111/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 и 22 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 55 став 2 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001 и 97/2001-исправка).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со Решение У. бр. 111/2005 од 2 ноември 2005 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 55 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со начелото на владеење на правото имајќи предвид дека таа се надоврзува на укината одредба од законот.

4. Судот на седницата утврди дека според укинатиот член 55 став 1 од Законот за градежното земјиште “корисниците на градежното земјиште на кои земјиштето им е доделено по пат на јавно надавање, односно непосредна спогодба (платено) правото на користење се трансформира во право на сопственост со денот на влегувањето во сила на овој закон, со приложување на валидни докази за начинот на плаќање”.

Според содржината на оспорениот член 55 став 2 од Законот за градежното земјиште “на странски лица на кои градежното земјиште им е доделено на начин утврден во ставот 1 на овој член, согласно со Законот за сопственост и други стварни права, правото на користење на градежното земјиште се трансформира во право на долготраен закуп, со приложување на валидни докази за начинот на плаќање”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок.

Според член 51, од Уставот, пак, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Од анализата на член 55 став 1 од Законот за градежното земјиште кој со Одлука У.бр.172/2001 на Уставниот суд на Република Македонија од 10 јули 2002 година беше отстранет од правниот поредок произлегувало дека со него било уредено прашањето дека корисниците на градежното земјиште кои земјиштето го добиле по пат на јавно наддавање или непосредна спогодба и за кое платиле, правото на користење се трансформира во право на сопственост со приложување на валидна документација за начинот на плаќање. Поточно во овој член бил утврден начинот на доделувањето на градежното земјиште на граѓаните на Република Македонија. Врз содржината на вака укинатата одредба се заснова и содржината на оспорениот член 55 став 2 во поглед на начинот на доделување на градежното земјиште, со таа разлика што во оспорениот член се работи за доделено градежно земјиште на странски лица.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на укинатата одредба и содржината на оспорената одредба од член 55 став 2, Судот оцени дека со повикувањето на став 1 на член 55 од Законот кој е укинат и во кој е утврден начинот на доделување на градежното земјиште не е во согласност со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.111/2005
21 и 22 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова