101/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за условите и начинот на користење на средствата на солидарноста за отстранување на последиците од елементарни непогоди во Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.18/1976 и 30/1977).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.101/2005 од 28 септември 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за условите и начинот на користење на средствата на солидарноста за отстранување на последиците од елементарни непогоди во Социјалистичка Република Македонија.

Постапката беше поведена затоа што пред ССудот основано сее постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот закон е донесен врз основа на Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година од Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Во членот 1 од овој закон е определено дека предмет на уредување на овој закон се условите и начинот на користење на средствата на солидарноста на Социјалистичка Република Македонија за отстранување на последиците од елементарни непогоди.

Според членот 2, како елементарни непогоди, во смисла на овој закон, се сметаат земјотресите, поплавите, лизгањата и одронувањата на земјиште, снежните нанеси и лавини, сушите и бурите, а со кои е загрозен животот и здравјето на поголем број луѓе, односно е предизвикана штета од поголем обем на организациите на здружениот труд и другите организации и заедници и на граѓаните.

Во членот 3 од овој закон е определено за каков обем на штета изразен во проценти од износот на општествениот производ на општината остварен во претходната година, се доделуваат средства од солидарноста на Републиката за отстранување на последиците од штетата од елементарни непогоди на општината.

Со одредбите од членот 4 и членот 5 од Законот е определено дека за делот од штетата за кој се обезбедени средства по друг основ, не се дава учество од средствата на солидарноста на Републиката, а за користењето и за висината на средствата на солидарноста одлучува Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија по предлог на Републичката комисија за утврдување на штети од елементарни непогоди, формирана со Законот за заштита од елементарни непогоди и други општи опасности (“Службен весник на СРМ” бр.5/1972). Извршниот совет му поднесува на Собранието на Социјалистичка Република Македонија извештај за секое доделување на средства, како и годишен извештај за користење на средствата на солидарноста во претходната година.

Со одредбите од членовите 6, 7 и 8 од овој закон, е определено дека собранието на општината ги распределува доделените средства според критериумите што ќе ги усвои, потоа средствата на солидарноста не можат да се доделуваат доколку штетата настанала поради неспроведување, односно неправилно спроведување на важечките прописи, а службата за општествено книговодство врши контрола на наменското користење на средствата според одредбите на овој закон.

5. Уставот на Република Македонија во членот 1 определил дека Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Во членот 8 алинеи 3 и 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципите на владеење на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи во согласност со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1991 и 4/1992) е утврдено дека законите што не се во согласност со одредбите на Уставот ќе се усогласат во рок од една година од денот на прогласување на Уставот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од фактот дека оспорениот закон е донесен во период на федеративно уредена заедница во чиј состав била и Социјалистичка Република Македонија, чиј уставен поредок се засновал врз сосема поинакви општествено-економски и политички основи од утврдените во Уставот на Република Македонија, а притоа имајќи ја предвид содржината на оспорениот закон кој ја изгубил целта и функцијата на предметот на уредување, бидејќи со Одлука на Судот У.бр.156/2004 е укинат Законот за формирање на средства на солидарноста на Социјалистичка Република Македонија за отстранување на последиците од елементарни непогоди и за воведување “Недела на солидарноста” (“Службен весник на СРМ” бр.30/1974, 10/1976, 44/1977, 22/1978, 19/1980 и 16/1985), Судот утврди дека оспорениот закон не кореспондира со уставниот поредок воспоставен со Уставот на Република Македонија и принципот на владеење на правото како негова темелна вредност.

Имено, од анализата на одредбите на оспорениот закон произлегува дека со нив се регулираат услови и начин на користење на средства на солидарноста кои биле формирани со закон во Социјалистичка Република Македонија, меѓутоа тие средства веќе престанале да се формираат, а субјектите на кои биле наменети средствата на солидарноста како организации, заедници и служби определени во законот повеќе не егзистираат ниту имаат основ за нивно постоење во Уставот на Република Македонија, па оттука оспорениот закон ја изгубил основната функција односно цел за која е донесен, поради што Судот оцени дека оспорениот закон не е во согласност со наведените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.101/2005
7 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова