У.бр.42/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1, член 8 став 2, член 17 став 1 и член 27-б од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/1992 и 8/2004).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Емил Османов од Скопје и Небојша Милошевски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Емил Османов во својата иницијатива наведува дека со оспорените членови од Законот за државјанството на Република Македонија биле повредени начелото на еднаквост предвидено со членот 9 став 1 и 2 од Уставот, правната заштита предвидена со член 12 став 3 од Уставот и начелото на забрана на ретроактивна примена на законите предвидено со член 52 став 4 од Уставот.

Имено, со Законот за измена и дополнување на Законот за државјанство во членот 7 став 1 и член 17 став 1 било предвидено дека лицето кое поднесува барање за прием или отпуст од државјанство треба барањето да го поднесе лично.

Вака условеното поднесување на барање било во спротивност со правото на правна помош на граѓаните, кое било предвидено со Законот за општа управна постапка (член 57).

Од друга страна, пак, доколку Уставот гарантирал право на бранител на лице кое е повикано, приведено или лишено од слобода (член 12 став 3), се поставувало прашање зошто таквото право да го нема лице кое ќе се обрати до надлежен државен орган во постапка за прием или отпуст од државјанство на Република Македонија.

Со ваквата законска одредба било повредено и начелото на еднаквост на граѓаните, бидејќи во ситуација кога Уставот обезбедувал правна заштита и помош од страна на адвокатурата за сите граѓани подеднакво, не било јасно зошто овие граѓани кои поднесуваат барања за регулирање на државјанство до органот да го немаат правото барањето да го поднесат преку полномошник – адвокат (освен за дејствијата кои странката мора лично да ги стори – познавање на македонски јазик, давање заклетва и сл.) и полномошник да ги застапува во жалбената постапка и постапката пред судот кој ја води постапката по управен спор.

Оттука подносителот на иницијативата смета дека цитираните членови треба да се поништат во делот каде што е предвидено лично поднесување на барањата за прием и отпуст од државјанство на Република Македонија.

Одредбата од членот 8 став 2 со која се утврдувало што се подразбира под поимот иселеник според овој закон било во спротивност со меѓународните норми и Уставот на Република Македонија.

Имено, според меѓународното право иселеник (емигрант) било лице кое што се иселило од земјата каде што претходно имало државјанство и на кој било начин (со отпуст, со откажување или по сила на закон) го изгубило тоа државјанство.

Одредбата од членот 27-б претставувала флагрантно кршење на основното уставно начело на забрана за повратно дејство на законите.

Имено, овој закон бил понеповолен за оние лица кои поднеле барање за прием во државјанство на Република Македонија по член 8 и постапката им била во тек. Само поради примената на сегашниот текст од законот постапките ќе им завршеле со одбивање на барањето бидејќи во моментот кога тие го поднеле барањето законот не предвидел што е иселеник и иселувањето не го ограничил во матичната земја, а сега законот предвидувал нешто што е за нив понеповолно.

Во иницијативата на Небојша Милошевски се наведува дека во членот 17 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија било предвидено лично барање за отпуст што значело дека лицето морало целата постапка да ја води лично. Оваа одредба не била во согласност со членот 53 од Уставот, со Законот за адвокатура на Република Македонија и со Глава ИИ точка 5 од Законот за општа управна постапка, бидејќи му се оневозможувало на адвокатот како стручно лице во име на странката да застапува и да дава правна помош.

Законското решение за лично настапување на барателите без право да бидат застапувани од адвокат можело да доведе до злоупотреба од страна на службените лица особено поради фактот што барателите не го познавале правото, односно во овој случај одредбите од Законот за државјанството.

4. Судот на седницата утврди дека според член 7 став 1 од Законот за државјанството, државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија ако ги исполнува условите определени со овој член.

Според член 8 став 1 од овој закон, иселеник од Република Македонија, како и негов потомок до прво колено, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2 и 10 на овој закон.

Според оспорениот член 8 став 2 од овој закон, иселеник, во смисла на овој закон, се смета граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Согласно член 17 став 1 од овој закон државјанството на Република Македонија престанува со отпуст ако лицето кое поднесе лично барање за отпуст ги исполнува условите утврдени во Законот.

Членот 27-б од овој закон уредува дека со денот на почетокот на примената на овој закон, постапките за стекнување или престанување на државјанство на Република Македонија кои се започнати по Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/1992) ќе продолжат според одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјаноството на Република Македонија.

5. Согласно член 4 од Уставот, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија. На државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту да биде протеран или предаден на друга држава. Државјанството на Република Македонија се уредува со закон.

Уставот, препуштајќи државјанство да се уреди со закон, оставил широки можности за законодавецот за уредување на прашањата сврзани со државјанството. Уставот, единствено прецизира дека на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, дека не може да биде протеран или предаден на друга држава.

Со Европската конвенција за државјанство, ратификувана од Собранието на Република Македонија на 18 февруари 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2002), се утврдуваат начелата и правилата во врска со државјанството на физичките лица и правилата во врска со регулирањето на воената обврска во случаите на повеќедржавјанство, со кои треба да се усогласи внатрешното законодавство на земјите потписнички.

Според членот 3 од оваа Конвенција, секоја држава во својот закон ќе одреди кои се нејзини државјани. Ваквиот закон ќе биде прифатен од страна на другите држави доколку истиот е конзистентен со важечките меѓународни конвенции, обичајното меѓународно право и општо прифатените правни начела во однос на државјанството.

Согласно членот 4 од Уставот, донесен е Закон за државјанството на Република Македонија со кој според членот 1 став 1 се уредуваат начинот и условите за стекнување и престанување на државјанството на Република Македонија, утврдување на државјанството, надлежниот државен орган за решавање во овие случаи, докажување на државјанството и водење на евиденција на државјаните на Република Македонија. Според членот 1 став 2 од овој закон, државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата.

Според членот 3 на овој закон, државјанството на Република Македонија се стекнува со потекло, раѓање на територијата на Република Македонија, природување и меѓународни договори.

За разлика од стекнувањето на државјанство со потекло односно со раѓање на територијата на Република Македонија, Законот предвидува и можност одредено лице дополнително да стекне државјанство на Република Македонија (природување) врз основа на лично поднесено барање. Притоа не е битно дали лицето до тогаш било државјанин на некоја друга држава или било лице без државјанство. Во секој случај станува збор за лице кое има статус на странец, а кое живее на територијата на Република Македонија.

Според оспорениот член 7 став 1 од Законот, државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија ако ги исполнува условите утврдени со законот.

Барањето на државјанство со природување е израз на лична волја на лицето кое е странец, а кое живее на територијата на Република Македонија. Тоа значи дека државата не може да му наметне државјанство на странец кој подолго живее на нејзина територија.

Оттука, според Судот, странец кој живее на територијата на Република Македонија треба лично да го поднесе барањето за стекнување на државјанство по пат на природување за да се види јасно неговата волја да стекне државјанство на Република Македонија. Во натамошната постапка, Министерството за внатрешни работи утврдува дали лицето што бара државјанство со природување ги исполнува законските услови, а кога е потребно непосредно утврдување на некој од условите (на пример: лицето да го владее македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разбере со околината), лицето лично се повикува пред посебна комисија формирана од Владата на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното произлегува дека за да се добие државјанство на Република Македонија со природување треба: лицето да е странец, лично да го поднело барањето за прием во државјанство на Република Македонија и да ги исполнува условите утврдени со закон.

Тргнувајќи од фактот дека странец кој бара прием во државјанство на Република Македонија со природување всушност доброволно ја искажува својата волја да биде државјанин на Република Македонија, неспорно е дека тој треба лично да го поднесе барањето согласно Законот за државјанството на Република Македонија.

Антипод на природувањето е престанувањето на државјанството со отпуст.

При отпустот од државјанството повторно доаѓа до израз принципот на слободната волја на поединецот која се изразува со посебно поднесено лично барање, покрај потребата од исполнување на законски утврдените услови.

Во овој случај, станува збор за поединец кој е државјанин на Република Македонија, кој живее и работи во друга држава и поради тоа сака да стекне државјанство на таа држава.

Значи, поединецот по своја слободно изразена волја бара отпуст од државјанството на Република Македонија, со цел да добие државјанство на друга држава.

Со оглед на тоа што со отпустот од државјанството се губат многу важни права за поединецот, преку личното поднесување на барањето за отпуст од државјанство, надлежниот орган добива јасно сознание за конкретна и слободно изразена волја на поединецот, односно сознание дека поединецот е свесен за последиците што ќе настанат со отпустот од државјанството.

Оттука, Судот оцени дека со законското решение за лично поднесување на барањето за стекнување на државјанство со природување и за престанување на државјанството со отпуст, на поединецот не му се ограничува уставната неприкосновеност на слободата, ниту, пак, уставниот принцип за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 7 став 1 и член 17 став 1 од Законот со Уставот.

Со членот 8 став 1 од Законот за државјанството на Република Македонија се определени привилегирани услови за стекнување на државјанство на Република Македонија за иселениците од Република Македонија, како и на нивните потомци до прво колено, при што не е потребно да ги исполнуваат условите од член 7 точките 2 и 10 кои се однесуваат на законскиот престој на територијата на Република Македонија и на отпустот од државјанството на странската држава.

Привилегираните услови за стекнување со државјанство на иселеници од Република Македонија се дел од сувереното право на државата која има голем одлив на населението, да се грижи за иселениците кои и покрај тоа што го изгубиле државјанството на Република Македонија по нивното заминување во друга држава, ја задржале ефективната поврзаност со Република Македонија како нивна матична држава.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија во членот 8 се додава нов став 2 со кој се појаснува што се подразбира под поимот иселеник, односно се дефинира дека иселеник од Република Македонија е граѓанин на Република Македонија кој се иселил од Република Македонија во друга држава, освен во матичната земја, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Клучен критериум некое лице да се смета за иселеник е лицето да заминало од Република Македонија како државјанин на Република Македонија, што значи подоцна да го изгубило државјанството и лицето да заминало во друга држава освен во матичната земја.

Тоа подразбира дека на лицето кое ја напуштило државата не му престанало државјанството на Република Македонија (не е странец) согласно законски утврдените начини за престанување на државјанството и тоа непосредно пред и за време на иселувањето од Република Македонија.

Според член 49 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Република Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив.

Со Амандманот II на Уставот, се дополнува ставот 1 на членот 49 со определба дека Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Оттука, доколку Република Македонија, покрај за правата и положбата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците, се грижи и за правата и положбата на лицата на кои со чинот на напуштање на земјата им престанало македонското државјанство (странци) и се населиле во својата матична земја, тогаш Република Македонија ќе постапи спротивно на Амандманот II од Уставот.

Имајќи предвид дека суверено право на секоја држава е да го регулира прашањето за државјанство и самостојно да определи кои се нејзини државјани, а тргнувајќи од фактот дека оспорениот член 8 став 2 од Законот не уредува односи туку само појаснува што се подразбира под поимот иселеник, Судот оцени дека со оваа одредба не се повредуваат уставно утврдените слободи и права на човекот и граѓанинот, ниту пак се врши дискриминација по било кој основ, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Согласно оспорениот член 27-б од Законот за државјанството, со денот на почетокот на примената на овој закон, постапките за стекнување или престанување на државјанство на Република Македонија кои се започнати по Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/1992) ќе продолжат според одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија..

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според ставот на Уставниот суд изграден по повод други предмети, повратно дејство постои ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, меѓутоа нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек.

Оспорениот член 27-б од Законот, е во преодните и завршните одредби од Законот.

Овој член не се однесува на постапките за стекнување или престанување на државјанството што завршиле до донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството, туку овој член ги уредува правилатаа на постапувањето за започнатите постапки што не биле завршени во времето на донесувањето на оваа законска одредба.

Бидејќи оспорениот член од Законот се однесува на започнатите, а незавршени постапки за стекнување или престанување на државјанството, односно ги регулира односите за во иднина, Судот оцени дека членот нема повратно дејство и не е во несогласност со членот 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

Во однос на членот 8 став 2 од Законот, Судот го донесе решението со мнозинство гласови.

У.бр.42/2004
23 ноември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Издвоено мислење по предметот У.бр.42/2004