198/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Населба “Тасино Чешмиче” И бр.07-396/1, донесена од Советот на општина Центар на 14 февруари 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.2/2005).

2. Драган Стефковски и Стојна Радојкова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека во Нацртот на Деталниот урбанистички план за Населба “Тасино Чешмиче” И било предвидено изградба на седум објекти шифрирани како 9.38, 9.39, 9.40, 9.41, 9.42, 9.43, 9.44 со висина од 8,5 м. На Нацрт-планот група граѓани и Еколошкото друштво поднеле забелешки затоа што со предвидените измени се вршела пренамена на просторот кој од секогаш бил предвиден како зелен појас – Парк шума Водно што било спротивно на Генералниот урбанистички план. Тоа впрочем можело да се утврди и од споредбата од претходниот и сегашниот Детален урбанистички план.

Една од основните забелешки на предлогот за изградба на предвидените објекти била тоа што истите требало да се изградат на терен кој бил од чакалет и глинест материјал на тесен простор на ивицата на провалијата која постојано се свлекувала и одронувала што претставувало опасност како за самите објекти така и за околината.

Ова посебно ако се имало предвид дека за време на земјотресот на овој простор се појавила пукнатина.

Оттука, според подносителите на иницијативата измените на Деталниот урбанистички план се направени надвор од постапката предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, затоа што на граѓаните не им било дадена можност да се изјаснат по повод јавната анкета и не биле направени дополнителни пресметки од страна на овластени органи и служби за примена на техничките нормативи и стандардите при планирање на просторот, а воедно не била дадена согласност од Министерството за транспорт и врски.

Воедно, подносителите на иницијативата му предлагаат на Уставниот суд по службена должност да побара мислење од Институтот за инженерство и инженерска сеизмологија и од Градежниот институт на Македонија, а по потреба да изврши увид на лице мсто.

Според подносителите на иницијативата оспорениот план не бил во согласност со Уставот, затоа што во Службениот гласник на град Скопје бил објавен само текстуалниот дел од Одлуката, а не и графичкиот приказ.

Со оглед на наведеното, подносителите на иницијативите бараат Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорениот план.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.123/2005 од 19 септември 2005 година не повел постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба “Тасино Чешмиче” И донесен од Советот на општина Центар на 14 февруари 2005 година, затоа што измените на планот биле извршени согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во натамошната постапка, а со цел да се утврди дали оспорената Одлука за измена на Деталниот урбанистички план за Населба “Тасино Чешмиче” И е во согласност со Генералниот урбанистички план на град Скопје, односно дали е во согласност со член 11 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Судот изврши увид во Основниот урбанистички план на град Скопје односно Генералниот урбанистички план на град Скопје.

Од увидот во Основниот урбанистички план на град Скопје како и од изводот кој беше прибавен е констатирано дека според овој план спорниот простор е во границите на градежниот реон и овој простор е предвиден како заштитна зона – зеленило, односно тоа се падините на Водно.

Од увидот извршен во Графичкиот приказ на Изводот на Деталниот урбанистички план “Тасино Чешмиче” И Скопје донесен од Советот на општина Центар бр.07-204/1 од 5 февруари 2003 година согласно Основниот план во Деталниот урбанистички план спорниот простор претставува заштитна зона – зеленило.

Од увидот извшен во Генералниот урбанистички план на град Скопје од 26 јуни 2002 година, односно од Изводот на Генералниот урбанистички план, кој се однесува на планирање на просторот за Населба “Тасино Чешмиче” И е утврдено дека е означен како зона за домување.

4. Според член 11 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весниик на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој важел во време на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план, урбанистичкиот план се донесува за одделни делови на населени места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 3 на овој член од Законот, деталниот урбанистички план содржи синтезен, графички приказ на плановите донесени во понатамошното урбанистичкото планирање со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата.

Во овој став исто така е утврдено дека Деталниот урбанистички план како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план.

Имајќи ја предвид наведената законска одредба, како и утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека Деталниот урбанистички план е во согласност со Генералниот урбанистички план, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 11 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

5. По однос на наводите во иницијативата дека пред донесување на Деталниот урбанистички план не било побарано мислење и не биле направени стручни пресметки од надлежните органи и институции за можноста за планирање на спорниот простор Судот смета дека тоа се фактички прашања за кои Уставниот суд не е надлежн да одлучува.

6. Во врска со наводите од иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со Уставот со оглед на тоа што била објавена само Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план, а не и нејзиниот графички приказ кој преставува нејзин составен дел, Судот смета дека во постапката за донесување на урбанистичките планови графичкиот приказ од планот се објавува и пред да биде донесена одлуката со ставање на јавен увид на нацрт-планот, па на граѓаните не им е оневозможено и по донесување на соодветниот план да извршат увид во документацијата.

Имено, со објавувањето на оспорената одлука во “Службен гласник на град Скопје” се смета дека е објавена и документацијата затоа што таа претставува нејзин составен дел.

Од влегувањето во сила на одлуката целокупната документација е достапна за сите граѓани, односно заинтересирани субјекти и тие можат да вршат увид во документацијата која е составен дел на планот. Ваквиот начин на објавување е условен од техничката неможност целокупната документација за донесување на урбанистички план да се објави во службеното гласило, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбата од член 52 од Уставот.

7. Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба од која произлегува дека нема основи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно нема основи Судот да го запре од извршување на поединечните акти и дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.198/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова