150/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 2 во делот “и договорот за вработување”, член 71 став 3 во делот “правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување”, член 72 во делот “и акт на работодавачот”, член 81 став 1 во делот “акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок” и став 2 во делот “и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина”, и член 82 став 1 во делот “правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување” од Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одред-би од Законот за работни односи дадена е можност работниот однос да се уредува и со договорот за вработување, актот на работодавачот и правилата за работниот ред и дисциплина, со што законски било овозможено работодавачот со свој интерен акт да ги одзема, ограничува и менува правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор, а со тоа и нееднакво да постапува спрема вработените.

Поради тоа што со членот 32 став 5 од Уставот, било предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува само со закон и со колективни договори, произлегувало дека оспорените одредби од Законот се во несогласност посебно со наведената уставна одредба како и со други одредби од Уставот (член 8 став 1 алинеја 3 и 11, член 9 и член 51).

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за работни односи и до донесувањето на конечната одлука Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија врз основа на оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за работните односи во членот 1 став 1 предвидел дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.

Според ставот 2 од овој член, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Со членот 71 став 3 од овој закон е предвидено дека работникот и работодавачот можат да го откажат договорот за вработување во случаи, односно од причини определени со закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување.

Според членот 72 од овој закон, ако работодавачот го откажува договорот за вработување, е должен да го наведе основот за отказот, утврден со закон, колективен договор и акт на работодавачот и да ја докаже основаноста на причината која го оправдува отказот.

Согласно членот 81 став 1 од овој закон, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако:
1) не ги почитува работниот ред и дисциплина според правилата пропишани од страна на работодавачот;
2) не ги извршува или несовесно и ненавремено ги извршува работните обврски;
3) не се придржува кон прописите што важат за вршење на работите на работното место;
4) не се придржува на работното време, распоредот и користењето на работното време;
5) не побара отсуство или навремено писмено не го извести работодавачот за отсуството од работа;
6) поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 48 часа, писмено не го извести работодавачот;
7) со средствата за работа не постапува совесно или во согласност со техничките упатства за работа;
8) настане штета, грешка во работењето или загуба, а за тоа веднаш не го извести работодавачот;
9) не ги почитува прописите за заштита при работа или не ги одржува средствата и опремата за заштита при работа;
10) предизвикува неред и насилнички се однесува за време на работата и
11) незаконски или неовластено ги користи средствата на работодавачот.

Во ставот 2 од овој член од Законот е предвидено дека со закон, колективен договор и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина.

Според членот 82 став 1 од овој закон, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот:

1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година;
2) го злоупотреби боледувањето;
3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина;
4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства;
5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и
6) оддаде деловна, службена или државна тајна.

4. Уставот на Република Македонија во делот на нормите кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги утврдил економските, социјалните и културни права.

Во овој дел од Уставот, со членот 32 став 1 е определено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според ставот 2 и ставот 3 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Во ставот 4 е определено дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Со ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во делот на одредбите на Уставот кои се однесуваат на гаранциите на основните слободи и права, со членот 51 е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 55 став 1 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото е една од основите на економските односи во Републиката.

Со одредбите од членот 57 и членот 58 од Уставот е определено дека Републиката го поттикнува економскиот напредок а сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Поаѓајќи од изнесениве уставни определби за пазарното стопанство и положбата на сопственоста во организирањето на трудот и капиталот, произлегува дека во општествено-економскиот систем на Републиката работниот однос ги изгубил елементите од поранешниот систем на доброволен однос меѓу работникот и организацијата односно работодавачот заради вршење на работи и задачи со средствата во општествена сопственост и претставува договорен однос меѓу работникот и работодавачот заради вршење на определени работи и врз основа на договорниот – облигационен однос меѓу работникот и работодавачот настануваат права и обврски од моментот на склучувањето на договорот.

Законот за работните односи определил дека работните односи меѓу работниците и работодавачите се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и дека работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Согласно членот 3, овој закон ги уредува и работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други правни и физички лица кои вработуваат работници, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Во работниот однос секоја од страните е должна да ги исполнува пропишаните и договорените права, обврски и одговорности.

Во членот 12 став 1 од Законот е определено дека при склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Во ставот 3 е определено дека со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

Според ставот 4 на овој член од Законот, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или органичат со акти и дејствија на работодавачот.

Законот за работни односи во членот 13 го определил (дефинирал) договорот за вработување дека со него се заснива работен однос.

Според ставот 2 на овој член од Законот правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос и вклучување во задолжителното социјално осигурување врз основа на работниот однос, започнуваат да се остваруваат со денот на стапувањето на работникот на работа, договорени во договорот за вработување.

Според Судот, од анализата на изнесените законски одредби произлегува дека предмет на уредување на Законот се права и обврски од работен однос. Договорот кој се склучува помеѓу работодавачот и работникот за работниот однос, има карактер на правна работа помеѓу страните на договорот кој врз основа на Законот е лимитиран во однос на тоа да нема помали права и обврски од оние утврдени со законот, но се допушта договорно зголемување на правата на работниците од работниот однос.

Оттука, со законот се пропишуваат а со договорот конкретно се уредуваат во согласност со законот, правата од работен однос.

Понатаму, Законот за работни односи во Главата ЏИЏ ги регулирал колективните договори, со кои исто така според членот 12 од Законот, не можат да се определат помали права од оние утврдени со закон.

Според членот 206 од Законот, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле колективниот договор (на ниво на Република, на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач) и колективните договори можат да содржат и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи.

Законот за работните односи во членот 12 јасно утврдил дека и актите на работодавачот не можат да содржат одземања и ограничувања на права од работниот однос кои се утврдени со Уставот, закон и колективен договор.

Оттука, според Судот колективните договори, договорите за вработување и актите на работодавачите немаат основ во Законот за работни односи да пропишуваат права и обврски од работен однос, туку можат да го уредуваат работниот однос во рамките утврдени со законот и на начин кој произлегува од одредбите од законот.

Имено, поаѓајќи од определбите кои произлегуваат од Уставот, дека правата и обврските на граѓаните се утврдуваат со закон, дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со закон, произлегува и дека правата на вработените можат да се утврдуваат само со закон а нивното остварување се гарантира, согласно членот 32 став 5 од Уставот, да се уредува со закон и со колективен договор.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби произлегува дека во основа концептот на Законот за работни односи ги поставил во овие рамки елементите на работниот однос, како во однос на правата и обврските кои се утврдуваат со закон така и во однос на нивното остварување кое се уредува со закон и со колективен договор.

Со оглед на тоа што режимот на работниот однос е право на законодавецот да го пропише и уреди со закон на начин кој ќе го обезбеди остварувањето на правата и обврските од работен однос, со решението од членот 1 став 2 од Законот за работни односи за вклучување на договорот за вработување во уредувањето на работниот однос, не се нарушува уставната определба во членот 32 став 5 со која во основа се гарантира неговото остварување.

Понатаму, Законот за работни односи во Главата ВИИ со наслов “Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот”, со одредбите од член 70 до член 104, ги регулирал прашањата од работен однос кога работникот и работодавачот, што значи двете страни од договорот за вработување, можат да се откажат од договорот.

Со иницијативата се оспоруваат дел од овие одредби од Законот и тоа членот 71 став 3 во делот “правилата за работниот ред и дисциплина и договор за вработување” и членот 72 во делот “и акт на работодавачот”.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата, Судот врз основа на анализата на овие оспорени одредби од Законот утврди дека тие се дел од комплекс на одредби од Законот кои не се однесуваат само за вработените, туку за двете страни од договорот за работен однос. Оттука не може автоматски законските одредби да се компарираат во поглед на нивната усогласеност со Уставот, преку издвојување на делови од текстот на законските одредби кои со членот 32 став 5 од Уставот не биле утврдени, па поради тоа биле неуставни.

Имено, договорниот работен однос подразбира и право на двете страни на договорот да се откажат од него во свој интерес, кога се работи и за условите од правилата за работниот ред и дисциплина пропишани од работодавачот, и за условите од договорот за вработување, бидејќи тие акти конкретно го уредуваат работниот однос кој ги третира внатре во тој однос субјектите, што не е предмет на операционализација со закон и колективен договор и не ја нарушува уставната норма од членот 32 став 5 од Уставот на што се повикува иницијативата. Имено, со оспорените одредби од членот 71 и членот 72 од Законот не се негира уставната одредба дека со закон и колективен договор се уредува остварувањето на правата на вработените и нивната положба.

Ова поради тоа што и во однос на членот 72 од Законот, Судот оцени дека како право – поволност за вработените е регулирана обврската за работодавачот дека треба при откажувањето од договорот за вработување да го наведе основот за отказот, а дека тој основ може да произлезе од условите во закон, колективен договор и од условите во актот на работодавачот каде оперативно се разработени работите и задачите на работното место, согласно одредбата од Законот. Тоа не значи дека се повредуваат уставно утврдените права во членот 32 став 5 од Уставот, не само поради веќе погоре изнесеното туку и поради тоа што рамките на правата и обврските се предмет на утврдување со закон и се уредуваат со колективен договор, а прашањето дали актот на работодавачот излегува или ги следи овие рамки е фактичко прашање.

Од аспект на членот 32 став 5 од Уставот, со иницијативата се оспоруваат и одредбите од членот 81 став 1 и став 2 во дел и членот 82 став 1 во дел, од Законот за работни односи, кои одредби исто така се дел од комплексот одредби кои се однесуваат на откажувањето на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот.

Од анализата на овие оспорени одредби од Законот, произлегува дека во однос на членот 81 став 1 е посебно уредено прашањето кога работодавачот може да го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување со отказен рок, особено ако не ги почитува работите набројани во алинеите во овој став од членот 81 од Законот.

Во контекст на веќе изнесената анализа за другите оспорени законски одредби, Судот оцени дека и во однос на оваа законска одредба од аспект на наводите во иницијативата не може да се оспори нејзината уставност, со оглед на тоа што во случајов работниот ред и дисциплина и обврските од работниот однос од аспект на нивно утврдување со закон, уредување со колективен договор и конкретизација со другите правни акти (договор за вработување, акти на работодавачот) се предмет на квалитативно различно регулирање со акти од различен правен ранг кои мораат да бидат во согласност со законот, и не значи автоматски дека актот на работодавачот и договорот за вработување опфатени во текстот на Законот се повреда на уставни права на вработените.

Воедно, членот 81 став 2 од Законот, кој предвидел дека со закон, колективен договор и со правилата на работодавачот за работниот ред и дисциплина може да се утврдат и други случаи на кршење на работниот ред и дисциплина, е всушност законско овластување со акт на работодавачот (правила) да се утврдат и други кршења на работниот ред и дисциплина од оние кои се веќе набројани со овој член од Законот. Ова произлегува од работниот однос кој има облигаторен карактер и не може да се смета за неуставно правото на работодавачот да ги определи правилата на работниот ред и дисциплина карактеристични во институцијата или претпријатието на работодавачот, имајќи предвид дека Законот за работни односи веќе утврдил дека актите на работодавачот сепак се определени со закон и колективен договор.

Понатаму, во членот 82 од Законот е регулирано прашањето кога може работодавачот на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаи на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, особено ако сториле работи кои се наброени во алинеите во овој став од членот 82 од Законот. Оспорениот дел кој се однесува на “правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување” исто така и во овој случај не може да се проблематизира од аспект на согласноста со членот 32 став 5 од Уставот, бидејќи одредбата содржи законско овластување со овие акти да се утврдат конкретни елементи во однос на кршењето на работниот ред и дисциплина, покрај наброените во законот, што би довеле работодавачот на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок, меѓутоа во основа самиот Закон веќе ја има пропишано обврската на овие акти да бидат во согласност со определените права и обврски од работниот однос во законот. Оттука, и со оваа одредба, Законот не дозволува неограничени овластувања на работодавачот а прашањето дали тие акти се во рамки на закон односно колективен договор е фактичко прашање.

Всушност, со договорот за вработување, со правилата за работниот ред и дисциплина и со актите на работодавачот се уредуваат интерни и конкретни прашања од процесот на работата, а не прашања од кои зависи положбата на вработените, односно тие не претставуваат прописи со кои покрај со закон и колективен договор би се уредувало остварувањето на правата на вработените и нивната положба. Воедно обезбедувањето на процесот на работа е не само обврска туку и одговорност на работодавачот од повеќе аспекти со цел да се обезбедат квалитетни услуги или, пак, квалитетен (техничко-технолошки) производствен процес, согласно стандардите пропишани за вршењето на работните задачи.

Врз основа на изнесената уставносудска анализа Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за работни односи.

Со оглед на тоа во однос на барањето во иницијативата Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на актите и дејствијата од оспорените одредби од Законот, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека нема услови за донесување на вакво решение.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.150/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова