71/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав-носта на член 140 став 2 и став 3, член 143 став 3, член 144 став 3, член 149 став 2 во делот “основна лиценца”, член 153-а, член 153-б став 1 и став 2, член 153-к став 1 во делот “основна лиценца” од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004 и 84/2005) и член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на член 140 став 5 од Законот за здравствена заштита со член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита.

3. Велимир Јовановски и Драгослав Станковиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби лекарите и стоматолозите биле ставени во нееднаква положба во однос на дип-ломираните фармацевти и во однос на сите други работници со висо-ко образование, затоа што за нив се воведувало задолжи-телно стекнување на основна лиценца со која мо-желе да укажуваат здравствена заштита само под надзор на здрав-ствен работник кој поседувал лиценца за работа. За разлика од нив, здравствените работници со високо образование од областа на фармацијата биле ставени во привилегирана положба, затоа што законодавецот за нив не пропишал добивање на основна лиценца за работа ниту задолжителна специјализација за стекну-вање на лиценца за работа.

Во дополнителната иницијатива, одредбата од ставот 5 на член 140 од Законот (која по исклучок доз-волувала здравствените работници од областа на медицината и стоматологијата да можат со основ-на лиценца самостојно да укажуваат здравствена заштита доколку при пополнувањето на работното место не се јавеле здравствени работници со лиценца за работа) била во колизија со одредбата од член 46 од Законот која предвидувала во рок од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон примарна здравствена заштита да можат да укажуваат самостојно и здравствените работници со високо образование кои се стекнале со основна лиценца согласно со одредбите на овој закон.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 140 став 2 од Законот здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат да укажуваат здрав-ствена заштита под надзор на здравствен работник со лиценца за работа по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит и добивањето на основна лиценца.

Според став 3 на овој член од Законот здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат самостојно да ука-жуваат здравствена заштита по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит, завршувањето на специја-ли-зација, односно субспецијализација и соодветна лиценца за рабо-та.

Во членот 143 став 3 од Законот е предвидено дека здравствените работници со високо образование струч-ниот испит го полагаат пред испитни комисии кои ги образува Лекар-с-ката, Стоматолошката односно Фармацевтската комора од редот на лицата определени согласно член 142 став 2 на овој закон.

Членот 144 став 3 од Законот предвидува дека составот на испитната комисија, начинот на полагање на испитот, начинот на проверката на стекнатите знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит и основната ли-ценца ги утврдува Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацев-т-ската комора со општ акт на кој министерот за здравство дава сог-ла-сност.

Според членот 149 став 2 од Законот здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат да специјализираат ако имаат завршен приправнички стаж, положен стручен испит и основна лиценца.

Во членот 153-а од Законот е предвидено дека здравствен работник со високо образование од областа на медицината и стоматологијата може да се стекне со основна лиценца ако има: диплома за завршено соодветно високо образование; доказ за завршен приправнички стаж и доказ за положен стручен испит.

Според ставот 2 на овој член од Законот здравствен работник со завршено соодветно високо образование од областа на медицината или стоматологијата или со поминат приправнички стаж и положен стручен испит во странство може да се стекне со основна лиценца ако има: нострифицирана диплома за завршено соодветно висо-ко образование и доказ за признаен приправнички стаж и положен стручен испит.

Согласно член 153-б став 1 од Законот здравствен работник со високо образование од областа на медицината или стоматологијата може да се стекне со лиценца за работа ако, покрај условите од член 153-а став 1 на овој закон има и основна лиценца и соодветна специјализација или соодветна субспецијализација.

Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека здравствен работник со високо образование од областа на медицината или стоматологијата кој се стекнал со лиценца за работа во странство може да се стекне со лиценца за работа ако, покрај условите од членот 153-а став 2 на овој закон има и доказ за признаена соодветна специјализација или субспецијализација, препорака од комората во која членувал и доказ за претходно работно искуство во дејноста за која бара лиценца за работа.

Според членот 153-к од Законот начинот на издавањето на основната лиценца, како и начинот на издавањето и продолжувањето, обновувањето и одзе-ма-њето на лицецната за работа и формата и содржината на обрасците на лиценците за здравствен работник со високо образование од обла-ста на медицината и стоматологијата поблиску ги утврдува Лекар-с-ката односно Стоматолошката комора со општ акт на кој министерот за здравство дава согласност.

Членот 46 од Законот за изменувањее и дополнување предвидува дека во рок од седум години од денот на влегувањето во сила на овој закон примарна здравствена заштита можат да укажуваат самостојно и здравствените работници со високо образование кои се стекнале со основна лиценца согласно со одредбите на овој закон.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македо-нија една од темелните вредности на уставниот поредок на Репубиката е владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Во членот 32 став 1 од Уставот е предвидено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Од наведените уставни одредби (на кои се повикуваат подно-сителите на иницијативата) произлегува заштита на правото на вработување и слободен избор на истото, заштита при работењето и слично што, според Судот, нема допирна точка со спорното прашање наведено во иницијативата.

Што се однесува до прашањето за владеење на правото во Република Македонија и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, Судот оцени дека со оспорените одредби тие начела не се повредени. Притоа, ја има предвид одредбата од член 34 од Уставот на Република Македонија според која граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Тоа значи дека Уставот со упатна норма го овластува законодавецот да ги уреди прашањата во врска со воведувањето, здоби-ва-њето и начинот на издавањето на основната лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на меди-цината и стоматологијата.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на овие одредби од Законот за здравствената заштита, како и на одредбата од член 153-б став 2 од Законот која ги утврдува условите што треба да ги исполнува здравствениот работник со високо образование од областа на медицината или стоматологијата кој се стекнал со лиценца за работа во странство.

Судот оцени дека со членовите 144 став 3, 149 став 2 и 153-к од Законот се уредуваат прашања од техничка природа кои се однесуваат на соста-вот на испитните комисии за полагање на стручниот испит, условите што кандидатите треба да ги исполнуваат за полагање на специја-ли-стичкиот испит, определувањето на формата на обрасците на лиценците и слично за што, според Судот, не е спорно дека законодавецот е овла-стен за нивно уредување.

Во врска со оспорената одредба од член 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита која предвидува рок од седум години од денот на влегувањето на овој закон во сила во кој примарна здравствена заштита можат да укажуваат самостојно и здравствените работници со високо образование кои се стекнале со основна лиценца за работа согласно со одредбите на овој закон, Судот оцени дека оваа одредба има карактер на преодна одредба која што на овој вид работници всушност во предвидениот рок им дава можност да завршат специјализација и да положат испит за здобивање на лиценца за работа.

Имајќи го предвид изнесеното, во контекст на видовите на професиите (фармацевти и лекари), Судот оцени дека законодавецот со тоа што не предвидел фармацевтите да се стекнуваат со основна лиценца за работа и со тоа што им дава можност да специјализираат само со завршен факултет и приправнички стаж, не го повредил начелото на еднаквост, односно дека фармацевтите не се доведени во привилигирана положба во однос на здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата.

6. Согласно член 39 од Уставот на Република Македонија, на секој граѓанин му се гарантира здравствена заштита.

Имајќи ја предвид оваа уставна одредба во контекст на прашањето во врска со давањето можност здравствените работници од областа на медици-ната и стоматологијата во определен рок да можат со основна лиценца самостојно да укажуваат здравствена заштита, Судот оцени дека оваа одредба е соглас-на со Уставот од причина што ваквото укажување на здравствена заштита е предвидено не како правило туку како исклучок во слу-чаи кога постои дефицитарност од овој вид стручни кадри, (кога при пополнувањето на определеното работно место не се јавил здрав-с-т-вен работник со лиценца за работа), а со цел да се обезбеди здра-в-ствена заштита на граѓаните што им е загарантирано со член 39 од Уставот на Република Македонија.

Што се однесува до прашањето за меѓусебната несогласност на членот 140 став 5 од Законот за здравствената заштита со членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законските одредби, поради што иницијативата, во тој дел, ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.71/2005
28 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова