Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јули 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на
а) уставноста на член 34 и член 73 во делот: “за употребата на средства за присилба и огнено оружје” од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005) и
б) уставноста и законитоста на Уредбата за употреба на средства за присилба и огнено оружје (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/1998).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 под а) од ова решение и за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата означена, исто така, во точката 1 под б) од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот и оспорената Уредба, во себе содржеле опасност од злоупотреба на нивната примена на штета на уставните принципи за неприкосновеност на животот на човекот, неговиот физички и морален интегритет и неговата слобода и биле надвор од мерилата и стандардите за оправданата апсолутно потребна употреба на сила, во смисла на член 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.
Опасноста од злоупотреба, според подносителот на иницијативата, произлегувала пред се од тоа што оспорените законски одредби не биле доволно јасни и прецизни и што со овие одредби истовремено се надминувале и уставните рамки на надлежностите на Министерството за внатрешни работи, а при таква состојба Владата на Република Македонија не можела да биде овластена со закон да донесува подзаконски прописи за употреба на средства за присилба и огнено оружје, особено ако се имале предвид одредбите од член 98 став 1, 2 и 5 од Уставот. Имено, со таквото законско овластување на Владата, според подносителот на иницијативата, се засегало во уредувањето на прашања од кривичната постапка, како една од видовите на судските постапки, која можела да биде уредена само со закон и се отстапувало од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.
Поради наведените причини, а претходно повикувајќи се на член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 10 став 1, член 11 став 1, член 12 став 1 и 2 и член 54 став 1 од Уставот, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби и за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата, не наведувајќи во однос на кои одредби од Законот ја оспорува Уредбата
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 34 од Законот за внатрешни работи, овластеното службено лице може да употреби средства на присилба пропишани со акт на Владата на Република Македонија заради воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, совладување отпор на лице кое го нарушува јавниот ред и мир или лице кое треба да се приведе, задржи или лиши од слобода, заради одбивање напад од себе, од друго лице или објект што се обезбедува, заради присилно отстранување на лица од определено место, како и лице кое не постапува по наредба на овластеното службено лице.
Според оспорениот дел на член 73 од Законот, Владата на Република Македонија донесува подзаконски прописи за употребата на средства за присилба и огнено оружје.
Врз основа на овластувањето од членот 73 од Законот, Владата на Република Македонија, ја донела оспорената уредба, со која според член 1 се определуваат средствата на присилба, начинот на нивната употреба, како и се уредува употребата на огненото оружје во случаите утврдени со закон од страна на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи.
Содржината на Уредбата е систематизирана во шест дела, односно глави од кои во првата глава “И. Општи одредби” покрај членот 1 се опфатени и сите други до членот 10. Во оваа глава од Уредбата, освен што се утврдува што се смета како средства на присилба во смисла на оваа уредба (член 2), начелно се утврдуваат општите правила на постапување на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи во случај на употребата на средствата за присилба. Така, според членот 3 од Уредбата, овластените службени лица во вршењето на работите од своја надлежност првенствено ќе применат ненасилни средства (легитимирање, предупредување, наредба и други пропишани средства и мерки), а средствата за присилба ќе ги применат само ако поинаку не може да се постигне саканата цел.
Според членот 4 од Уредбата, кога постојат можности за употреба на повеќе средства за присилба, ќе се употреби средство кое со оглед на настанатата ситуација нема да предизвика штета или штетата ќе биде минимална.
Понатаму, во членот 5 од Уредбата е утврдено дека пред секоја употреба на средствата за присилба или огнено оружје овластеното службено лице, доколку за тоа постојат услови, се легитимира и јасно го предупредува лицето за употребата на средствата.
Од овој дел од Уредбата, од аспект на причините поради кои се оспоруваат законските одредби и оваа Уредба, значаен е член 9, според кој овластеното службено лице кое при употреба на средствата за присилба или огнено оружје ги пречекори законските овластувања, одговара согласно законските прописи.
Во останатите глави од Уредбата се утврдуваат посебните ситуации и начините на кои овластеното службено лице може да употреби гумена палка или физичка сила, потоа хемиски и гасни средства (солзавец); шмркови со вода, специјални моторни возила и коњаница; средства за запирање на моторни возила (ежови); службени кучиња и огнено оружје, како посебно средство на присилба.
4. Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решение У.бр.140/2000 од 25 октомври 2000 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 38 од Законот за внатрешни работи, чија уставност била оспорена од истиот подносител на оваа иницијатива.
При оценувањето на уставноста на членот 38 од Законот за внатрешни работи, Судот освен другите членови од Законот го имал предвид и членот 34 и во означеното решение има изразено свое мислење и став за употребата на средствата за присилба од аспект на сите членови од Уставот во однос на кои со оваа иницијатива се оспоруваат членовите 34 и 73 од Законот и Уредбата.
5. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, а тргнувајќи од тоа дека подносителот на иницијативата уставноста на оспорените одредби од Законот и Уредбата всушност ги оспорува само од аспект на можноста од злоупотребата на средствата на присилба, кои согласно оспорениот член 34 од Законот се пропишуваат со акт на Владата, а можат да се употребат само во случаи и постапки утврдени, исто така, во Законот, Судот утврди дека не е надлежен да постапува по барањето во иницијативата, затоа што злоупотребата се утврдува во секој конкретен случај и претставува фактичко прашање што не е критериум за оценување на уставноста.
Имено, за злоупотреба за која станува збор во овој случај, може да се зборува само кога овластеното службено лице средствата на присилба, вклучувајќи го и огненото оружје, ќе ги употреби надвор од границите на овластувањата, односно надвор од случаите, обемот и начините на кои во Законот е дозволено да се употребуваат средства на присилба, а тоа може да се утврди само во секој конкретен случај, врз основа на определени факти и околности.
Оттука, со оглед на тоа што злупотребата на средствата на присилба може да настане само во конкретен случај во кој се употребени едно или повеќе средства на присилба, Судот утврди дека причините за оспорување на уставноста на одредбите од Законот и на уставноста и законитоста на Уредбата во суштина не се однесуваат на нивната содржина, туку на нивната примена, од чиј аспект Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста на оспорените законски одредби, односно уставноста и законитоста на оспорената Уредба.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.74/2005
13 јули 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова