114/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 септември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 37 до 63 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/2001, 61/2002 и 19/2004).

2. Тодор Пљаков од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата, се оспоруваат членовите 37 до 63 од Законот, односно сите членови кои се содржани во Дел трети точка 2 од Законот со наслов “Присилна наплата” на даночен долг, парични казни и камати на даночниот должник.

Имено, според подносителот на иницијативата, со наведените законски одредби било предвидено присилната наплата да се изврши со попис, процена и продажба по пат на јавно наддавање, меѓутоа пописот, процената и продажбата и наплатата од продадените предмети од управата за јавни прходи, се вршела еднострано, односно од овластено лице на органот за јавни приходи, даночен извршител.

Според тоа, подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби биле во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, со која одредба била предвидена поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска. Имено, присилната наплата за парично побарување според подносителот, ја спроведува исклучиво судската власт, односно судовите согласно одредбите од Законот за извршната постапка врз основа на извршен наслов во извршна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорените членови 37 до 62 од Законот, се регулираат прашањата за присилна наплата на пристигнат даночен долг, паричните казни и каматите и јавната продажба на запленетите предмети.

Пред да се пристапи кон присилна наплата на даночниот долг, паричната казна и каматите, органот за јавни приходи е должен да му достави писмена опомена на даночниот должник, според содржината на член 38 од Законот. Присилната наплата на даночниот долг, трошоците и каматите се врши врз основа на решение за одредување присилна наплата кое го донесува органот за јавни приходи кај кој даночниот должник е регистриран, а во член 39 став 3 од Законот се регулирани елементите на вака донесеното решение. Со член 40 од Законот се регулира висината на трошоците во постапката на присилна наплата, трошоците за секое излегување на службено лице на органот за јавни приходи во врска со пописот и продажбата, трошоците за превоз и чување на предмети и слично, како и трошоците за проценувачи и сведоци, а сите наведени трошоци паѓаат на товар на даночниот должник.

Во член 41 од Законот, се определува имотот, приходите и побарувањата на даночниот должник, како и предмети што се во функција на деловни простории што не можат да бидат предмет на присилна наплата, односно се изземени од извршувањето, кои се таксативно наведени.

Како средства на извршување во оспорениот Закон се предвидуваат: попис со процена и продажба на имотот по пат на јавно наддавање во член 42, административна забрана од личните примања, органот за јавни приходи може, заради наплата на даночниот долг, да донесе решение за забрана на користење на средствата на даночниот должник од неговите сметки, на личните примања од работен однос и на неговите побарувања, а на носителот на платниот промет, на должникот на даночниот должник, односно на исплатителот на личните примања да им наложи средствата да ги уплатат во корист на даночниот долг. Против решението со кое се определува присилна наплата по пат на продажба или со аминистративна забрана, односно забрана на жиро сметката, даночниот обврзник може да изјави жалба до министерот за финансии, која не го одлага извршувањето на решението како што е предвидено во членовите: 44 став 1 и 3 и 57 став 2 и 3.

Во член 45 од оспорениот Закон е предвидено присилната наплата на даночниот долг, паричната казна и каматата да ја врши даночен извршител кој е овластено службено лице на органот за јавни приходи. Според член 47 од оспорениот Закон, пописот го опфаќа имотот, приходите и побарувањата на даночниот должник од кој на најлесен и најбрз начин и со најмалку трошоци за даночниот должник ќе ја обезбеди наплатата на даночниот долг.

Понатаму е предвидено при пописот даночниот изврши-тел да направи и процена на имотот, а во случај на потреба има можност и за ангажирање на друго лице-проценител. За извршениот попис и процена се составува записник, со податоци и поединости како што е предвидено во член 50. Примерок од записникот се врачува на даночниот должник.

Присилна наплата на даночниот долг ќе се направи од недвижниот имот на должникот, само во случај ако истиот не може да се наплати во целина од движниот имот, како што е предвидено во член 51 од оспорениот Закон. Во член 51 е предвидено овластување за даночниот извршител да ги отвори затворените деловни простории на должникот доколку истиот не сака да ги отвори сам, при што ваквото дејство се презема во присуство на двајца сведоци, а сето ова се констатира во записникот.

Оспорените членови 53 и 54, ја регулираат состојбата на појава на трето лице кое претендира како сопственик на имотот предмет на попис и процена, можноста за поднесување на излачна тужба, одлагањето на постапката до завршувањето на спорот по тужбата, чувањето на веќе попишаните предмети и обврската спрема третото лице да се поднесе кривична пријава доколку во постапката се утврди дека не е сопственик на спорниот имот.

Второто средство на извршување, административна забрана или забрана од жиро-сметка кај даночен должник правно лице е регулирано во член 57 од оспорениот Закон. За поднесена жалба од должникот на даночниот должник предвидено е суспензивно дејство на жалбата во став 3 од оваа одредба.

Постапувањето при јавна продажба по пат на јавно наддавање на запленетите предмети, со точен редослед на намирување на обврските на должникот е регулирана во членовите 58 до 62 од оспорениот Закон.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорените одредби од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, биле предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија. Притоа, Судот донесе Решение У.бр.42/2002 од 19 јуни 2002 година за неповедување постапка за оценување на уставноста на Законот во целост, како и на посебно оспорените членови 37 до 62 од Законот.

Во оваа постапка, оспорените одредби биле оценувани од аспект на членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51 и 98 став 1, 2 и 5 од Уставот на Република Македонија и Судот утврди дека со оспорените одредби не се повредува принципот на владеење на правото и принципот на поделба на власта. Ова од причина што ако се има во вид дека судската извршна постапка дозволува присилна наплата на парично побарување што потекнува од управна постапка да ја спроведе друг орган кога тоа е определено со друг закон, според Судот, постои јасно разграничување на извршната и судската власт, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија.

Од причина што во конкретниов случај, по повод сега поднесената иницијатива, не постојат поинакви основи за одлучување од утврдените при донесувањето на цитираното решение, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.114/2005
7 септември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова