40/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004).

2. Љубчо Вељанов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 4 став 2 од Законот не бил во согласност со членовите 114, 115 и 116 од Уставот кои се однесувале само на општините како единствени единици на локалната самоуправа во Републиката, додека со членот 117 се дозволувало донесување на законска регулатива за градот Скопје само за неговата организација, па територијалната граница ја надминувала уставната дефинираност на градот.

Уставно гарантираното право на граѓаните на локална самоуправа се остварувало само во единиците на локалната самоуправа т.е. само во општините и во облици на локална самоуправа кои може да ги основаат општините. Градот Скопје не бил единица на локална самоуправа зашто не била општина ниту друг облик на локална самоуправа основана од општина, па според тоа и не смеел да ги преземе надлежностите на општините, а за да функционира синхронизирано во сите негови делови како единствено населено место – најголем и главен град на Република Македонија, со членот 117 од Уставот тој бил дефиниран како посебна единица на локална самоуправа чија организација се предвидува да се уреди со закон.

Градот Скопје, како посебна единица на локална самоуправа, од посебна организациона единица се претворал во посебна територијална единица особено со тоа што неговата граница се простирала до границите на општините во градот Скопје во делот што се граничел со соседните општини или се поклопувала со државната граница на Република Македонија, па произлегувало дека територијата на градот Скопје била поделена на територии на одделни општини, а не дека тој се протега на дел од територијата на општините.

Поместувањето на границата на градот Скопје, како населено место, пошироко од неговата граница утврдена со генерален урбанистички план, овозможувало градот Скопје да добие други надлежности, кои не биле неопходни за остварување на заедничките потреби и интереси на граѓаните што произлегуваат од карактерот на градот Скопје согласно член 117 од Уставот. Тоа според подносителот на иницијативата претставувало груба анексија на селата од општините во границите на градот Скопје што значело не само негово територијално проширување, туку и узурпација на уставно гарантираното право на локална самоуправа на жителите на селата, зашто нивните заеднички потреби и интереси немале ништо заедничко со остварувањето на заедничките потреби и интереси на граѓаните на градот Скопје и со неговата организација, согласно член 115 став 2 од Уставот.

Градот Скопје, како посебна единица на локална самоуправа, поради тоа што не бил спомнат во член 116 од Уставот, не можел да биде единица на локална самоуправа со територијална поставеност, па според тоа не можел да има ниту територијални граници. Неуставноста на ставот 2 од членот 4 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, била токму во тоа што границата на градот Скопје ја детерминира како територијална граница. Дека во ставот 2 од членот 4 се работи за чисто територијална граница потврдувал и фактот што границата на градот се границите на општините во градот Скопје во делот што се граничат со соседните општини или се поклопуваат со државната граница на Република Македонија.

Сублимирано кажано општините надлежностите ги црпеле од членовите 114, 115 и 116, а градот Скопје од член 117 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 4 став 1 од Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, граница на општина се границите на катастарските општини на населените места во нејзиниот состав, во делот што се граничат со соседните општини или се поклопуваат со државната граница на Република Македонија.

Според оспорениот став 2 од овој член, граница на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, се границите на општините во градот Скопје во делот што се граничат со соседните општини или се поклопуваат со државната граница на Република Македонија.

4. Според членот 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според ставот 2 на овој член, единици на локалната самоуправа се општините.

Територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се уредуваат со закон, согласно членот 116 од Уставот.

Членот 117 став 1 од Уставот утврдува дека градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа чија организација се уредува со закон.

Според точка 1 од Амандман ЏВИИ на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според точка 2 од овој Амандман, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Оттука произлегува дека Амандманот ЏВИИ на Уставот утврдува дека во единиците на локалната самоуправа и во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, односно од значење за градот Скопје во точно определени области меѓу кои и од областа на урбанизмот и руралното планирање, со можност да учествуваат во одлучувањето и за прашања од други области утврдени со закон.

Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија е донесен врз основа на член 116 од Уставот, според кој територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон.

Притоа, Уставот не се впушта во регулирањето на прашањата во врска со територијалната поделба на Републиката и подрачјата на општините, туку недвосмислено упатува овие прашања да се уредат со закон, со што препуштил регулирањето на сите прашања од овие области да биде во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката.

Со овој закон се уредува територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија; се основаат општините како единици на локалната самоуправа; се утврдуваат подрачјата на општините и на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа; се утврдуваат имињата, седиштата и границите на општините; се определуваат видот и имињата на населените места; се уредува спојувањето, поделбата и промената на границите на општините и на градот Скопје, како и други прашања што се однесуваат на територијалната организација на локалната самоуправа.

Според член 3 од овој закон, подрачје на општина опфаќа едно или повеќе населени места со катастарски општини утврдени во согласност со закон, а подрачјето на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, го сочинуваат подрачјата на општините во градот Скопје.

Според член 12 од овој закон во градот Скопје се основаат 10 општини со утврдени населени места и тоа:

1. Општина Аеродром – селото Долно Лисиче;
2. Општина Бутел – селата: Визбегово, Љубанци, Љуботен и Радишани;
3. Општина Гази Баба – селата: Брњарци, Булачани, Гоце Делчев, Идризово, Инџиково, Јурумлери, Раштак, Сингелиќ, Смиљковци, Стајковци, Страчинци, Црешево и Трубарево;
4. Општина Ѓорче Петров – селата: Волково, Грачани, Кучково, Никиштане, Ново Село и Орман;
5. Општина Карпош – селата: Бардовци и Горно Нерези;
6. Општина Кисела Вода – селата: Драчево и Усје;
7. Општина Сарај – селата: Арнакија, Бојане, Буковиќ, Глумово, Горно Свиларе, Грчец, Дворце, Долно Свиларе, Кондово. Копаница, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Матка, Паничари, Радуша, Раовиќ, Рашче, Рудник Радуша, Семениште, Чајлане и Шишево;
8. Општина Центар;
9. Општина Чаир и
10. Општина Шуто Оризари -селото Горно Оризари.

Овие општини имаат седиште во градот Скопје.

Со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија се основани општините како единици на локалната самоуправа и се утврдени подрачјата на општините, но истовремено е утврдено и подрачјето на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа кое што го сочинуваат подрачјата на општините во градот Скопје.

Оттука произлегува дека иако градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа, неговата посебност не може да се однесува само на градот како урбана целина во потесна смисла, туку дека токму таа посебност му дава право на градот Скопје да ги врши своите надлежности во рамките на своето подрачје кое истовремено е и подрачје на општините што го сочинуваат градот Скопје. Тоа значи дека определувањето на границата на градот Скопје во смисла на оспорениот член од Законот е неопходен услов за функционирање на градот Скопје и за остварување на неговите уставни надлежности, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со одредбите од Уставот што се однесуват на локалната самоуправа.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.40/2005
26 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова