У.бр.189/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1, 52 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владо Симонов од Пробиштип за заштита на правото на вработување.

2. Владо Симонов од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на правото на вработување кое му било повредено со тоа што не бил вработен како стручен соработник во Основниот суд Кратово.

Подносителот на барањето наведува дека бил вработен на наведеното работно место со договор за работа во траење од 24 месеци, но по истекот на договорот престанал да работи.

По спроведената постапка за пополнување на истото работно место бил примен друг кандидат при што не се водело сметка дека подносителот на барањето веќе имал работно искуство на тоа работно место, дека бил без работа со невработена сопруга и 18 месечна ќерка и без социјална помош, додека пак примениот кандидат бил вработен и бил близок роднина на судија во Основниот суд Кратово.

Подносителот на барањето сметка дека се што му се случувало се должело на тоа што иако немал партиска книшка бил симпатизер и гласач на ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство така што неговиот глас даден за опозицијата била пречка да биде вработен на работното место на кое претходно работел две години. Поради тоа му била направена политичка дискриминација.

3. Судот на седницата утврди дека Владо Симонов од Пробиштип и Основниот суд Кратово склучиле договор за работа за работно место стручен соработник во траење од 24 месеци.

По истекот на времето за кое бил склучен договорот, на Владо Симонов му престанал работниот однос во Основниот суд Кратово.

Подоцна, подносителот на барањето, врз основа на објавениот оглас во дневните весници “Утрински весник” и “Факти” се пријавил за вработување во Основниот суд Кратово на работно место стручен соработник.

По спроведената постапка, претседателот на судот, писмено го известила барателот дека со Одлука Су.бр.157/2005-2 за државен службеник на работното место соработник-стручен соработник во Основниот суд Кратово е избран друг кандидат кој бил прв на листата предложена од Комисијата за вработување на државни службеници.

Владо Симонов, против Одлуката на судот поднел жалба до Агенцијата за државни службеници. Комисијата на Агенцијата за решавање во втор степен по жалби и приговори со одлука ја одбила жалбата како неоснована, а одлуката на Судот ја потврдила поради тоа што целата постапка за вработување на државен службеник-стручен соработник била спроведена во согласност со Законот за државните службеници, со Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит, како и со актот за систематизација на работните места во Основниот суд Кратово.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразува-ње на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), секој граѓа-нин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземеното дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само да се означат повредените слободи и права, туку треба да се наведат и причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, а ако станува збор за заштита од дискриминација потребно е да се наведе и појасни и основот на дискриминацијата.

Во конкретниот случај, очигледно е дека поднесеното барање по својата суштина не е барање за заштита на слободите и правата. Имено, од содржината на барањето јасно произлегува дека со него се бара заштита на правото на вработување и поништување на одлуката за вработување на кандидатот кое пак право не спаѓа во корпусот на слободите и правата на човекот и граѓанинот што ги штити Уставниот суд на Република Македонија согласно член 110 алинеја 3 од Уставот. Подносителот на барањето попатно спомнува дека тој не бил примен на работното место поради тоа што бил симпатизер и гласач на ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство без да изнесе факти и докази врз кои се заснова неговото тврдење. Напротив, иако подносителот на барањето тврди дека е дискриминиран по основ на неговата политичка припадност на партијата ВМРО-Демократска партија за македонско национално единство тој, самиот наведува дека не бил член на оваа партија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.189/2005
16 ноември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова