У.бр.9/2005

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на членот 120 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 71/2003); и

б) уставноста и законитоста на Упатството за начинот и постапката за утврдување на материјалната одговорност на воените лица на служба во Армијата на Република Македонија во целина (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/2003) и посебно членовите 10 и 11 од ова упатство.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 под а) и на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 под б) од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот член 120 од Законот не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 32 став 5 и 51 од Уставот, бидејќи согласно членот 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори, а не со друг подзаконски пропис.

Според подносителот на иницијативата, од истите причини не можело да се донесе ниту оспореното Упатство, особено затоа што прашањето за материјалната одговорност на вработените во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија било веќе уредено со Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана, склучен на 15 април 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002), како и со членот 4 став 2 од Законот за работните односи, според кој за повреда на работните обврски и причинетата штета, работникот одговара лично според одредбите на закон и колективен договор. Во иницијативата е наведено дека со членовите 10 и 11 од Упатството изворно, без за тоа да постојат основи и рамки во Законот за служба во Армијата на Република Македонија (членовите 113-120) или во некој друг закон, се пропишувала посебна и поинаква постапка за утврдување на материјалната одговорност, кога е во прашање само војник за време на служење на воен рок, воен обврзник во резервен состав на Армијата додека е повикан да извршува права и должности од областа на одбраната, питомец на Воената академија и лице на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери, во однос на другите воени лица (воените старешини – офицери и подофицери и професионални војници) и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 12 став 2, член 32 став 5 и член 96 од Уставот, членот 120 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија и членовите 56 став 3 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Во оспорениот член 10 став 1 од Упатството, се одело до таму, што од наведените категории на лица се барало дури и изјава за причините за кусокот, односно штетата и нивна согласност да ја надоместат, без за тоа да се водела било каква претходна постапка и без за тоа да се донесело соодветно решение, со што се кршел и членот 12 став 2 од Уставот. Имено, ако од лицето повикано, приведено или лишено од слобода не можело да се бара изјава, уште помалку тоа можело да се прави во случаите пропишани со оспорените подзаконски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 120 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, начинот и постапката за утврдување на материјална одговорност на воени лица ги пропишува министерот за одбрана.

Врз основа на овој член од Законот, министерот за одбрана го донел оспореното Упатство со кое се пропишува начинот и постапката за утврдување на материјалната одговорност на воените лица на служба во Армијата на Република Македонија.

Според посебно оспорениот член 10 од Упатството, кога постапката за утврдување на одговорноста се води против војник за време на служење на воен рок, воен обврзник во резервниот состав на Армијата додека е повикан да извршува права и должности од областа на одбраната, питомец на Воената академија и лице на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери, од страна на Комисијата се спроведува постапката пред воениот обврзник да биде отпуштен од Армијата, пред питомецот да ја заврши Воената академија, односно пред лицето да го заврши стручното оспособување и усовршување за офицери и подофицери. Доколку непосредно претпоставниот старешина на лицата од став 1 на овој член при нивното раздолжување со опремата утврди дека постои кусок, односно дека е причинета штета на опремата, се обезбедува изјава од лицето кое се раздолжува, за причините за кусокот, односно штетата и за тоа дали ја признава штетата и дали е согласно да ја надомести, за што се составува записник.

Според посебно оспорениот член 11 од Упатството, ако лицето од член 10 став 2 на ова упатство ја признае штетата и е согласно да ја надомести, од благајникот во единицата се изработува финансиски документ (каса прими и сл.) за висината на штетата и се доставува до лицето кое ја предизвикало штетата заради наплата на истата. Ако лицето ја признае штатата, но не е согласно да ја надомести, како и во случаи кога не ја признава штетата,од страна на непосредно претпоставениот старешина се поднесува пријава до надлежниот воен старешина заради поведување на постапка за утврдување на материјалната одговорност, кон која се приложува и записникот прибавен при раздолжувањето со опремата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во членот 32 став 5 од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Членот 56 став 3 од овој закон уредува дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи.

Согласно членот 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Законот за служба во Армијата на Република Македонија содржи одредби (членови 113-119) кои се однесуваат на материјалната одговорност на воените лица.

Според член 113 од овој закон, воено лице кое со намера или крајно невнимание ќе предизвика штета на средствата на Република Македонија во врска со вршење на службата во Армијата должно е да ја надомести штетата.

Ако штетата ја предизвикаат повеќе воени лица, секое воено лице е одговорно за штетата што ја предизвикало.

Ако за секое воено лице не може да се утврди делот од штетата што ја предизвикало, се смета дека сите воени лица се подеднакво одговорни и штетата ја надоместуваат во еднакви делови.

Ако повеќе воени лица предизвикале штета со кривично дело со умисла, за штетата одговараат солидарно.

Членот 114 уредува дека сметкополагачите и ракувачите со материјални средства и опрема одговараат за штетата на средствата кои им се доверени на чување, ако не докажат дека штетата ја причинило друго лице или дека настанала случајно или како последица на виша сила.

Според член 115 Министерството за одбрана е должно да ја надомести материјалната штета што военото лице во вршење на службата во Армијата ќе ја предизвика кон трети лица.

Министерството за одбрана против военото лице од став 1 на овој член ќе поведе постапка за надоместок на извршената исплата ако военото лице штетата на трети лица ја предизвикало намерно или со крајно невнимание.

Согласно член 116 ако военото лице претрпи штета во врска со вршењето на службата во Армијата, Министерството за одбрана е должно да му ја надомести штетата според општите начела за одговорност за штета.

Ако во рок од 60 дена од приемот на барањето Министерството за одбрана и военото лице не се спогодат за надоместок на штетата, военото лице има право да бара надомест на штета пред надлежниот суд.

Во членот 117 е уредено дека воено лице кое е одговорно за штета може од оправдани причини да биде делумно или целосно ослободено од обврската да ја надомести штетата.

Како оправдани причини од став 1 на овој член се сметаат случаите кога: штетата не е причинета со намера; штетата настанала при изведување воена обука или вежба што се изведува во лоши временски услови, непознат или непристапен терен; штетата настанала заради сместување на опремата на начин кој не одговара на пропишаните услови; штетата настанала под околности под кои не би можела да се избегне или доколку со исплатата на надоместокот на штетата се загрозува егзистенцијата на военото лице и неговото семејство.

Решение за ослободување од обврската за надомест на штета може да се донесе само во постапка за материјална одговрност што се води согласно одредбите на член 118 на овој закон.

Според член 118 за материјалната одговорност на военото лице и за обврската за надомест на штета со решение одлучува командант на баталјон, нему рамен или повисок воен старешина за кој со формацијата е предвиден чин потполковник или повисок чин.

Во постапката за утврдување на материјална одговорност, воените старешини од став 1 на овој член формираат комисија за утврдување на материјалната одговорност.

Комисијата од став 2 на овој член утврдува постоење на материјална штета, нејзината висина, околностите под кои настанала, кој ја предизвикал штетата и кој треба да ја надомести и дава предлог до надлежниот воен старешина кој одлучува за штетата.

Против решението за надомест на штета од став 1 на овој член, военото лице има право на приговор до непосредно претпоставениот воен старешина на старешината кој го донел решението, односно до министерот за одбрана доколку решението го донел началникот на Генералштабот на Армијата, во рок од осум дена од приемот на решението.

Согласно член 119 ако военото лице во рок од три месеци од конечноста на решението за надомест на штета не ја надомести штетата, Министерството за одбрана ќе поведе постапка за надомест на штета пред надлежниот суд.

Според оспорениот член 120 од овој закон, начинот и постапката за утврдување на материјална одговорност на воени лица ги пропишува министерот за одбрана.

Врз основа на изнесеното произлегува дека со закон е уредена материјалната одговорност на воените лица и дека со закон му е дадено овластување на министерот за одбрана да ги пропише начинот и постапката за утврдување на материјалната одговорност на воените лица.

Меѓутоа, иако со закон е уредена материјалната одговорност на воените лица, законодавецот заради сложениот систем на работа на Министерството за одбрана како орган на државна управа, а особено специфичноста на организацијата на работата на Армијата, утврдил обврска за министерот за одбрана постапката за материјалната одговорност да ја доразработи со подзаконски пропис.

Врз основа на ова законско овластување, министерот за одбрана го донел оспореното Упатство со кое се пропишува начинот и постапката за утврдување на материјалната одговорност на воените лица на служба во Армијата на Република Македонија, а е во функција на извршување на законските одредби за материјалната одговорност.

Тргнувајќи од изнесеното Судот оцени дека со оспорениот член 120 од Законот не е повреден принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на државата, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

Исто така, имајќи го предвид законското овластување министерот за одбрана да ги уреди начинот и постапката за утврдување на материјалната одговорност, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспореното Упатство во целина со Уставот и со Законот.

Во однос на уставноста и законитоста на посебно оспорените членови 10 и 11 од Упатството, според Судот пред се треба да се има предвид членот 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, според кој воени лица кои вршат служба во Армијата се: воени старешини – офицери и подофицери; професионални војници; војници на служење воен рок; питомци на Воената академија; лица на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери и воени обврзници во резервниот состав на Армијата додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната во врска со извршувањето на воената обврска.

Согласно член 4 став 2 од овој закон, служба во Армијата со засновање работен однос во Министерството за одбрана вршат офицери, подофицери и професионални војници. Според ставот 3 од овој член служба во Армијата со школување, односно стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери, вршат питомци на Воената академија и лица на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери, а според ставот 4 од овој член, служба во Армијата со извршување воена обврска утврдена со закон, вршат војниците на отслужување на воениот рок и воените обврзници во резервниот состав на Армијата.

Од изнесеното неспорно произлегува дека војниците за време на служење на воениот рок, воените обврзници во резервниот состав на Армијата додека се повикани да извршуваат права и должности од областа на одбраната, питомците на Воената академија и лицата на стручно оспособување и усовршување за офицери и подофицери, иако немаат засновано работен однос во Министерствоот за одбрана тие имаат статус на воени лица и за нив подеднакво важат законските одредби кои се однесуваат на материјалната одговорност како и за другите воени лица.

Оттука, Судот оцени дека со оспорените членовите 10 и 11 од Упатството само поконкретно е доуредена постапката за материјалната одговорност на овие воени лица која започнува доколку при раздолжувањето со опремата се утврди дека постои кусок, односно дека е причинета штета на опремата.

Наводот содржан во иницијативата дека со обезбедувањето изјава од лицето кое се раздолжува за причините за кусокот, односно штетата и за тоа дали ја признава штетата и дали е согласно да ја надомести се повредувал членот 12 став 2 од Уставот, според Судот е неоснован. Имено, обезбедувањето на изјава е исклучиво во функција на утврдување на фактичката состојба во постапка за утврдување на материјална одговорност и не може да се квалификува како ограничување или лишување од слобода поради што судска одлука не е потребна.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на посебно оспорените членови 10 и 11 од Упатството со Уставот и со Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 под а) и под б) од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.9/2005
6 јули 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова