните прописи за располагање со општествените средства (посебно оспорен дел) и со другите задолжителни прописи.

Судот на седницата, исто така, утврди дека оспорениот закон е донесен во време на важењето на Уставот од 1974 година, односно кога Република Македонија беше во состав на поранешната СФРЈ и истиот досега не претрпел никакви изменувања и дополнувања во смисла на негово усогласување со Уставот од 1991 година.

Сепак, Уставниот суд, одлучувајќи по тогаш поднесена иницијатива, со Решение У.бр.18/1999 од 5 мај 1999 година повел постапка за оценување на уставноста на членовите 35, 75 и 133 став 1 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “СФРЈ” и “Социјалистичка”, на членовите 79 став 1 и 2 и 283 во деловите што се однесуваат на употребата на термините “Службен лист на СФРЈ”, на член 133 став 3 во делот “Социјалистичка” како и на членовите 127 став 2, 133 став 2 и 178 став 2 од Законот за вонпроцесната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.19/1979), додека со истото решение не повел постапка за оценување на уставноста на останатите делови на членовите 35, 75 и 133 од Законот.

Со оглед на тоа што во меѓувреме, а и до денес се уште не е извршено усогласување на оспорениот закон со Уставот на Република Македонија од 1991 година, Судот со Одлука У.бр.18/1999 од 18 мај 2005 година ги укина членовите и делови од членовите за кои претходно беше поведена постапка за оценување на нивната уставност. Оваа одлука е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.42/2005.

Постапувајќи по оваа иницијатива, Судот утврди дека по укинувањето на наведените одредби со означената одлука на Судот терминот “Социјалистичка” покрај во членовите што се наведени во иницијативата се употребува и во членовите 92 став 1 и 134 став 2 и 3, додека во член 277 став 1 се употребува терминот “општествено – политичка заедница”, а во ставот 2 на овој член, терминот “организација на здружен труд”.

5. Во член 1 од Уставот, Република Македонија е дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава и се утврдува дека суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Согласно член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 6 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во овој член од Уставот.

Во членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост, како едно од основните економски права утврдени со Уставот.

Во членот 50 став 1 од Уставот, кој е поместен во делот за гаранциите на основните слободи и права, утврдено е дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Разгледувајќи го оспорениот закон за вонпроцесна постапка во однос на наведените уставни одредби, во однос на кои и се оспорува неговата уставност, произлегува дека употребениот термин “Социјалистичка” во членовите 92 став 2, 134 став 2 и 3, 162 став 2 и 4, 183 став 1 и 3 и член 185 пред името на Републиката не е во согласност со карактерот и името на нашата држава утврдени во Уставот, со што директно се повредува член 1, а и другите членови од Уставот.

Исто така, термините “општествено-политичка заедница” и “организација на здружен труд” употребени во член 277 став 1 и 2 од Законот не се во согласност со основите на општествено-политичкиот и економски систем на Република Македонија воспоставен со Уставот од 1991 година.

Од тие причини, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста со Уставот на член 92 став 1, член 134 став 2 и 3, член 162 став 2 и 4, член 183 став 1 и 3 и на член 185 во делот “Социјалистичка”, како и на член 277 став 1 во делот “на општествено-политичка заедница” и на ставот 2 на овој член во делот “на здружен труд” од оспорениот закон.

Со оглед на тоа што Уставот на Република Македонија од 1991 година воопшто не ја познава општествената сопственост која беше иманентна на претходниот систем на социјалистичкото општествено уредување на Републиката, поради што и со Уставниот закон за спроведување на Уставот е предвидена нејзина трансформација, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста со Уставот и на членот 244 став 2 од Законот, меѓутоа само во делот “со општествените средства”, а не и во целиот оспорен дел во кој посебно се оспорува во иницијативата овој член од Законот.

Ова пред се од причини што според Судот основна и примарна цел на законодавецот со оспорениот дел на член 244 став 2 од Законот “ако таа не е во спротивност со задолжителните прописи за располагање со општествените средства” била не да го ограничи правото на приватната сопственост на сметка на општествената, како што смета подносителот на иницијативата, туку да се оневозможи располагањето со средствата во општествената сопственост спротивно на задолжителните прописи, (за кои се употребува и терминот присилни прописи) што, пак, од сегашен аспект значи дека интенцијата на законодавецот е да се спречи секое противправно располагање со средствата на корисникот на експропријацијата кој согласно Законот за експропријација е должен на поранешниот сопственик на недвижноста да му плати праведен надомест не понизок од пазарната вредност независно од тоа дали се работи за надомест во пари или замена со друга недвижност. Впрочем, оваа одредба од Законот со оваа своја цел соодветствува и кореспондира и со одредбата на член 3 став 3 точка 1 од новиот Закон за парничната постапка, која беше содржана и во Законот кој престана да важи, а според која судот нема да ги уважи располагањата на странките кои се во спротивност и со присилните прописи.

6. Што се однесува до наводите во иницијативата според кои оспорениот закон суштински во целина не бил во согласност со наведенитие уставни одредби, само поради тоа што истиот бил донесен во друг систем на уставно уредување на Република Македонија, се неприфатливи и не претставуваат доволно оправдан основ за да може основано да се постави прашањето за согласноста на овој закон во целина со Уставот. Ова дотолку повеќе што во конкретниот случај се работи за закон со кој се уредуваат прашања од процедурална, а не од материјална, суштинска природа, односно за закон со кој се уредува вонпроцесната судска постапка, а оваа постапка, како посебен вид на судска постапка, согласно Амандман ЏЏВ на Уставот се уредува со закон.

Исто така, ниту употребата на термините “Служба на општествено книговодство”, “динари” и “општински”, на кои исто така се укажува во иницијативата, а кои се резултат на времето кога е донесен Законот, според Судот не го прави оспорениот закон во целина неусогласен со Уставот и неприменлив, како што смета подносителот на иницијативата. Од друга страна, според Судот употребата на терминот “динари” во членот 183 став 4, на терминот “Службата на општественото книговодство” во член 247 став 2 и на терминот “општински” во членовите 296 и 305 од Законот, не ги прави несогласни со Уставот и самите овие членови од Законот, затоа што организацијата на судовите и јавните служби, како и платежното средство во Републиката не се уставна материја, туку се уредуваат со закон, па затоа овие термини можат да имплицираат нивна несогласност само со одделни закони во кои се уредени наведените прашања, а не и со Уставот.

Поради наведените причини, Судот не го постави прашањето за согласноста на Законот за вонпроцесната постапка во целина со Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.110/2005
5 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова