Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 точка 9 алинеја 6 во делот
2. Славе Димитров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 точка 9 алинеја 6 во делот “со повеќе од сто кабелски приклучоци под услов делото почетно да се емитува од друга држава” од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 11, 30 став 3 и 47 став 2 од Уставот, затоа што со зголемувањето на “вообичаениот круг на семејството или лични познаници” на 100 кабелски приклучоци односно 100 семејства или 100 групи на лични познаници, односно со условот “делото почетно да се емитува од друга држава” на носителите на правата им се ограничувало остварувањето на загарантираните права предвидени при радиодифузно реемитување на авторското дело по бежичен или жичен пат.
Ова затоа што делото било достапно до јавноста надвор од вообичаениот круг на семејство или личните познаници и тоа со посредство на до 100 односно над 100 кабелски приклучоци, како и кога делото почетно се емитувале од територијата на Република Македонија. Имено, на носителите на права им се ускратувале сите загрантирани права што им припаѓале во случаите кога нивното дело почетно се емитувало од територијата на Република Македонија, односно кога делото радиодифузно се реемитувало од други радио телевизиски или кабелски организации.
Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со член 11 (1), 11 бис (1) точка 2 и 11 бис (2) од Бернската конвенција и член 3 (е) од Римската конвенција со кои одредби е дефиниран поимот на реемитување и правата на авторите што произлегуваат од емитување односно жично и безжично реемитување.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 2 од Законот за авторското право и сродните права е определено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, како што се: јавност; објавување; издавање; репродукција; диструбуција; изнајмување; позајмување; јавно изложување; јавно соопштување (јавно изведување, јавно пренесување, ставање на располагање на јавноста, јавно прикажување, радиодифузно емитување, радиодифузно реемитување) и преработување.
Во точката 9 алинеја 6 од овој член е определено значењето на изразот радиодифузно реемитување. “Радиодифузно реемитување” е истовремено, во целина и непрометно пренесување на радиодифузно емитувано дело доколку го врши друга радио или телевизиска организација или се врши преку кабелско реемитување – пренесување преку кабелски или микробранов систем со повеќе од сто кабелски приклучоци, под услов делото почетно да се емитува од друга држава.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 47 став 2 од Уставот се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.
Според член 3 (е) од Меѓународната конвенција за заштита на уметниците – изведувачи, фонограмски продуценти и радиодифузни организации – Римска конвенција (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/1997) под “радиодифузно реемитување” се подразбира едновремено емитување на радиодифузна емисија на една радиодифузна организација од страна на друга.
Според член 11 (1) од Бернската конвенција за заштита на книжевни и уметнички дела авторите на драмски, драмско музички или музички дела уживаат исклучиво право да даваат одобрение: 1. за јавно прикажување и известување на своите дела, подразбирајќи ги тука јавните прикажувања и изведувања со сите средства или постапки; 2. за јавно пренесување со сите средства за прикажување и изведување на своите дела.
Според член 11 бис (1) од наведената конвенција авторите на книжевни и уметнички дела уживаат исклучиво право да даваат одобренија: 1. за радиодифузија на своите дела или за нивно соопштување на јавноста со кое и да е средство на безжичен пренос на знаци, звуци или слики; 2. за секое соопштување на јавноста било по жичен или безжичен пат, дело емитувано преку радиото, ако ова соопштување се врши преку некоја друга установа, а не изворната односно почетната; 3. за соопштување на јавноста преку звучници или кој и да е друг сличен уред за пренесување на знаци, звици и слики на дело емитувано преку радиото.
Во членот 11 бис (2) од означената Конвенција е предвидено дека на законодавствата на земјите на Унијата им се препушта да ги утврдат условите под кои ќе се вршат правата наведени во став 1 на овој член, но овие услови ќе бидат строго ограничени на земјите што ќе ги потпишат. Тие во никој случај не смеат да го повредат моралното право на авторот ниту неговото право на правичен надомест што во недостиг на пријателска спогодба, ќе го утврди надлежниот орган.
Со Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/1996, 3/1998, 98/2002 и 4/2005) се уредува правото на авторите над нивните дела во областа на книжевноста, науката и уметноста и правата на изведувачите на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации и на изведувачите над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.
Според член 14 од наведениот закон авторско право е единствено право и неразделно од авторско дело што содржи лично правни овластувања (морални права) исклучиви имотно правни овластувања (материјално право) и други овластувања на авторот.
Според член 18 од Законот, материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот, користењето на авторското дело е дозволено кога авторот го пренел материјалното авторско право согласно со овој закон и согласно со условите што ги определил, доколку со овој закон не е поинаку определено.
Според член 19 став 1 од Законот, авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делот за: издавање, репродукција, дистрибуција, вклучувајќи и изнајмување и позајмување, јавно изложување, јавно соопштување и преработување.
Во Глава ВИ од Законот посебно е уредено прашање на оспорувањето на авторските права. Имено, во член 135 и 136 е предвидено дека авторот своите морални, материјални или други права може да ги остварува лично или преку застапник, при што авторското право се остварува одделно за секое авторско дело (индивидуално остварување) или доколку со овој закон е определено заедно со повеќе авторски дела од повеќе автори (колективно остварување).
Според член 138 колективното остварување на авторското право се врши само за објавено авторско дело.
Според член 139 од Законот колективно се остваруваат следните права: јавно соопштување, несценско музичко и несценско книжевно дело (мали права); репродуцирање за приватно користење; надомест од секоја наредна продажба на оригинално уметничко дело во смисла на член 21-а од овој закон како право на следство и кабелско реемитување на авторски дела, освен емитување од РТВ организација независно дали се работи за нивните сопствени права или правата се пренесени од други носители на права.
Во Глава ВИИИ “Важење на законот” односно во член 171 е предвидено дека заштита според овој закон уживаат автори и носители на сродни права кои се државјани на Република Македонија, односно имаат свое седиште во Републиката.
Странските автори и странски носители на сродните права уживаат еднаква заштита како и лицата од став 1 на овој член согласно со меѓународните договори, ратификувани од Република Македонија.
Странските автори и странски носители на сродните права кои не уживаат заштита согласно со став 2 на овој член уживаат заштита според член 172, 173, 174, 175, 176 и 177 на овој закон.
Странските автори и странски носители на сродни права кои не уживаат заштита од ставовите 2 и 3 на овој член можат да уживаат еднаква заштита како и лицата од став 1 на овој член врз основа на фактички реципроцитет.
Независно од другите одредби од Глава ВИИИ на овој закон, странците уживаат заштита по овој закон во однос на моралните права во сите случаи, а во однос на правата на следство, под услов на фактички реципроцитет кој го докажува оној кој што се повикува на него.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и целокупното нормативно уредување на остварувањето на авторското право со Законот за авторското право и сродните права, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба и причините поради кои оваа одредба се оспорува, Судот оцени дека истата не може да биде доведена под сомнение од уставен аспект.
Според мислењето на Судот, оспорената одредба која е поместена во делот на општите одредби од Законот, има појно појаснувачки карактер и со неа не се воспоставуваат или ограничуваат авторските права.
Остварувањето, видот и заштитата на авторските права како на домашните, така и на странските автори се разработени во други одредби од Законот за авторското право и сродните права во кој се имплементирани меѓународните прописи од оваа област како што се Римската и Бернската конвенција.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 2 точка 9 алинеја 6 од Законот за авторското право и сродните права со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.18/2005
6 јули 2005 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова