149/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Радослав С. Спасовски од Куманово за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на конкретни акти на судовите.

2. Радослав С. Спасовски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на конкретни акти донесени од надлежните судови, бидејќи според наводите во иницијативата тој не можел да ги оствари своите правни интереси поради неправилното работење и одлучување на тие судови.

Имено, подносителот на барањето, во првиот поднесок кој е насловен како барање за заштита на правата, истакнува дека во смисла на член 50 став 1 од Уставот на Република Македонија, а незадоволен од Пресудата на Апелациониот суд во Скопје Гж.бр.763/2005 од 2 јуни 2005 година го поднесува овој поднесок во кој ја истакнува хронологијата на постапката која се водела пред редовните судови по истакнато тужбено барање на име исплатена станарина за период од јануари 1993 година заклучно со месец март 1998 година. Во овој поднесок подносителот истакнува дека со пресуда на Апелациониот суд во Скопје е сторена повреда на начелото на легалитет и судење во разумен рок, (бидејќи по предметот се постапувало подолг период), а кое било изразено во член 4 став 1 од Законот за вонпроцесна постапка, член 7 став 2 од Законот за судовите, односно член 6.1. од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Во вториот поднесок се повикува на член 8 став 2 од Уставот на Република Македонија, односно дека Апелациониот суд во Скопје со означената пресуда сторил повреди на една од темелните вредности на уставниот поредок – владеење на правото, предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и повредени се начелата на легалитет и на приоритет и итност”, потоа повреда на диспозитивното начело изразено со член 2 став 1 и 2 од Законот за парничната постапка. Понатаму, исто така се повикува на членот 50 став 1 од Уставот. Подносителот на крајот наведува дека овие повреди се во смисла на член 110 став 1 алинеја 3 и 8 од Уставот на Република Македонија.

3. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно алинеја 3 од истиот член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Од цитираните уставни одредби, исто така произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, Судот не е надлежен да одлучува по барањето за заштита на правото на законито, непристрасно, чесно и во разумен рок судење на кое се повикува подносителот и во вториот поднесок, со оглед дека тоа не е опфатено во правата што Уставниот суд е надлежен да ги штити согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Поаѓајќи од означените уставни одредби и барањето со иницијативата, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.149/2005
21 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова