Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 март 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 10 став 5 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/2005).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се исклучувало правото на посебна жалба против решение за изречена парична казна донесено од страна на суд во прв степен во парнична постапка, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Имено, посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставувало правото на граѓанинот на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите. Правото на жалба ја имало својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не морала секогаш да биде законита и справедлива и поради тоа по жалбата одлучувал секогаш повисок суд со што се прокламирала и двостепеноста во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси.
Понатаму, според подносителот, жалбата на решението, по правило, имала и суспензивно дејство, односно додека течел рокот за жалба и додека решението што е донесено по жалба не се доставело на казнетото лице, решението не можело да се изврши.
Меѓутоа, во случајот, како што се гледало од одредбата на став 6 на член 10 од Законот за парничната постапка, изречената парична казна присилно се наплатувала по службена должност, иако претходно не било обезбедено загарантираното уставно право на жалба.
Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеите 1 и 3, како и членовите 15, 50 став 1, 51 и 54 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 1 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр, 79/2005), судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката.
Согласно став 2 на истиот член, со парична казна од 50 до 500 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице (странка, замешувач, одговорно лице во правно лице), а со казна во висина од 250 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице, кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Според став 3 на истиот член, со паричната казна од ставот 2 на овој член ќе се казни и застапникот (полномошник или законски застапник), доколку е одговорен за злоупотребата на правата.
Согласно став 4 на истиот член, паричната казна од ставовите 2 и 3 на овој член ја изрекува првостепениот суд. Надвор од рочиштето за главната расправа казната ја изрекува судија поединец, односно претседателот на советот.
Според став 5 на истиот член, против решението со кое е изречена парична казна, не е дозволена посебна жалба.
Согласно став 6 на истиот член, ако изречената парична казна не биде доброволно платена во рокот кој го определил судот, таа присилно се наплатува по службена должност како парично побарување според Законот за извршувањето.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото, се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандманот ЏЏИ точка 1 на Уставот, со кој е заменет членот 15, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.
Согласно член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 2 на истиот член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Според Амандманот ЏЏВ став 4 на Уставот, со кој е заменет членот 98, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите. Користејки го ова право, граѓаните не само што имаат можност да ги заштитат своите права и интереси, туку преку правото на жалба се постигнува и отстранување на незаконитостите во работењето на судовите, со што се придонесува за јакнење на законитоста. Оттука, правото на жалба ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и справедлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок суд со што се прокламира и двостепеност во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси.
Со Законот за парничната постапка се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за основните права и обврски на човекот и граѓанинот во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правните лица, освен ако за некои од наведените спорови со посебен закон не е предвидено судот да одлучува според правилата на некоја друга постапка.
Во оспорениот член 10 од Законот се утврдува дека судот е должен да настојува постапката да се спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци, како и се утврдува обврска за судот да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката. За остварување на оваа обврска, законодавецот го овластил првостепениот суд да изрекува парична казна на странката, замешувачот, одговорното лице во правното лице или застапникот кој ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката. Против решението со кое е изречена паричната казна, не е дозволена посебна жалба. Ако изречената парична казна не биде доброволно платена во рокот што го определува судот, таа присилно се наплатува по службена должност како парично побарување според Законот за извршувањето.
Случаите кога првостепениот суд може да изрече парична казна од член 10 став 2 и 3 на овој закон, се утврдени во натамошните одредби на Законот, и тоа: кога странката, замешувачот, полномошникот или законскиот застапник поднеле барање за изземање на судија или судија- поротник, претседателот на советот или претседателот на судот заради очигледно попречување на судот во преземањето на одредени дејствија или заради одолжување на постапката (член 68 став 4); кога сведокот што е уредно повикан не дојде, а изостанокот не го оправда или без одобрение или оправдана причина се оддалечи од местото каде што треба да биде сослушан (член 233 став 1); кога сведокот дојде и откако е предупреден на последиците одбие да сведочи или да даде одговор на одделно прашање, а судот ќе оцени дека причините за одбивање се неоправдани (член 233 став 2); кога вештакот нема да дојде на рочиште иако е уредно повикан, а изостанокот нема да го оправда, или кога вештакот без оправдана причина одбие да врши вештачење (член 240 став 1); кога странката, законскиот застапник, полномошникот или замешувачот со свои парнични дејствија ги злоупотребиле правата признати со овој закон (член 302); кога лицето кое учествува во постапката или лицето што како слушател присуствува на расправата го навредува судот или другите учесници во постапката, ја попречува работата или не им се покорува на наредбите на претседателот на советот за одржување на редот (член 304 став 1).
Освен наведените случаи во кои против решението за изречената парична казна не се дозволува посебна жалба, во Законот има и други одредби со кои се утврдува дека против одредени решенија не се дозволува посебна жалба. Тоа се случаите кога судот донесува решение со кое е отфрлено недопуштено барање за изземање ( член 66 став 4); решение со кое се усвојува барањето за изземање (член 67 став 5); решение со кое се одлучува за надомест на трошоците во постапката кои на странката и се причинети со истакнување на неосновано барање за изземање (член, 68 став 5); решение за барање на спротивната странка за надомест на трошоците на постапката (член 109 став 3); решение за надомест на противната странка на трошоците предизвикани по вина или случај што и се случил на странката (член 150 став 1); решение за надомест на спротивната странка на трошоците предизвикани по вина или случај што му се случил на законскиот застапник или полномошник на странаката (член 150 став 2); решение со кое се усвојува преиначување на тужбата (член 180 став 8); решение со кое судот прифаќа учество на замешувач (член 195 став 3); решение со кое судот ќе ја повика странката кај која се наоѓа исправата да ја поднесе исправата на која се повикува другата странка (член 218 став 6); решение со кое е одбиен предлогот за прекин на постапката и одлучено е постапката веднаш да продолжи (член 204 став 2); решение со кое изведувањето на доказите му се доверува на претседателот на советот или на замолен судија (член 210 став 6); решение за оправданоста на причините за одбивање на сведочење или давање одговор на одделни прашања (член 225 став 2); решение со кое барањето за изземање на вештакот се одбива (член 239 став 5); решение за определување на вештак, решение за определување на двајца или повеќе вештаци и решение во врска со повторување на вештачењето, изнесување посебен наод и мислење на одделен вештак или барање на мислење од други вештаци (член 247); решение што го донесува претседателот на советотот во текот на подготвувањето на главната расправа, а кое се однесува на управување со постапката (член 263 став 2); решение со кое се дозволува или се одбива изведување на докази (член 285 став 3); решение со кое се одбиваат приговорите на странките во текот на главната расправа за тоа дали тужбеното барање спаѓа во судска надлежност, дали судот е стварно или месно надлежен, дали за истото барање веќе тече постапка, дали работата е пресудена, дали е склучено судско порамнување, ако судот одлучил веднаш да се продолжи расправањето за главната работа (член 286 став 3); решение за исклучување на јавноста (член 295 став 2).
Посебната жалба како правен инструмент се исклучува и во посебните постапки кои се утврдени во Законот. Имено, право на посебна жалба се исклучува во постапката за спорови од работните односи, во случај на донесување решение со кое се одредуваат привремени мерки заради спречување на насилно постапување или заради отстранување на ненадоместлива штета (член 407 став 2); во постапката во споровите поради смеќавање на владение, во случај на донесување решение за привремена мерка заради отстранување на итна опасност од противправно оштетување или спречување на насилство или отстранување на ненадоместлива штета (член 413 став 2).
Во одредбите од Законот со кои се уредува жалбата како редовен правен лек, во членот 368 став 2 е утврдено дека ако со овој закон изречно е определено дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалбата против конечната одлука.
Согласно член 369 од Законот, навремено поднесената жалба го задржува извршувањето на решението, ако со овој закон не е поинаку определено. Решението против кое не е дозволена посебна жалба може веднаш да се изврши.
Во постапката по жалба против решение соодветно се применуваат одредбите што важат за жалбата против пресуда, освен одредбите за одговор на жалбата и за одржување расправа пред второстепениот суд (член 371).
Од анализата на Законот во целина и посебно на наведените одредби, произлегува дека судот во парничната
постапка донесува одлуки во форма на пресуда или решение (член 121 став 1).
Со пресуда судот одлучува за главната работа и за споредните барања .
Решението претставува вид на судска одлука со кое судот одлучува за процесни прашања. За основаноста на тужбеното барање со решение судот одлучува само по исклучок и тоа во постапката поради смеќавање на владение и во постапката за издавање на платен налог. Одлуката за трошоците во пресудата се смета за решение.
Согласно член 337 став 1 од Законот, против пресуда донесена во прв степен странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата, ако во Законот не е определен друг рок. Во меничните и чековните спорови овој рок изнесува осум дена.
Решенијата кои ги донесува првостепениот суд, во зависност од правото на изјавување на жалба против истите, се разликуваат како решенија против кои е дозволена посебна жалба, решенија против кои не е дозволена посебна жалба и решенија против кои не е дозволена жалба.
Решенијата за кои е пропишано дека не е дозволена посебна жалба, по правило, се решенија кои се однесуваат на управување со постапката и имаат за цел да се спречат злоупотребите од учесниците во постапката и одолговлекувањето на постапката.
Меѓутоа, со цел да се испита законитоста и на решенијата против кои не е дозволена посебна жалба, законодавецот утврдил дека жалбата и против ваквите решенија не е исклучена, но поради тоа што можат да имаат влијание врз одлучувањето за главната работа и поради спречување на одолговлекувањето на постапката, истата е дозволена при изјавување на жалба против конечната одлука. Тоа значи дека во жалбата со која се побива конечната одлука се наведува незаконитоста на постапката при донесувањето на односното решение, односно неговата незаконитост. Притоа, жалба против решението можат да изјават сите учесници во постапката на кои се однесува решението (странките, замешувачите, застапниците, сведоците, вештаците). Решавајќи по жалбата, второстепениот суд ќе одлучи и за укажаната незаконитост на решението и по потреба ќе го преиначи, укине или предметот ќе го врати на повторно одлучување (член 370).
Според тоа овој вид решенија не го исклучуваат правото на жалба, поради што со ваквите решенија не се повредува уставното право на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд.
Со оглед на тоа што решението со кое е изречена парична казна врз основа на членот 10 став 2 и 3 од Законот претставува решение против кое не е дозволена посебна жалба, туку истото може да се побива во жалбата против конечната одлука во смисла на член 368 став 2 од Законот, според Судот со одредбата од членот 10 став 5 од Законот не се отстапува од уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во постапка во прв степен пред суд, поради што и не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Амандманот ЏЏИ точка 1 на Уставот на Република Македонија.
Судот оцени дека прашањето за согласноста на оспорената одредба не може да се постави ни во однос на одредбата на член 50 став 1 од Уставот, според која на секој граѓанин му се гарантира судска заштита на неговите слободи и права во случај кога тие се повредени или загрозени, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Ова од причина што со оспорената одредба не се ограничува судската заштита на правата на граѓаните, туку таа е дел од постапката со која се пропишува нивното остварување. Во членот 10 од Законот чиј дел е оспорената одредба е содржано начелото на процесна економија, согласно кое судот е должен да настојува без одолговлекување и во разумен рок, со што помалку трошоци да ја спроведе постапката и да оневозможи секаква злоупотреба на процесните овластувања од странките и другите учесници во постапката, што е во функција на остварување на начелото на приоритет и итност. Притоа не се засега во правото на учесникот во постапката кој е незадоволен од донесеното решение, истото да го побива во жалбата против конечната одлука.
Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба, меѓу другото, не е во согласност и со член 54 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност и во однос на овој член од Уставот. Ова од причина што оспоренатата одредба не треба да се анализира изолирано, туку во контекст на целината на Законот, од каде неспорно произлегува дека жалба против овие решенија се остварува согласно одредбите на членот 368 став 2 од Законот. Фактот што поднесувањето на жалбата против решението е одложено до моментот на стекнување право на жалба против конечната одлука, според Судот не претставува ограничување на правото на жалба како дел од корпусот на слободи и права на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот на Република Македонија, туку рационално постапување во строго определена постапка со која се овозможува брзо и ефикасно постапување на судовите во споровите за кои се суди во парнична постапка, што има за цел зголемување на степенот на заштитата на правата на граѓаните и другите правни субјекти во постапката.
Поради овие причини, според Судот, не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба ниту со член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот, со кој како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, како и владеењето на правото, ни во однос на член 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.7/2006
29 март 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова