Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 1 став 1 точка 1 и 2 и ставовите 3, 4, 5 и 6 и член 2 од Правилникот за изменување на Правилникот за минимално технички услови за деловните простори и простории во кои се врши трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/2004).
2. ТД “Миткомерц – 94” од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот подзаконски акт бил во спротивност со член 18 став 4 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која со закон е ратификувана од Собранието на Република Македонија и објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.28/2001, а со кој била предвидено дека квантитативните ограничувања на увозот и мерките кои имаат исто влијание врз увозот на Република Македонија за производите што потекнуваат од Заедницата ќе бидат укинати со денот на влегување во сила на оваа Спогодба.
Според подносителот на иницијативата укинување на ограничувањата на Заедницата, согласно одредбите од Спогодбата го подразбирала и укинувањето на сите форми на увоз кои претставуваат количинско ограничување или исполнување на некакви други услови за увоз на стоки од Европската заедница, како што било и донесувањето на сега оспорениот Правилник, а се однесувале на увоз на нафтени деривати за вршење на трговија, а кои потекнуваат од Европската заедница.
Со цел побрзо реализирање на Спогодбата, Владата на Република Македонија донела и Одлука за стапување во сила на Времената спогодба за трговија и трговски прашања склучена меѓу Република Македонија и Европската Заедница, во чиј член 1 е предвидено дека, оваа Спогодба стапува на сила на 1 јуни 2001 година, и ќе остане во сила до влегување во сила на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
При постоење на вакви меѓународни договори, кои се ратификувани во согласност со Уставот, и се дел од внатрешниот правен поредок, според подносителот на иницијативата, Министерот за економија не можел да донесе Правилник со кој со предвидување на посебни услови на правните субјекти им се попречувал и ограничувал слободниот увоз на нафтени деривати од Европската Заедница. Имено, со членот 1 од Правилникот за изменување на Правилникот за минимално – технички услови за деловните простори и простории во кои се врши трговија, со кој е изменет членот 22 се пропишувале посебни услови кои според подносителот на иницијативата не можат да ги исполнат правните субјекти во Република Македонија што се занимаваат и се регистрирани за ваква дејност, поради што претставуваат ограничување на увозот на нафтени деривати на Република Македонија.
Поради изнесените аргументи, на Уставниот суд му предлага да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за изменување на Правилникот за минимално-технички услови за деловните простори и простории во кои се врши трговија, а потоа и негово укинување.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорениот правилник се предвидува дека во Правилникот за минимално технички услови за деловните простори и простории во кои се врши трговија (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/2004), член 22 се менува и гласи:
“Увозникот на нафтени деривати за вршење на трговија со нафтени деривати треба да располага со посебни складови.
Складовите од став 2 на овој член во кој се складираат оловни и безоловни бензини, дизел гориво, екстра лесно гориво и мазут, покрај општите услови пропишани со овој правилник, треба да ги исполнуваат и следниве услови:
– минималната зафатнина на резервоарот да е 1.000 м3 по деривати, и
– минималната вкупна зафатнина на резервоарите во складот да е 5.000 м3.
Складовите во кои се складира течен нафтен гас (ТНГ) треба да имаат минимална зафатнина на резервоар од 200 м3.
Резервоарите од ставовите 2 и 3 на овој член треба да бидат на едно место, оградени со една ограда и со влез и излез и не треба да бидат во состав на бензинската станица.
Складовите треба да имаат електронска вага со точност од 0,2% (ИИИ) за прием на нафтени деривати.
Складовите од ставовите 2 и 3 на овој член треба да ги исполнуваат техничките прописи за складирањето и преточувањето на горивото”.
Во член 2 од истиот правилник се предвидува дека овој Правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија:
– одлучува за согласноста на законите со Уставот;
– одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите;
– ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност;
– решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт;
– решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа;
– одлучува за одговорноста на претседателот на Републиката;
– одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните и
– одлучува и за други прашања утврдени со Уставот.
Согласно член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, а според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Членот 110 од Уставот на Република Македонија не предвидува надлежност Уставниот суд да постапува, односно да оценува дали подзаконскиот акт е во согласност со меѓународниот акт, односно Спогодбата на која подносителот се повикува во иницијативата, туку само да ја оценува неговата согласност со Уставот на Република Македонија и позитивната законска регулатива.
Имено, во членот 110 од Уставот, уставотворецот ја дава позитивната надлежност на Уставниот суд со конкретно и децидно набројување. Оттука, според Судот дикцијата на уставотоврецот е во насока на тоа дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува согласноста на подзаконскиот акт со меѓународен правен акт.
Со оглед на тоа што со иницијативата се бара Уставниот суд да ја оценува согласноста на оспорениот подзаконски акт со одредби на еден меѓународен договор, односно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки, ратификувана со Закон, според Судот Уставниот суд не е надлежен да ја оценува согласноста на подзаконскиот акт со содржината на меѓународниот договор. Според Судот, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува содржината на меѓународните договори, а со тоа ниту согласноста на подзаконскиот акт со меѓународните договори од причина што оцената за согласноста на меѓународните договори со Уставот ја врши Собранието на Република Македонија во постапката на ратификација на меѓународниот договор, кој по неговото ратификување станува дел од внатрешниот правен поредок, а со тоа и директно извршлив.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.5/2005
16 ноември 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова