Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр. 02-630 од 5 јули 1995 година и Одлука бр. 02-196 од 28 февруари 1997 година донесени од Собранието на акционери на АД во приватна сопственост Конфекција и трикотажа “Единство” од Струмица.
2. Александар Китанов од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценувување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точка 1 од ова решение.
Изложувајќи ја содржината на двете оспорени одлуки, подносителот на иницијативата укажува дека со начинот на кој била организирана општествената исхрана во АД во приватна сопственост Конфекција и трикотажа “Единство” од Струмица според првооспорената одлука, не се овозможувало користење на дневен оброк, а основицата и висината на надоместокот за исхрана не бил во согласност со член 45 став 2 точка 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.
Во врска со второоспорената одлука, подносителот во иницијативата наведува дека оваа одлука правото на надоместок за исхрана од право по основ на работен однос го третира како дисциплинска мерка, што било во спротивност со член 45 став 2 точка 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија. И двете оспорени одредби биле спротивни на член 5 и член 86 став 2 од Законот за работните односи, како и на член 3 став 2 од Општиот колективен договор за стопанството.
Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и да ги поништи поради тоа што нивната содржина била противуставна и противзаконита.
3. Судот на седницата утврди дека со Одлуката бр. 02-630 од 5 јули 1995 година е уреден начинот на организирање на општествена исхрана на работниците во АД во мешовите сопственост Конфекција и трикотажа “Единство” од Струмица, а со Одлуката бр. 02-196 од 28 февруари 1997 година е уреден начинот на распределба на надоместокот за општествена исхрана на вработените во АД во приватна сопственост Конфекција и трикотажа “Единство” од Струмица.
Првосопорената одлука бр. 02-630 ја донело Собранието на акционери на АД во мешовита сопственост Конфекција и трикотажа “Единство” од Струмица на 5 јули 1995 година.
Второспорената одлука бр. 02-196 ја донело Собранието на акционери на АД во приватна сопственост Конфекција и трикотажа “Единство” од Струмица на 28 февруари 1997.
Подносителот на иницијативата ги спротивставува оспорените одлуки на член 5 и член 86 од веќе неважечкиот Закон за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/93, 14/95, 53/97, 21/98,25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003) кој престана да важи со донесувањето на новиот Закон за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005) и коипредвидувале дека правата од работен однос утврдени со Устав, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот (член 5), односно дека колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од закон (член 86 став 1). Според ставот 2 од овој член, одлуките и актите со кои се одлучува за правата на работниците не смеат да бидат во спротивност со колективниот договор, освен ако се поповолни за работникот.
Соодветните прашања во новиот Закон за работните односи се уредени во член 12 став 2, 3 и 4, додека пак прашањето за надоместоците од работниот однос новиот Закон за работните односи го уредува во член 113. Според став 1 од овој член, работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работата, ме|у другите и за исхрана за време на работа, доколку се исплатува во паричен износ. Според ставот 2 од истиот член од Законот, висината, основицата и рокот за пресметување и исплата на надоместокот на овие трошоци се утврдува со колективен договор.
Според член 45 став 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 20/1994, 30/1994 и 87/2001) работникот има право и на други надоместоци и примања утврдени со колективен договор. Според став 2 од истиот член, основица за пресметување на надоместоците на работниците претставува просечната месечна плата во стопанството на земјата исплатена во претходните три месеци. Согласно овој член, работникот има право на надоместок во висина од 25% за регрес за исхрана, доколку исхраната не е организирана.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи го предвид доносителот на оспорените одлуки, како и нивната содржина, Судот утврди дека тие немаат карактер на пропис кој би бил подобен за уставносудска оцена. Имено, од анализата на двете оспорени одлуки произлегува дека станува збор за интерни акти на акционерско друштво во приватна сопственост со кои се уредува начинот на организирање на општествена исхрана, односно начинот на распределба на надоместокот за општествена исхрана на вработените во акционерското друштво.
Со оглед на тоа што оспорените одлуки не претставуваат пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку интерни акти на акционерско друштво, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната согласност со Уставот и Законот за работните односи и Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У. бр. 38/2006
5 април 2006 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова