127/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Советот на општина Кисела Вода, бр.07-792/6 од 3 јуни 2005 година, донесена од Советот на општина Кисела Вода (“Службен гласник на град Скопје” бр.6/2005) како неуставна и незаконита во време на нејзиното важење.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Јонче Цветковски од Скопје, со Решение У.бр.127/2005 од 2 ноември 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одребите од Уставот на Република Македонија, како и со член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Кисела Вода на третата седница одржана на 3 јуни 2005 година, согласно член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа и член 24 и 40 од Статутот на општината донел Одлука за утврдување надоместок на членовите на Советот на општината Кисела Вода.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се утврдува надоместок на членовите на Советот на општината Кисела Вода за извршување на задачите сврзани со остварувањето на функцијата член на Советот, која ќе важи до донесувањето на нов Закон за надоместоци на членовите на Советот.

Според член 2 од Одлуката, надоместокот од член 1 на оваа одлука на членовите на Советот се утврдува на месечен износ од 12.000,оо денари, и тоа за присуство на седници, учество во работа на работните тела на Советот, за извршување на задачите кои ќе ги довери Советот, за непосредно следење на одредени прашања од надлежност на Советот, за учество во изготвување и проучување на материјали за Советот, за контактирање со институции и граѓани и за посети на месните заедници, општествени организации и здруженија на граѓани и за вршење на други задачи.

Според член 3 од Одлуката, на претседателот на Советот надоместокот од член 1 на оваа одлука се утврдува во износ од 18.000.оо денари.

Според член 4 од Одлуката, на членовите на Советот определени за склучување на бракови за ангажираност на деновите кога се склучуваат бракови се утврдува надоместок од 1.200,оо денари во кој е пресметан и надоместок за користење на превоз.

Според член 5 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од конституирањето на Советот.

Според член 6 од Одлуката, одлуката ќе се објави во “Службен гласник на град Скопје”.

Одлуката е донесена под бр.07-792/6 од 3 јуни 2005 година.

Судот, исто така утврди дека Советот на општина Кисела Вода донел Одлука бр.07-3776/4 од 22 ноември 2005 година, за определување на надоместок на членовите на Советот на општина Кисела Вода, со која во членот 4 е определено дека оспорената одлука бр.07-792/6 од 3 јуни 2005 година престанува да важи.

Новата одлуката е објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.15 од 8 декември 2005 година и истата влегла во сила на 16 декември 2005 година.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македо- нија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истиот член од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно член 45 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.

Во Главата ЏВ од истиот Закон, со наслов: “Преодни и завршни одредби” во членот 100 е определено дека до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 70 алинеја 6 од Деловникот на Судот, Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување.

7. Тргнувајќи од содржината на цитираните законски одредби, произлегува дека законодавецот определил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници. Со одредбите на овој закон не се навле- гува во посебно уредување на правото на надоместок на членовите на Советот за: учество во работа на работните тела на Советот, за извршување на задачите кои ќе ги довери Советот, за непосредно следење на одредени прашања од надлежнос т на Советот, за учество во изготвување и проучување на материјали за Советот, за контактирање со институции и граѓани, за посети на месните заедници, општествени организации и здруженија на граѓани, за вршење на други задачи или пак за ангажи- раност во деновите кога се склучуваат бракови, како што се определува со оспорената одлука.

Според тоа, Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на месечен паушал за присуство на седници и извршување на други задачи во фиксен износ, како што тоа право е определено во оспорената одлука.

Оттаму, анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос на член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, Судот утврди дека членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седници, а не на месечен паушален надоместок, од што произлегува несогласноста на Одлуката со наведените законски одредби.

Врз основа на одредбите на Законот за локалната самоуправа Судот оцени дека претседателот на Советот е член на советот и како таков може да има право на надоместок како и другите советници, но не и на паушален надоместок, како што определува оспорената одлука.

Со оглед на фактот што со оспорената одлука се предвидува истата да влезе во сила со денот на донесувањето, а не по објавувањето, како што уредил член 51 став 1 од Уставот, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со наведената уставна одредба.

Конечно имајќи го предвид фактот што оспорената одлука е донесена на Третата седница на Советот, а со неа се предвидува истата да се применува од конституирањето на Советот, што значи дека истата има повратно дејство сметано од првата седница, Судот оцени дека Одлуката не е во согласност и со членот 52 став 4 од Уставот.

Имено, според Судот во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил членот 52 став 4 од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица-вршители на должност членови на Советот на точно определена единица на локалната самоуправа, општината Кисела Вода.

Судот имаше предвид дека во текот на постапката оспорената Одлука престана да важи, меѓутоа врз основа на истата се вршени исплати на надоместоци за кои немало уставна и законска основа, при што Одлуката имала и ретроактивно дејство, поради што оцени дека има основа за утврдување на нејзина неуставност и незаконитост во време на нејзиното важење, согласно член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа Одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.127/2005
28 декември 2005 година
С к о п ј е
мл/ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова