Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 став 2, 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 октомври 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2005).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на:
– Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1992 и 18/1993).
– Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994 и 66/1994).
3. Велко Наумоски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актите означени во точката 2 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорените правилници биле донесени според Законот за насоченото образование кој престанал да важи со донесувањето на Законот за средно образование. Според подносителот на иницијативата, Судот требало да го запре извршувањето на оспорените правилници бидејќи им престанала важноста, а не биле усогласени со Законот за средно образование, а Министерството за образование и наука да ги ослободи сите ученици од обврската да полагаат завршен испит. Понатаму во иницијативата се наведува дека по укинувањето од страна на Уставниот суд на Република Македонија на Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005) и Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005) Министерството за образование и наука наместо да најде решение во корист на сите ученици, доставило информација до средните училишта според која завршниот испит ќе се спроведува според старата практика по која учениците со континуиран одличен успех се ослободуваат од полагање на завршниот испит односно според правилник кој престанал да важи. Според подносителот на иницијативата ако одличните ученици се ослободувале од полагање на завршен испит и оваа година, бидејќи не биле навреме информирани дека законот всушност и нив ги обврзува на полагање на завршен испит, нужно требало да се ослободат од истиот и останатите ученици, за да не се загрози нивното право на еднаквост, стекнато со Уставот и со Законот за средно образование.
Постапувајќи по поднесената иницијатива, а согласно член 14 став 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста на членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2005), затоа што пред Судот основано се постави прашањето дали со оваа законска одредба не се доведува во прашање уставниот принцип на владеењето на правото и правната сигурност.
4. Судот на седницата утврди:
а) Врз основа на член 66 став 5 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.16/1985, 29/1986, 7/1988, 18/1989, 29/1989, 12/1990, 29/1990, 11/1991 и 40/1991) Републичкиот педагошки совет на 27 декември 1991 година донел Правилник за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1992).
Републичкиот педагошки совет на 2 февруари 1993 година донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/1993).
Според членот 3 од овој правилник, по членот 5 се додава нов член 5-а кој гласи: “Учениците кои покажале одличен успех во текот на сите години на образованието во средните училишта, се ослободуваат од обврската за полагање на завршниот испит во делот на писмената работа по македонски јазик и литература, односно јазикот на кој ученикот ја следел наставата и литературата.
Учениците кои покажале одличен успех во текот на сите години на средното образование подготвуваат практична работа, односно изработуваат индивидуална писмена работа.
Учениците кои покажале одличен успех во текот на четирите години на гимназиското образование се ослободуваат од обврската за одбрана на индивидуалната писмена работа и од усниот испит.
Учениците кои покажале одличен успех во текот на сите години на средното стручно образование се ослободуваат од извршување на практичната задача и од усното образложение на практичната задача”.
б) Врз основа на член 66 став 5 од Законот за насоченото образование, министерот за образование и физичка култура на 24 октомври 1994 година, донел Правилник за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994).
Според членот 46 на овој правилник, со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1992 и 18/1993).
Министерот за образование и физичка култура на 5 декември 1994 година, донел Правилник за изменување на Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.66/1994).
Според членот 1 од овој правилник во Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994), членот 46 се менува и гласи: “Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1992, 18/1993 и 26/1993), престанува да важи со денот на почетокот на примената на овој правилник”.
Според членот 2, овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува за учениците кои ќе се запишат во училиштата за средно образование во учебната 1995/96 година.
в) Врз основа на член 38 став 2 од Законот за средно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 20/2002, 40/2003, 42/2004 и 67/2004) министерот за образование и наука на 27 јануари 2005 година, донесе Правилник за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование и Правилник за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005).
Според членот 44 од Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование, со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за содржината и организацијата на завршнит испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994 и 66/1994).
г) Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.31/2005 од 15 јуни 2005 година ги укина Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во училишната матура во гимназиското образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005) и Правилникот за начинот на полагањето и оценувањето на резултатите на учениците на испитите во завршниот испит во средното стручно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2005).
5. Судот, исто така утврди дека Собранието на Република Македонија на 5 јули 2005 година донесе Закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2005).
Со членот 6 од овој закон, членот 115 се менува и гласи: “Учениците кои гимназиското образование,уметничкото образование, тригодишното и четиригодишното стручно образование го завршуваат во учебната 2005/2006 година, полагаат завршен испит според одредбите од Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994 и 66/1994).
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Имајќи предвид дека со членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование се воспоставува важење на Правилникот за содржината и организацијата на завршниот испит во средното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/1994 и 66/1994) кој неспорно престанал да важи во целина и не е повеќе дел од правниот поредок на државата, пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот во однос на правнаа сигурност како елемент на принципот на владеењето на правото.
7. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи предвид дека оспорените правилници престанале да важат и не се повеќе дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот ја отфрли иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.102/2005
26 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова