186/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на закони-тоста на Одлуката за усвојување на Детален урбанистички план (ДУП) за дел од Урбан блок 74 во Тетово бр.07-1421/10 од 14 октомври 2004 година на Советот на општина Тетово.

2. Ибраимурат Рустеми од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била незако-ни-та затоа што согласно член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 29/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002), кој што важел во време на донесување на оваа одлука, пред да се организира јавната анкета по нацртот на Деталниот урбанистички план истиот требало да се утврди од страна на општинската адми-ни-страција, а во конкретниот случај тоа не било сторено.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука има три члена. Во член 1 е утврдено дека со оваа одлука се усвојува Деталниот урбанистички план (ДУП) за дел од Урбан блок 74, ограничен со улицата “Б. Миладинови” и Булеварот “Б.Тоска”.

Според член 2, составен дел на оваа одлука е техничката документација бр.4/2004, изработена од ДОО “Урбан план” Тетово, која не се објавува, а два примероци се чуваат во Министерството за транспорт и врски ПЕ Тетово и два примероци во канцеларијата на главниот архитект.

Според членот 3, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.

Во однос на постапката во која е донесена оспорената одлука, Судот, меѓу другото, утврди дека градоначалникот на општина Тетово донел “Одлука за покренување на постапка за изработка на ДУП на урбанистички блок 74-Тетово, огра-ничен со улиците: “Б. Тоска”, “В.С. Бато”, “Б. Миладинови” под бр.08-1599/1 од 22 декември 2003 година. Оваа одлука градоначалникот ја донел по иницијатива на главниот архитект на град Тетово за изработка на детален урбанистички план.

Пред организирање на јавната анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план, главниот архитект на град Тетово дал мислење под бр.20-355/1 од 22 март 2004 година, а самата јавна анкета е организирана и траела од 21 мај до 4 јуни 2004 година.

4. Новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005) влезе во сила со денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а се применува од 1 јули 2005 година.

Во членот 84 од овој закон е утврдено дека со денот на влегувањето на примената во сила на истиот престанува да важи Законот за прос-торно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).

Со оглед на тоа што постапката за донесување на оспо-ре-ната одлука започнала и се водела во време на важењето на претход-ниот закон за просторно и урбанистичко планирање, Судот ги имаше предвид одредбите на тој закон, во однос на кои и се оспорува зако-нитоста на оваа одлука.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Репу-б-лика Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урба-нистички план.

Од содржината на член 17 од Законот, на кој се повикува и подносителот на иницијативата, произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општи-ната, по утвр-дување на нацртот на планот од страна на општинската админи-стра-ција (член 17 став 7).

Обврската за утврдување на нацрт планот од страна на општинската администрација е утврдена со Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), кој што важел во времето на донесувањето на оспорената одлука.

Според членот 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), како органи на општината се предвидени советот и градоначалникот на општи-ната.

Согласно член 57 од истиот закон, за извршување на работите од надлежност на органите на општината се организира општинска администрација чија организација, делокруг и начинот на извршување на задачите ги утврдува советот, врз основа на предлог на градоначалникот.

Во преодните и завршни одредби на Законот за локална самоуправа (член 95) е утврдено дека главните архитекти на градо-ви-те именувани согласно со одредбите на членот 53 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1995) продолжуваат да ги вршат работите и да ја примат плата-та која ја примале до завршување на мандатот за кој се избрани, односно именувани.

Од наведените одредби на Законот за локалната само-управа произлегува дека се до завршување на мандатот за кој се избрани, односно именувани, главните архитекти на градовите по влегувањето во сила на овој закон продолжуваат со работа и се дел од општинската администрација.

Оттука, имајќи го предвид и фактот дека глав-ниот архитект на град Тетово во постапката за донесување на детал-ниот урбанистички план кој е донесен со оспорената одлука, меѓу актите кои ги донел, односно изготвил, дал и свое мислење по нацртот на планот, во кое се констатира дека истиот во основа е изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и дека со одредени пропусти кои пред јавната анкета ќе треба да ги отстрани изготвувачот на планот и како таков може да оди во натамошна постапка согласно позитивната законска регулатива, Судот утврди дека во конкретниот случај не е повреден член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што и не го постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со овој член од Законот, а во однос на кој и единствено се оспорува нејзината законитост.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.186/2005
23 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова