Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20, тарифен број 10 од Законот за комуналните такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/2004).
2. Муртезан Исмаили од Тетово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека во Законот за комуналните такси во членот 3 било регулирано во кои случаи на користење на правото, предметот или услугата законодавецот наметнал обврска за плаќање на комунална такса. Во точката 10 од овој член, покрај другите случаи, било определено и плаќање на комунална такса за користење и одржување на јавното осветлување. Според членот 2 од наведениот закон комуналните такси се плаќале според Тарифата што е составен дел на Законот, а според став 2 од истиот член висината на комуналната такса од ставот 1, во рамките утврдени со тарифата, со одлука ја утврдувал Советот на општината.
Од друга страна според членот 11 ставови 2 и 3 од Законот за локалната самоуправа извор на приходи на општината биле и таксите, а општината во рамките определени со закон ја утврдувала нивната висина.
Меѓутоа, во членот 20 од Законот за комуналните такси, односно тарифата за комунални такси, за разлика од тарифните броеви со кои се определувала висината на тарифата за користење на другите права, предмети или услуги наведени во членот 3 од законот каде висината била определена од – до, во тарифниот број 10 во кој била определна висината на таксата за користење и одржување на јавното осветлување, истата била прецизно определена и изнесувала 15 КВч. во противвредност по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.
Сето ова не било во согласност со член 2 став 2 од истиот Закон, како и со член 11 став 3 од Законот за локалната самоуправа, со што се нарушувала уставната положба на општината и правата на општините утврдени со Уставот и законите (се повредувал членот 114 став 4 од Уставот на Република Македонија).
Со оваа одредба на општината и се скратувало правото самостојно, со своја одлука, а во рамки определени со закон, да ја определи висината на комуналната такса за користење на јавното осветлување како што било случај со останатите комунални такси.
Согласно член 87 од Законот за локалната самоуправа бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 20, тарифен број 10 од Законот за комуналните такси.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 20 тарифен број 10 став 1 од Законот за комуналните такси, за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса во висина на противвредност од 15 КВч. по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.
Според ставот 2 на тарифниот број 10, наплатата на таксата за користење и одржување јавно осветлување од имателите на броило ја врши трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија и ја уплатува на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка за општината и за општините во градот Скопје на чие подрачје е извршена наплатата.
4. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Членот 114 став 4 од Уставот утврдува дека општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Со Законот за комуналните такси се уредуваат комуналните такси што се плаќаат за користење на определени права, предмети и услуги од јавен интерес од локално значење од страна на правните и физичките лица кои вршат дејност и од граѓаните.
Според членот 2 од овој закон, комуналните такси се плаќаат според Тарифата за комунални такси што е составен дел на овој закон. Висината на комуналните такси од ставот 1 на овој член, во рамките утврдени со Тарифата, со одлука ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје.
Согласно членот 3 став 1 точка 10 од овој закон, комунална такса се плаќа за користење и одржување на јавно осветлување. Според ставот 3 на овој член, под корисник на јавно осветлување се подразбира секој имател на броило од категоријата “домаќинство” и секој имател на броило од категоријата “останата потрошувачка”.
Според членот 5 од овој закон, комуналните такси се утврдуваат во еднаква висина за сите обврзници кои вршат иста дејност или занимања, односно за сите обврзници од иста категорија. Висината на комуналната такса не може да се определува според вредноста на предметот, извршениот промет или остварениот приход. Комуналната такса за фирма, односно назив се утврдува различно по видови дејности. Комуналните такси за користење на површини во кампови за подигање на шатори и друга слична привремена употреба, за користење на просторот пред деловните простории за вршење на дејност и за поставување на витрини за изложување на стоки надвор од деловните згради се утврдуваат по метар квадратен корисна површина.
Членот 10 од овој закон уредува дека различни комунални такси сразмерно на времето на користењето на правата, предметите или услугите се плаќаат во годишен, месечен или дневен износ.
Според членот 11 од овој закон, градоначалникот на општината, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје според податоците од состојбата на 1 јануари секоја година, за секој обврзник одделно со решение го утврдува износот на таксата што треба да се плати.
Согласно членот 15 од овој закон, начинот на користењето на средствата од комуналната такса, што се плаќа за користење и одржување на јавното осветлување се уредува со акт на општината.
Според членот 20 од овој закон, комуналните такси се плаќаат според Тарифа за комунални такси (10 тарифни броеви). Според тарифните броеви 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8 и 9, комуналните такси се плаќат во определен износ од – до денари. Според оспорениот тарифен број 10, за користење и одржување на јавно осветлување се плаќа комунална такса во висина на противвредност од 15 КВч. по цена за јавно осветлување за секое броило за мерење на електрична енергија.
Оттука произлегува дека со закон е утврдена комунална такса за користење и одржување на јавно осветлување и дека со закон е утврдена висината на оваа комунална такса.
Овластувањето дадено во членот 2 став 2 од овој закон, висината на комуналните такси во рамките утврдени со Тарифата, со одлука да ја утврдува советот на општината, советот на општините во градот Скопје и Советот на градот Скопје, според Судот се однесува на тарифните броеви од 1 до 9 каде што висината на комуналната такса не е фиксна туку е определена во износ од – до денари, но не и за тарифниот број 10.
Тргнувајќи од тоа што средствата од наплатата на таксата за користење и одржување на јавното осветлување се приход на општината бидејќи трговското друштво надлежно за дистрибуција на електрична енергија наплатените средства од секој имател на броило ги уплаќа на сметка на општината на чие подрачје е извршена наплатата, Судот оцени дека фактот што советот на општината не може со свој акт да ја определи висината на комуналната такса за користење и одржување на јавното осветлување не го доведува во прашање финансирањето на општините од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката поради што не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 20 тарифен број 10 од Законот со членот 114 став 4 од Уставот.
Што се однесува до наводите содржани во иницијативата дека оспорениот член 20 тарифен број 10 од Законот за комуналните такси не бил во согласност со членот 2 став 2 од истиот закон, како и со членот 11 став 3 од Законот за локалната самоуправа, согласно член 110 од Уставот Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на членови од ист закон ниту, пак, меѓусебната согласност на два или повеќе закони.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.23/2005
6 јули 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова