Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 октомври 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Населба “Тасино Чешмиче” И – Скопје бр.08-396/2 донесена од Советот на општина Центар на 14 февруари 2005 година (“Службен гласник на општина Центар”бр.2/2005).
2. Иван Дуковски и Илија Карагошев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителите на иницијативата во првиот допис до Судот како акт што се оспорува го наведуваат Деталниот урбанистички план “Тасино Чешмиче” 1 КО Центар 2 Скопје и Урбанистичко решение за двојна куќа на Ул. “Салвадор Аљенде” бр.29 КП. 1945, КП. 1946, КП. 1947 и КП. 1944 КО Центар 2 Скопје.
Во образложението се наведува дека урбанистичкото решение на предметните катастарски парцели не било во согласност со членовите 11, 13, 17 и 33 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) и се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на наведеното урбанистичко решение.
На барање на Судот, подносителите на иницијативата прецизираа дека го оспоруваат Деталниот урбанистички план за населба “Тасино Чешмиче” 1 – Скопје донесен од Советот на општина Центар бр.07-396/1 од 14 февруари 2005 година.
Од образложението на појаснувањето произлегува дека постапката при донесувањето на планот не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи не биле применети урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот и утврдените параметри за заштита на животната средина и јавните патишта без конкретно наведување во што се состои повредата. Понатаму се наведува дека постапката не била во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање кои се однесувале на одлуката за организирање на стручна расправа, на јавната анкета и доставувањето на писмени забелешки на извештајот за стручната расправа, јавната анкета и образложението за неприфатените забелешки.
3. Судот на седницата утврди дека по повод поднесената иницијатива, Советот на општина Центар ја достави следната документација: Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за населба “Тасино Чешмиче И” – Скопје донесена од Советот на општина Центар на 12 февруари 2005 година; Стручна ревизија на Нацрт планот изготвена од Друштво за планирање, проектирање и инженеринг “Простор” д.о.о. Куманово; Одговор на стручна ревизија од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија; Одлука за организирање јавна анкета во траење од 20 до 30 декември 2004 година; Соопштение за јавна анкеа објавено во весниците “Дневник” и “Утрински весник”; Извештај од јавната анкета за Нацрт планот од кој може да се согледа дека биле доставени 15 анкетни листови со забелешки од граѓани и правни лица. Анкетен лист доставиле и подносителите на иницијативата и нивната забелешка била делумно прифатена; Известување за постапување по извештајот од јавната анкета според кое од доставените забелешки, прифатените забелешки се имплементирани во Планот, а за забелешките кои не се прифатени дадено е стручно образложение и Согласност од Министерството за транспорт и врски.
4. Според членовите 17 и 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој важел во време на донесување на оспорениот акт, по нацрт на детален урбанистички план се спроведува јавна анкета. Јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. По завршувањето на јавната анкета, општината изработува извештај со образложение за неприфатените забелешки.
Согласно членот 17 на овој закон, по нацртот на просторниот план на Републиката, просторните планови на регион, национален парк, град Скопје и на општина, како и на генералниот урбанистички план, се организира стручна расправа со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот.
Согласно член 19 став 1 од Законот, на нацртот на плановите, пред организирањето на јавна анкета се врши стручна ревизија.
Од изнесените законски одредби произлегува дека општината е овластена по нацртот на деталниот урбанистички план да спроведе јавна анкета во траење од најмалку 10 дена, дека заинтересираните субјекти преку анектни листови можат да даваат свои забелешки по планот, дека по завршувањето на јавната анкета општината изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки и дека на нацртот на планот се врши стручна ревизија.
Во конкретниот случај, според доставената документација што претходела на донесувањето на оспорената одлука е евидентно дека јавната анкета по Нацртот на Деталниот урбанистички план за населба “Тасино Чешмиче” И – Скопје траела 10 дена (од 20 до 30 декември 2004 година) за што заинтересираните субјекти биле известени преку средствата за јавно информирање и тоа “Дневник” и “Утрински весник”. По завршувањето на јавната анкета Комисијата за изготвување на извештај за спроведената јавна анкета разгледала 15 доставени анкетни листови и изготвила записник со образложенија за сите неприфатени забелешки. Подносителите на иницијативата пред Уставниот суд доставиле анкетни листови и нивните забелешки биле делумно прифатени со конкретно образложение содржано во извештајот од спроведената јавна анкета. На Нацртот на Деталниот урбанистички план е извршена стручна ревизија.
Со оглед на тоа што по Нацртот на Деталниот урбанистички план е организирана јавна анкета во траење од 10 дена, е изготвен извештај за спроведената јавна анкета со образложение на неприфатените забелешки, и е извршена стручна ревизија, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во однос на наводите од иницијативата дека оспорениот акт не бил во согласност со одредбите од Законот кои се однесуваат на стручната расправа, Судот оцени дека според Законот при донесување на детални урбанистички планови стручна расправа не се спроведува.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.123/2005
19 октомври 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова