204/2005-0-0

Вовед

– Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 17-а, член 14 став 1 точка 3 во делот “и налози за блокада на средства”, член 2 алинеја 11 и член 16 во делот “и налозите за блокада на средствата” од Законот за платниот промет (” Службен весник на Република Македонија” бр.32/2001, 50/2001, 52/2001-исправка, 103/2001, 37/2002, 41/2002-исправка, 61/ 2002 и 42/ 2003).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива од Панче Нефтенов од Скопје и по сопствена иницијатива со Решение У.бр.204/2005 од 30 ноември 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на тие одредби од Законот.

5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 17-а од Законот, Министерството за финансии и Агенцијата за управување со средства, за пристигнатите, а неплатени побарувања кои на Агенцијата за управување со средства и на Министер- ството за финансии им се пренесени со закон даваат налог за блокада на средства до носителот на платниот промет каде што учесникот во платниот промет има сметка.

Во случај на недостиг на средства за потполно извршување на налогот за блокада на средства од ставот 1 на овој член, носителот на платниот промет постапува согласно со одредбите од членот 17 на овој закон.

Во членот 14 од Законот се утврдени субјектите кои што може да издаваат платен инструмент на товар на сметката на учесникот во платниот промет. Според ставот 1 точка 3 од овој член, платен инструмент може да издаде носителот на платен промет меѓу другото врз основа и на налози за блокада на средства, во кој дел се оспорува оваа точка на членот 14 од Законот.

6. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Како една од основите на економските односи во Република Македонија, Уставот во членот 55 став 1 ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во ставот 2 на истиот член, меѓу другото, е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Во Амандманот ЏЏВ на Уставот е утврдено дека судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според овој амандман на Уставот, исто така, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Платниот промет во земјата е уреден со Законот за платниот промет, чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива во однос на напред означените одредби од Уставот.

Поимот “платен промет” употребен во Законот за платниот промет, според членот 2 на овој закон означува плаќања во денари што ги вршат учесниците во платниот промет преку носителите на платниот промет.

Според членот 3 од Законот, носители на платниот промет се Народната банка на Република Македонија и банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет согласно со закон.

Во членот 8 од Законот е утврдено дека за вршење на платниот промет се користат платни инструменти, чиј вид, форма и содржина ги пропишува министерот за финансии.

Учесникот во платниот промет (а тоа е секое домашно или странско правно и физичко лице кое врши регистрирана дејност или друго физичко лице, кое врши плаќање во денари преку носителите на платниот промет) согласно член 9 од Законот може да има повеќе сметки кај еден носител на платниот промет, како и да има сметки кај повеќе носители на платниот промет.

Според членот 16 од Законот, носителот на платниот промет е должен да ги извршува решенијата за присилна наплата и налозите за блокада на средствата во согласност со закон. Во случај да има повеќе решенија за присилна наплата и налози за блокада на средствата, истите се заведуваат во евиденции според датумот и времето на нивното пристигнување и по истиот редослед се извршуваат.

Инаку, поимот “Решение за присилна наплата” употребен во Законот за платниот промет, според членот 2 алинеја 9 на овој закон го има значењето на правосилна судска одлука за дозвола за извршување, извршно решение за казна за прекршок, извршно решение за јавни давачки или решение на други органи овластени со закон. Согласно алинејата 11 на истиот член од Законот “Налог за блокада на средства” е налог во писмена форма со кој се врши блокада на средства од сметката на учесникот – должник, согласно со закон.

Конечно, во членот 17 од Законот е утврден начинот на извршување на решението за присилна наплата од страна на носителот на платниот промет на кој му е доставено. Според ставот 2 на оспорениот член 17-а, согласно одредбите на член 17 од Законот носителот на платниот промет постапува и во случај на недостиг на средства за потполно извршување на налогот за блокада на средствата издаден од Министерството за финансии и Агенцијата за управување со средства.

Разгледувајќи ги оспорените законски одредби во контекст на наведените и другите одредби од Законот за платниот промет произлегува дека овој закон режимот за присилна наплата на пристигнати, а неплатени побарувања преку носителите на платниот промет го уредил на различен начин зависно од субјектот на побарувањето. Така, во однос на наплатата на побарувањата на Агенцијата за управување со средства и на Министерството за финансии законодавецот ги овластил овие субјекти директно да издаваат налози за блокада на средства до носителот на платниот промет каде што учесникот во платниот промет има сметка. Овие налози носителот на платниот промет е должен да ги извршува.

За разлика од тоа, за присилна наплата на побарувањата на сите учесници во платниот промет, со плаќање од нивните сметки што се водат кај носителите на платниот промет, Законот предвидува постоење на решение за присилна наплата, со значење што овој термин го има во смисла на овој закон, а тоа е, како што веќе е наведено, правосилна судска одлука за дозвола за извршување, извршно решение за казна за прекршок, извршно решение за наплата на јавна давачка или решение на други органи овластени со закон.

Од наведеното произлегува дека Агенцијата за управување со средства и Министерството за финансии, а со тоа и државата, како посебен субјект, со оспорените законски одредби се ставени во привилегирана положба во однос на другите субјекти – учесници во платниот промет, затоа што, според овие одредби и Агенцијата и Минис- терството без соодветна постапка за докажување на основаноста на своето побарување и без постоење на посебна одлука (решение) од страна на надлежен орган за тоа, само со издавање на налог за блокада на средствата можат да обезбедат наплатување на своето побарување. Тоа не е случај за субјектите кои во с мисла на овој закон се сметаат за учесници во платниот промет, па ниту за другите државни органи, кои, исто како и Министерството за финансии во име на Републиката имаат или може да имаат побарувања по разни основи од учесниците во платниот промет. Имено, во сите овие случаи законодавецот индиректно инсистира на потребата од постоење на извршен наслов кој што претходи на решението за присилна наплата во смисла на членот 2 алинеја 9 од Законот.

Освен тоа, според Судот ваквиот двоен режим на уредување на ова прашање ги доведува и самите учесници во платниот промет во меѓусебна нееднаква положба, односно ги третира различно во зависност од субјектите во однос на чие побарување се јавуваат како должници.

Оттука, Судот утврди дека со оспорените законски одредби не само што генерално се повредува принципот на владеењето на правото, туку се повредува и уставната определба за еднаквата правна положба на субјектите на пазарот и поради тоа оцени дека членот 17-а и член 14 став 1 точка 3 во делот “и налози за блокада на средства” од Законот за платниот промет не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 став 2 од Уставот. Од истите причини Судот по сопствена иницијатива оцени дека со наведените уставни одредби не е во согласност ниту член 2 алинеја 11, ни член 16 од Законот во деловите “и налозите за блокада на средствата”.

7. Во врска со наводите во иницијативата дека оспорените законски одредби биле неприменливи и нејасни бидејќи Агенцијата за управување со средства на која се упатува во оспорениот член 17-а од Законот не постоела во правниот поредок, Судот утврди дека согласно член 4 од Законот за Агенцијата на Република Македонија за управување со средства (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/2001), оваа агенција престанува со работа на 31 март 2004 година. Поради тоа, овој факт, исто така, е една од причините поради кои Судот оцени дека членот 17-а од Законот не е во согласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Со оглед на тоа што оваа одлука е конечна и извршна Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.204/2005
1 февруари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова