У.бр.155/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на иленовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и илен 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 март 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ: членот 14 став 2 во делот: “Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.”, членот 22 став 4 во делот: “Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.”, членот 32 став 5 во делот: “и висината на надоместокот за добивање на овластување од ставот (4) на овој член” и членот 48 став 4 во делот: “и начинот на пресметување и висината на надоместокот за работа на комисијата” од Законот за градење (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.155/2005 од 25 јануари 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот за градење, означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 14 став 1 од Законот за градење, градителот може да определи лице, кое во негово име ќе ги води сите организациони работи за следење на процесот на градење, на ниво на идеја, преку проект, изградба, се до добивање на одобрение за употреба, со финансиско и материјално следење на средствата во процесот на изградбата за градби од прва до трета категорија, од членот 50 од овој закон. Управителот на градба може да биде лице регистрирано во трговскиот регистар за вршење на таа дејност, ако има лиценца и вработено најмалку едно лице од архитектонска или градежна струка со овластување.

За добивање на лиценцата од став 1 на овој член управителот на градба е должен да плати соодветен надоместок. Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 2).

Членот 14 став 2 од Законот се оспорува во делот: “Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот”.

Според член 22 од Законот, изведувач на градби од прва и втора категорија, од членот 50 на овој закон е правно лице кое е регистрирано во трговскиот регистар, за изведување на градежни работи кое има лиценца А со важност од пет години, со можност за нејзино продолжување, издадена од Комората (став 1).

Изведувач на градби од трета, четврта и петта категорија, од членот 50 од овој закон е правно лице кое е регистрирано во трговскиот регист ар, за изведување на градежни работи кое има лиценца Б, со важност од десет години со можност за нејзино продолжување, издадена од Комората (став 2).

За добивање на лиценците од ставовите 1 и 2 на овој член, изведувачот е должен да плати соодветен надоместок. Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 4).

Членот 22 став 4 од Законот се оспорува во делот: “Висината на надоместокот ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот”.

Според член 32 од Законот, за вршење на работи: изработка на проектна документација, ревизија на проекти, надзор на изградбата е неопходно овластување од Комората (став 1).

Овластувањето Б се добива од Комората, за градби од трета и четврта категорија од членот 50 на овој закон, со важност од седум години и со можност за негово продолжување (став 2).

Овластувањето А за градби од прва и втора категорија од членот 50 на овој закон се добива од Комората, по најмалку пет години од добиеното овластување Б од ставот 2 на овој член. Овластувањето А е со важност од пет години, со можност за негово продолжување (став 3).

За добивање на овластувањето од ставовите 2 и 3 на овој член се плаќа надоместок (став 4).

Начинот на издавање, продолжување и одземање на овластувањето од ставовите 2 и 3 на овој член, како и формата и содржината на образецот за овластувањето А и овластувањето Б и висината на надоместокот за добивање на овластување од ставот 4 на овој член, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 5).

Членот 32 став 5 се оспорува во делот: “и висината на надоместокот за добивање на овластување од ставот 4 на овој член”.

Според член 47 став 1 од Законот, идејниот проект, основниот проект и изведбениот проект за градби од членот 50 на овој закон, изработени според странски прописи се усогласуваат со прописите за градење на Република Македонија со утврдување на усогласеност на проектитенострификација.

Според член 48 од Законот, нострификацијата на проектите ја спроведува Комората (став 1).

Нострификацијата од ставот 1 на овој член ја врши комисија. Комисијата ја именува претседателот на Комората. За членови на комисијата се именуваат претставници од Комората со овластувања добиени согласно член 32 од овој закон (став 2).

Комисијата од ставот 2 на овој член составува писмен извештај, го заверува проектот и дава согласност за нострификација (став 3).

Постапката за нострификација, содржината на писмениот извештај, согласноста за нострификација, начинот на заверување на проектите од страна на комисијата и начинот на пресметување и висината на надоместокот за работа на комисијата ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 4).

Членот 48 став 4 од Законот се оспорува во делот: “и начинот на пресметување и висината на надоместокот за работа на комисијата”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и друг ите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Од анализата на целината на одредбите од Законот за градење, како и од анализата на оспорените одредби според Судот произлегува дека законодавецот предвидел овластување за министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот да ги определува висината на: надоместокот за добивање на лиценца за управител на градба, надоместокот за добивање на лиценца за изведувач на градби и надоместокот за добивање на овластување за вршење на работите од членот 32 став 1 од Законот, како и за пропишување на начинот на пресметување и висината на надоместокот за работа на комисијата за нострификација. Меѓутоа, во целината на Законот, како и во оспорените законски одредби недостасуваат критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на четирите видови надоместоци.

Според Судот, со оставената можност, без конкретна законска рамка да се определува висината на надоместоците за: добивање на двата видови лиценца, за добивање на овластување или пак за работа на комисијата за нострификација се остава простор за мешање на извршната во законодавната власт, кои, пак, во системот на поделбата на власта се јасно разграничени. Воедно ваквиот недостаток на оспорените одредби остава и можност за арбитрерност.

Оттука, според Судот овластувањето што произлегува од оспорните одредби нема уставна основа со оглед на тоа што Зак онот за градење не содржи никакви параметри за утврдување на висината на надоместоците, поради што оцени дека оспорените делови на законските одредби не се во согласност со принципот за поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

Конечно, даденото законско овластување на надлежниот министер да ја утврди висината на наведените надоместоци без постоење на законска рамка, според Судот не е во функција на утврдување и разработка на одделни законски одредби заради нивно извршување, како што е предвидено во член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и води кон утврдување на права и обврски за граѓаните и правните лица во подзаконски акт, што не е дозволено според член 61 став 1 од истиот закон.

Од истите причини оспорените делови од одредбите не се во согласност и со останатите одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното Судот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

 

У.бр.155/2005
22 март 2006 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова