Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија (‘’Службен весник на Република Македонија’’ бр.60/2002).
2. Ѓорѓи Наумов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од актот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со Деловникот на Собранието на Република Македонија не можело да се пропишува користење на друг јазик во работата на законодавната, извршната и судската власт во Република Македонија бидејќи според него, Уставот експлицитно определил дека оваа материја може да се уредува само со закон, а не и со друг пропис како што е во случајов. Поради тоа, подносителот на иницијативата смета дека членот 3 став 2 од Деловникот не бил во согласност со член 7 став 5 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, во работата на Собранието службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Според оспорениот став 2 од членот 3, пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, може на седницата на Собранието и на седницата на работното тело да зборува на тој јазик.
Согласно ставот 3 од членот 3, граѓани на други држави, кои се поканети да учествуваат во работата на Собранието или да се обратат на Собранието имаат право да зборуваат на својот јазик.
Според ставот 4 од членот 3, говорот одржан на јазик различен од македонскиот јазик, задолжително се преведува на македонски јазик.
4. Со Амандманот V на Уставот се заменува членот 7 од Уставот.
Според Амандманот V точка 1 на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.
Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20%од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локалната самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.
Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.
Според член 61 став 2 од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.
Согласно член 66 став 4 од Уставот, Собранието донесува деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Врз основа на член 61 став 2 и член 66 став 4 од Уставот, Собранието го донело Деловникот на Собранието на Република Македонија. Деловникот содржи општи одредби, односно начелни норми за работата на Собранието, како и одредби што се однесуваат на конституирањето на Собранието, правата и должностите на пратениците, правата и должностите на претседателот, потпретсе-дателот и генералниот секретар на Собранието, седницата на собранието, избор на Владата, избор и разрешување на носители на јавни функции, работните тела на Собранието, програмирање на работата на Собранието, постапка за донесување на закони и други прописи, постапка за измена на Уставот, предлог за покренување постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односи на Собранието со Владата, јавност во работата на Собранието и Служба на Собранието.
Во делот I од Деловникот кој се однесува на општите одредби е и оспорениот член 3 став 2 според кој пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, може на седницата на Собра-нието и на седницата на работното тело да зборува на тој јазик.
Деловникот претставува основен правен акт на секое парламентарно претставничко тело. Тоа е акт што претставничкото тело го донесува самостојно со цел да ја уреди сопствената организација, да ги уреди основните елементи на работа и постапката преку кои Собранието ги остварува своите функции и надлежности. Јазикот на кој што се одвива работата на Собранието е секако еден од битните аспекти на неговото функционирање.
Разгледувајќи ја оспорената одредба од Деловникот во контекст на Амандман V став 5 на Уставот, Судот оцени дека Деловникот на Собранието навистина не е закон во формална смисла, на што се инсистира во иницијативата како основ за наводот дека прашањето на употребата на јазикот во државните органи, па и во Собранието, може да се уредува само со закон.
Меѓутоа, Судот смета дека за одлучување по ова прашање е важно да се согледа посебната природа на Деловникот на Собранието на Република Македонија определена со Уставот, која суштински го идентификува Деловникот како акт на законодавната власт. Имено, прво, субјектот што го донесува Деловникот на Собранието и законите во Република Македонија е неспорно идентичен. Второ, Деловникот на Собранието според Уставот се донесува со посебно, апсолутно мнозинство гласови на пратениците, односно со поголемо мнозинство од мнозинството потребно за донесување на повеќето закони што ги донесува Собранието, што само го потврдува неговиот ранг на посебен акт на законодавнста власт. Фактот што Деловникот се однесува само на функционирањето на Собранието, не го намалува неговото општо нормативно дејство врз прашањата што ги регулира.
Оттука, уредувањето на прашањата за употребата на јазиците во работата и функционирањето на Собранието, и тоа само за него, со акт кој има вакви уставни карактеристики, според оцена на Судот, не ја повредува суштината на Амандманот V точка 5 од Уставот на Република Македонија во поглед на нивото и легитимноста за уредување на ова прашање.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.25/2003
23 ноември 2005 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова