Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 12 октомври 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 50 став 3 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002).
2. Јасминка Давчева од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 50 став 3 од актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба преставувала своевидно ограничување и како таква не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, член 9, член 27 став 1, член 51, член 53 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и со член 9 став 1 од Законот за адвокатурата.
Имено, со оспорената одредба се ограничувала дејноста и работата на адвокатот и адвокатското друштво, иако истите можеле да застапуваат каде било и во кое било место на територијата на Република Македонија. Оттаму, се поставувало прашањето зошто истите да немаат право да имаат испостава, деловна единица, подружница или слично кога дејноста можеле да ја вршат надвор од седиштето. Ова и од причина што членот 9 став 1 од Законот не предвидувал седиштето да биде само во едно место, односно не забранувал отворање на испостава, деловна единица, подружница или слично.
3. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 1 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија, седиштето на канцеларијата на адвокатот го определува адвокатот поединец.
Според став 2 од истата одредба, седиштето на адвокатското друштво го определуваат основачите на друштвото.
Според оспорениот став 3 на членот 50 од Статутот, седиштето на канцеларијата на адвокатот односно на адвокатското друштво е само на едно место.
Според став 4 од истиот член, промената на седиштето се врши врз основа на претходно известие на комисијата за прием, упис и бришење во имениците и издавање и одземање на лиценца.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 27 став 1 од Уставот, секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Република Македонија и слободно да го избира местото на своето живеалиште.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во ставот 2 на овој член се утврдува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, а според ставот 3 на овој член, ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Според став 4, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Според член 9 од Законот за адвокатурата, седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец го определува адвокатот, а на адвокатското друштво адвокатот основач на адвокатското друштво, по слободен избор (став 1). За секоја промена на седиштето на канцеларијата на адвокатот поединец и адвокатското друштво, адвокатот, односно спогодбено адвокатите основачи се должни да ја известат Адвокатската комора на Република Македонија (став 2). Канцеларијата на адвокатот поединец и адвокатското друштво мораат да исполнуваат минимално хигиенотехнички услови за квалитетно давање правна помош, утврдени со општ акт на Адвокатската комора на Република Македонија (став 3).
5. Поаѓајќи од карактерот на прашањето што се покренува со иницијативата по однос на можното ограничување на правото на слободно вршење на дејноста и работата на адвокатот, односно адвокатското друштво, Судот најде дека оспорената статутарна одредба не може да се оценува по однос на нејзината согласнот со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, член 9, член 27 став 1, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија.
6. Што се однесува до согласноста на оспорената одредба со член 53 од Уставот на Република Македонија, Судот утврди дека оваа одредба ја определува адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон. Според тоа, под кои услови адвокатурата ќе ги остварува своите функции е прашање што се уредува со Законот за адвокатурата.
Во членот 9 од Законот за адвокатурата е уредено прашањето за седиштето, така што е определено дека адвокатот поединец, односно основачот на адвокатското друштво, по слободен избор го определуваат седиштето на својата канцеларија и за секоја промена на седиштето се должни да ја известат Адвокатската комора на Република Македонија.
Оттука, во контекст на релацијата помеѓу член 53 од Уставот и Законот за адвокатурата, прашањето за седиштето регулирано со оспорената одредба од Статутот е прашање на нејзината законитост, а само посредно на нејзината уставност.
Тргнувајќи од содржината и дикцијата на наведената одредба, произлегува дека Законот предвидел слободен избор само на едно седиште на адвокатската канцеларија, иако тоа не е изречно нагласено (поимот седиште е даден во еднина). Законот не се занимава со прашањето дали имателот на адвокатска канцеларија може да има своја испостава, подружница, деловна единица или други простории во кои ќе ја врши својата дејност надвор од седиштето. Поблиско определување во оваа насока не е содржано ни во целината на одредбите од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.
Според статутарните одредби, седиштето на канцеларијата на адвокатот и седиштето на адвокатското друштво задолжително се обележуваат со називот на адвокатот, односно адвокатското друштво (член 52 став 1). Седиштето е дел од содржината на печатот и штембилот на адвокатот поединец и адвокатското друштво (член 54). Во Именикот на адвокати и Именикот на адвокатски друштва, (член 77), меѓу другото се впишува и седиштето на адвокатот, односно адвокатското друштво. Оттаму, седиштето е битен елемент за определување на субјективитетот на адвокатот, односно адвокатската канцеларија.
Според тоа, определбата од оспорената статутарна одредба седиштето на канцеларијата на адвокатот, односно на адвокатското друштво да биде само на едно место и тоа по сопствен избор на адвокатот поединец или основачот на адвокатската канцеларија, е во согласност со член 9 од Законот за адвокатурата, затоа што тој го пропишува истото.
Воедно, барањето за определување на едно седиште не го ограничува адвокатот, односно адвокатското друштво да ја врши својата дејност на територијата на Република Македонија и надвор од неа, под услови на реципроцитет, како што е уредено во член 14 и 15 од Законот за адвокатурата.
Според Судот, наводите од иницијативата за отсуство на поконретна регулатива во оспорената одредба и во целината на одредбите од Статутот за можноста од основање на подружници, испостави или други простории различни по вид од седиштето на канцеларијата не може да го побијат тоа тврдење или да бидат основ за покренување на постапка за оценување на уставноста и законитоста, од причина што Уставниот суд ја оценува уставноста и законитоста на она што е содржано во нормите, а не на она што би требало да биде содржано во нив, според наоѓањето на подносителот на конкретна иницијатива.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 50 став 3 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија не може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 53 од Уставот и член 9 од Законот за адвокатурата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова Ристова и судиите: др Трендафил Ивановски,Махмут Јусуфи,Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, др Бајрам Положани, Игор Спировски и др Зоран Сулејманов.
У.бр. 113/2005
12 октомври 2005 год.
С к о п ј е
л.а/
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова