Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005).
2. Лилјана Савовска, Благуна Кочева, Зорка Барутчиска Бочварска и Катица Гошева, од Скопје, како и Божна Гаговска и Мирослава Николовска, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа две посебни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.
3. Според наводите во првоподнесената иницијатива се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба како несогласна со членот 9 од Уставот на Република Македонија според кој граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата. Ова поради тоа што со оспорената одредба била пропишана полова нерамноправност за остварување на правата уредени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Воедно, се предлага Судот да донесе времена мерка за одлагање од примена на Законот до конечното одлучување.
Со второподнесената иницијатива се оспорува одредбата од Законот, исто така од аспект на нејзина согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, бидејќи регулирала дискриминација по основ на пол, односно во зависност од тоа дали се работи за маж или жена старосната пензија според Законот ќе можела да се оствари со исполнување на различен лимит на години од животот и тоа 62 години возраст за жени, а 64 години за мажи.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005) во членот 17 став 1 предвидел дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
5. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.
Оспорената одредба од Законот за пензиско и инвалидско осигурување била предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредби од Уставот и од аспект на наводите во предметните иницијативи, и Судот со Решение У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата.
Со оглед на тоа, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување и по однос на иницијативите во овој предмет.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.179/2005
16 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова