У.бр.134/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеи 1 и 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 192 од Законот за извршната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/1997, 59/2000 и 64/2003).

2. Страшо Милковски, претседател на Управниот одбор на “Гранит” АД – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 192 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од законот не била во согласност со членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија од причини што со нејзината примена во извршната судска постапка, на Република Македонија и на нејзините единици на локална самоуправа, во случај кога тие се јавувале како должници, им се овозможувало повластена положба во однос на останатите субјекти – физички и правни лица во случај кога истите се јавувале и како доверители и како должници.

Привилегираната положба што оспорената одредба од Законот им ја давал на Република Македонија и единиците на локалната самоуправа ги правел како должници “нееднакви” со другите должници, па чувстувајќи правна сигурност од примената на овој член, се однесувале комотно и несериозно во однос на доверителите и долгот што го имале спрема нив.

Во иницијативата понатаму се наведува дека поради зачестена примена на оспорениот член од законот доверителите доаѓаат во состојба да не можат да ги остваруваат своите права, за наплата на своите парични побарувања утврдени со правосилни и извршни судски одлуки.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба била апсурдна, недефинирана и сосема нејасна во однос на тоа што се средства неопходни за вршење на основните задачи на Република Македонија, односно единицте на локална самоуправа, па судот во секој конкретен случај проценувал и одлучувал произволно без никакви критериуми затоа што во законот не биле пропишани, со што оспорената одредба ја прави спротивна и на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија каде било утврдено дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека при утврдување на средствата неопходни за вршење на основните задачи на Република Македонија односно единиците на локалната самоуправа, судовите најнапред тргнувале од бројот и бруто платите на вработените. Ако се имало предвид дека со Законот за платен промет платите на вработените немале приоритет пред другите обврски на правните субјекти, зошто тогаш, платите на овие вработени би биле приоритетни и би се сметале, како неопходни средства за функционирање на единиците на локалната самоуправа. Значи, на вработените во овие органи им била загарантирана платата и ги доведувало во повластена положба во однос на другите граѓани – вработени, кои можеле да не добијат плата, заради блокирана сметка на правниот субјект по основ на судско извршно решение. Во секој случај овие средства, не можеле да имаат третман на средства неопходни за вршење на основните задачи на Република Македонија и единиците на локалната самоуправа. Тоа би можеле да бидат средствата за комунални дејности – снабдување со вода за пиење, одводнување, јавна чистота, јавно осветлување и слично, а во никој случај платите на вработените.

Од примената на оспорениот член од Законот подносителот на иницијативата наведува дека директно тој трпи огромни штети и е доведен во незавидна финансиска состојба, односно во состојба на неликвидност без никакви изгледи дека истата ќе се подобри.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 192 од Законот за извршната постапка извршување врз парични средства на сметка на Република Македонија и единиците на локалната самоуправа кај носителот на платен промет, како и врз денарска на девизните средства што тие ги имаат на девизната сметка кај банката, не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на основните задачи на Република Македонија и на единиците на локалната самоуправа.

Одредбите на став 1 од овој член се применуваат и врз органите на Република Македонија.

Судот, по потреба, пред донесувањето на решение по предлог за извршување, ќе ги сослуша странките за околностите од кои зависи примената на ставовите 1 и 2 од овој член.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.54/1998 од 8 јули 1998 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 192 од Законот за извршната постапка.

Со оглед на тоа што Судот еднаш веќе одлучувал за уставноста на оспорената законска одредба, а предметната иницијатива не содржи елементи кои би биле основа за поинакво одлучување, Судот утврди дека согласно цитираната одредба од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата треба да се отфрли.

По однос на наводите во иницијативата дека како последица од примената на оспорената законска одредба подносителот на иницијативата трпи огромни штети и е доведен во незавидна финансиска состојба, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува за примената на законите.

При одлучувањето, Судот го имаше предвид и новиот Закон за извршување (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/2005) кој е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 5 мај 2005 година, а ќе отпочне да се применува по една година од денот на неговото влегување во сила (26 мај 2006 година).

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.134/2004
28 септември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова