196/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на

а) Правилникот за внатрешна организација и система-тизација во Водостопанското претпријатие “Брегалница” – Кочани, донесен од Одборот на корисници на вода на 14 април 2005 година и

б) Одлуката за засновање на работен однос на неопреде-лено време на Драгица Петрова на работно место – референт за кадровски работи и човечки ресурси во Водостопанското претпријатие “Брегалница” – Кочани од 30 април 2005 година.

2. Тања Ефтимова од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот правилник за систематизација не бил согласен со закон и бил спротивен на Уставот, затоа што работното место референт за кадровски работи и човечки ресурси го условувал со виша, а не висока стручна спрема, како последица на што со оспорената одлука на ова работно место била примена кандидатката Драгица Петрова, а не подносителката на иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека со Правилникот за организација и систематизација во Водостопанското претпријатие “Брегланица” – Кочани се уредуваат и систематизираат работите и задачите кои се вршат во организационите единици на претпријатието и се уредуваат посебните услови потребни за вршење на работите и работните задачи на работните места.

Судот, исто така, утврди дека со оспорената одлука Одборот за корисници на вода, од пријавените кандидати на огласот за пополнување на работно место: референт за кадровски работи и човечки ресурси во Водостопанското претпријатие “Брегалница” – Кочани ја примил Драгица Петрова од Кочани.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што Правилникот за систематизација на Водостопанското претпријатие “Брегалница” – Кочани, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, односно претставува интерен акт на внатрешна организација за работењето на Претпријатието, а оспорената одлука за прием во работен однос на неопределено време е поединечен акт, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.196/2005
28 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова