Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 став 2 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 и 22 декември 2005 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Велко Наумоски од Скопје, а согласно член 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.102/2005 од 26 октомври 2005 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето дали со оваа законска одредба не се доведува во прашање уставниот принцип на владеењето на правото и правната сигурност.
4. Судот, на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија на 5 јули 2005 година донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2005).
Со членот 6 од овој закон, членот 115 од Законот за средното образование се менува и гласи: “Учениците кои гимназиското образование,уметничкото образование, тригодишното и четиригодишното стручно образование го завршуваат во учебната 2005/2006 година, полагаат завршен испит според одредбите од Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994 и 66/1994).
Судот, исто така утврди дека Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование од 1994 година, престанал да важи и е надвор од правниот поредок на Република Македонија со донесување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995), бидејќи со овој закон Правилникот го изгубил основот за неговото донесување.
Освен тоа, овој Правилник престанал да важи и согласно членот 44 од Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005) кој што Уставниот суд на Република Македонија го укина со Одлука У.бр.31/2005 од 15 јуни 2005 година.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Имајќи предвид дека со членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование се воспоставува важење на Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994 и 66/1994) кој неспорно престанал да важи во целина и не е повеќе дел од правниот поредок на државата, Судот оцени дека членот 6 не е во согласност со Уставот во однос на правната сигурност како елемент на принципот на владеењето на правото.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.102/2005
21 и 22 декември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова