50/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 97-в од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1992, 9/1996 и 38/2004).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.50/2005 од 18 мај 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 97-в од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 97-в од Законот за семејството е предвидено дека министерот за труд и социјална политика со акт ги утврдува висината и начинот на плаќање на надоместок на реалните трошоци направени во постапката за посвојување.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 64 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за грараните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропиЬува надлеЧност на други органи.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби наспрема содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека овластувањето на министерот за труд и социјална политика со акт да ја утврдува висината и начинот на плаќање на реалните трошоци направени во постапката за посвојување, нема уставна основа. Ова од причини што во Законот за семејството не се содржани никакви критериуми кои се тие реални трошоци што ги прави Комисијата за посвојување и Центарот за социјална заштита. Утврдувањето на реалните трошоци со акт на министерот, а не со закон, не е во согласност со Уставот, имајќи предвид дека се работи за трошоци во управната постапка во која граѓаните ги остваруваат и заштитуваат со Уставот загаранираните слободи и права, поради што тие трошоци треба да бидат утврдени со закон. Под трошоци на постапката исто така не би можело да се вклучат услугите што се вршат во областа на социјалната заштита, вклучувајќи го и посвојувањето.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со даденото законско овластување министерот да ја утврдува висината и начинот на плаќање на надоместокот на реалните трошоци при посвојување се отстапува од принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Покрај тоа, според мислењето на Судот овластувањето утврдено во оспорената одредба од Законот не претставува извршување на одредба од законот, туку истото значи арбитрерност и можност од нееднаков третман кон субјектите односно посвоителите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.50/2005
6 јули 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова