У.бр.141/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 октомври 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Стојан Чундев од Скопје за заштита на слободите и правата, утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Стојан Чундев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на дискриминација и појаснување на барањето во кое наведува дека бил дискриминиран од страна на Фондот за ПИОМ, на начин што Фондот му исплатувал “најниската од трите можни највисоки пензии”.

Имено, подносителот на барањето наведува дека му е познат фактот за исплата на пензија во висина според временскиот период кога е стекнато правото на пензија и дека Фондот ваквата исплата ја оправдувал со повременото донесување на измени во соод ветниот Закон, но смета дека треба да биде изедначен со оние пензионери кои оствариле право на највисок износ на пензија. Бидејќи Фондот кон него грешел по однос на исплатата на пензијата и тоа сметано од 1 ноември 1997 година (ден на негово пензионирање) до денес, тој бил изложен на дискриминација, од кои причини бара Судот не само да ја прекине дискриминацијата, туку и да му наложи на Фондот да ја изврши потребната компензација за наведениот период.

Во барањето и појаснувањето, исто така, се предлага Судот да му наложи на Фондот не само нему, туку и на сите пензионирани лица пред 1 јануари 1997 година да им ја исплати разликата до највисокиот износ на пензија на кој начин ќе дошло до изедначување и ќе се елиминирала дискриминацијата.

2. Од дописот бр.10-5676/2 од 26 ноември 2003 година на Фондот за ПИОМ доставен до подносителот на барањето, како и од наводите во барањето за заштита на слободите и правата и поднесокот за појаснување на барањето, Судот на седницата го утврди следното:

Стојан Ч ундев од Скопје, остварил право на старосна пензија врз основа на Решението С.бр.105434 од 28 ноември 1997 година во висина од 23.563,50 денари, сметано од 1 ноември 1997 година. Со решението е предвидено доколку износот на старосната пензија е над износо т на највисоката пензија, ќе се исплатува највисоката пензија.

Со допис од 8 јули 2003 година Стојан Чундев се обратил до Фондот со барање да му биде направена корекција на висината на старосна пензија што ја остварил и да му се исплати соодветна разлика.

По повод неговиот допис Фодот, во писмото од 26 ноември 2003 година му појаснил на Стојан Чундев дека во Фондот се исплаќаат три различни износи на највисока пензија, во зависност од датумот кога било остварено правото на пензија, според важечката регулатива од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и измените и дополнувањата на овој Закон по конкретната проблематика. Поради овие околности Фондот констатирал дека тој не може да се споредува со другите корисници кои примале највисока пензија.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземеното дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во член 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во цитираниот член 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остарување на заштита на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само да се означат повредените слободи и права, туку во барањето треба да се наведат и причините поради кои се бара заштитата, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, а ако станува збор за заштита од дискриминација потребно е да се наведе и појасни и основот на дискриминацијата.

Во конкретниот случај со наводите од барањето, изнесените факти и доставениот доказ (писмото од Фондот), подносителот на барањето не означува за кој основ на дискриминација станува збор. Дали тоа е дискриминација по основ на: пол, раса, верска, национална, социјална или политичка припадност?

Исто така, поднесеното барање по својата суштина не е барање за заштита на слободите и правата, туку само начелно повикување на сторена повреда на слободите и правата, кое содржи конкретно барање Уставниот суд да му наложи на Фондот да му исплаќа не само на подносителот на барањето, туку и на поголем неопределен број граѓани највисок износ на пензија, што не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.

Имено, Уставниот суд на Република Македонија е надле-жен да ги заштити слободите и правата во случај кога истите се повредени со поединечни акти или дејствие, по основ на дискриминација, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Судот. Според содржината на неведените одредби Уставниот суд не е надлежен да врши контролата на законитоста на работењето на органите и институциите, вклучувајќи го и Фондот за ПИОМ, што претставува цел на подносителот на барањето.

На крај поднесеното барањето во најголем дел, според изнесените наводи, има карактеристика на тужба за остварување на право на разлика од висината на исплатуваната старосна пензија до висината на старосна пензија што подносителот на барањето смета дека треба да ја оствари, за што не е надлежен да постапува Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.141/2005
19 октомври 2005 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова