184/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 54 став 7 во делот “или врши дејност, спротивно на закон”, член 57-а, член 58 став 2, член 77 алинеја 9 во делот “е работно ангажиран или врши дејност спротивно на закон” од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004 и 4/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 78 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стојан Костовски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата и дополнувањето на иницијативата се наведува дека со алинејата 7 на членот 54 од Законот во делот “или вршат дејност спротивно на закон” на невработените лица им се скратувало правото да се вработуваат, а тие лица незаконското вработување го вршеле исклучиво поради економски и социјални причини за да ја обезбедат нивната егзистенција.

Оспорената одредба од член 57-а од Законот била неуставна од причини што невработеното лице незаконски работело заради обезбедување на гола егзистенција, а тоа всушност му го скратува правото на вработување преку Заводот за вработување.

Во иницијативата понатаму се наведува дека оспорената одредба од член 58 став 2 од Законот била неуставна затоа што на лицата бришани од евиденцијата за вработување не требало да им се скратува правото на пријавување кој надлежен орган за вработување за време од една година, туку, правото на пријавување како невработени лица да им се признава со денот на поднесената документација.

Членот 77 алинеја 9 во делот: “е работно ангажирано или врши дејност спротивно на закон” бил неуставен поради тоа што на невработените лица кои немале од што да живеат им го скратувало правото на работа.

Подносителот на иницијативата во иницијативата и дополнувањето на иницијативата наведува дека оспорените одредби од Законот не биле во согласност со членовите 9, 51 став 1 и 32 став 1 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 54 алинеја 7 од Законот како невработено лице не се смета, меѓу другото, и лице кое работно е ангажирано или врши дејност, спротивно на закон.

Според член 57-а од Законот невработеното лице кое нема да ја извести Агенцијата за вработување за промените што влијаат за стекнување и губење на правата, а од страна на инспекцискиот орган се затече да работи спротивно на закон или одбие работно ангажирање за вршење на јавни работи, се брише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави по истекот на една година.

Според член 58 став 2 од Законот ако невработеното лице од став 1 на овој член од неоправдани причини не се јави во Заводот, се брише од евиденцијата на невработените лица и може повторно да се пријави по истекот на една година.

Според член 77 став 1 алинеја 9 од Законот правото на паричен надоместок на невработеното лице му престанува, меѓу другото, и ако невработеното лице од страна на надлежен орган се затече на работа, е работно ангажирано или врши дејност спротивно на закон.

Според член 78 став 1 од Законот невработеното лице на кое му престанало правото на паричен надоместок, може да го оствари тоа право ако повторно ги исполни условите за здобивање со право на паричен надоместок, со тоа што во стажот на осигурување не му се пресметува времето поминато во работен однос пред примениот последен паричен надоместок, освен на невработеното лице кое по престанокот на последниот работен однос има над 55 години возраст и најмалку 15 години стаж на осигурување.

Судот, исто така, утврди дека со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/2005), во членот 78 став 1 третиот ред по зборот “надоместок” се додаваат зборовите: “од членот 65 на овој закон”, а зборовите: “55 години возраст и најмалку 15 години стаж на осигурување” се заменуваат со зборовите: “15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување на право на старосна пензија”.

5. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Владеењето на правото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 алинеи 3 и 8 од Уставот.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 став 1 од Уставот на Република Македонија е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбедност за време на привремена невработеност, а според членот 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Во членот 51 од Уставот е предвидено дека, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, според член 54 став 1 од Уставот.

Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека Република Македонија е социјална држава, во која социјалната правда е издигната на ниво на темелна вредност на уставниот поредок, а на сите граѓани им се гарантира еднаквост во слободите и правата пред Уставот и законите. Како начин за обезбедување на социјалната правда Уставот го прокламирал и утврдил правото на материјална обезбеденост за време на привре-мена невработеност. Меѓутоа, под кои услови, во кој обем, за кое времетраење и на кој начин ќе се остварува ова право не е домен на уставната регулатива. Тоа е препуштено на уредување со закон и со колективните договори. Поконкретно, правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност е регулирано со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Со овој закон се уредуваат прашањата за размена на трудот, правата и обврските на работодавачите, невработените лица и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Согласно член 54 од Законот, како невработено лице не се смета лице:

– во работен однос;
– корисник на пензија;
– вршител на занатечиска, односно професионална деј-ност;
– сопственик или основач на трговско друштво, претприја-тие и друго правно лице;
– вршител на земјоделска, сточарска или друга дејност;
– кое не прифаќа обука, преквалификација или доквалификација на која ќе го упати Заводот или одбие да се јави или одбие да заснова работен однос кај равотодавецот кај кого го упатил Заводот.

Со членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, по алинеја 6 се додава нова алинеја 7, (која се оспорува со иницијативата) која гласи: “кое работно е ангажирано или врши дејност, спротивно на закон”.

Подносителот на иницијативата смета дека наведените лица незаконското вработување го вршеле исклучиво од економски и социјални причини.

По однос на овие наводи Судот утврди дека за почитување на начелото на еднаквоста на сите граѓани пред Уставот и законите без разлика на полот, расата, вероисповеста и слично, тогаш граѓаните кои вршат дејност спротивно на закон, не би можеле да имаат статус на невработено лице кое ќе прима паричен надомест, и да остваруваат други социјални права по основ на невработеност.

Со други зборови, Судот смета дека би било правно неосновано едно лице кое врши дејност спротивно на закон да се смета како невработено затоа што таков статус имало пред да ја врши дејноста која е спротивна на закон.

Имајќи го предвид изнесеното Судот утврди дека не може да се стави под сомнение уставноста на оваа оспорена одредба од законот.

Оспорените одредби од Законот подносителот на иницијативата всушност ги оспорува само во деловите кои се однесуваат на бришењето на невработеното лице од евиденцијата на невработените лица ако се затекечат да работат спротивно на закон, и тоа од причини дека невработеното лице незаконски работело за да ја обезбеди својата егзистенција, односно дека на бришаните лица од евиденцијата за вработување не требало да им се скратува правото на пријавување кај надлежен орган за вработување за време од една година, туку, тоа право да им се признава со денот на поднесената документација.

По однос на овие наводи Судот утврди дека членот 32 став 1 од Уставот, само го прокламира правото на материјална безбедност за време на привремена невработеност на ниво на уставен принцип, но од кои околности ќе зависи, во кое времетраење ќе се остварува и во кои случаи невработеното лице се брише од евиденцијата на невработените лица, е оставено да се регулира со закон и со колективните договори, а во зависност од општествено-економската моќ на државата во дадениот момент. Според тоа, оспорените одредби од Законот не можат да се подведат под сомнение по однос на нивната согласност со наведените одредби од Уставот.

Според член 78 став 1 од Законот, невработеното лице на кое му престанало правото на паричен надоместок, може да го оствари тоа право ако повторно ги исполни условите за здобивање со право на паричен надоместок, со тоа што во стажот на осигурување не му се пресметува времето поминато во работен однос пред примениот последен паричен надоместок, освен на невработеното лице кое по престанокот на последниот работен однос има над 55 години возраст и најмалку 15 години стаж на осигурување.

Со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот во членот 78 став 1 од основниот закон е направена измена на начин што во третиот ред по зборот “надоместок” се додаваат зборовите “од член 65 на овој закон”, а зборовите “55 години возраст и најмалку 15 години стаж на осигурување”, се заменуваат со зборовите: “15 години стаж на осигурување, а на кое му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнување на услови за стекнување право на старосна пензија”.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што содржината на оспорениот член 78 став 1 од Законот не е повеќе дел од правниот поредок, туку е изменета со друга содржина, а имајќи го предвид фактот дека Судот веќе ја оценувал уставноста на членот 78 став 1 и со Решение У.бр.103/2003 од 22 октомври 2003 година не повел постапка, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што иницијативата во овој дел ја отфрли.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.184/2005
28 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова