У.бр.143/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за усвојување на измени и дополнувања на дел од VI станбена заедница Тетово, донесена од Советот на општина Тетово под бр.07-959 /4 од 11 септември 2002 година (“Службен гласник на Општина Тетово” бр.6/2002).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оценување на меѓусебната согласност на Одлуката означена во точката 1 од ова решение со членот 15 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002).

3. Љубица Кочовска од Тетово, лично и во име на група граѓани од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означна во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената Одлука се намалувала површината на дворното место што го користеле станарите, се нарушувало правото на користење на станбените објекти и гаражите, на начин што се предвидувало доградба на објект и тоа од двете страни на веќе постоечкиот објект, поради што станарите требале да ги затворат прозорците на своите објекти, со што се повредувал член 8 став 1 алинеја 6 и 10 од Уставот.

Поради неусогласеност на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план, подносителот на иницијативата смета дека се повредени член 2 и 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Понатаму, во иницијативата се наведува дека постои и повреда на член 72 од Законот за денационализација, од причини што при донесувањето на Одлуката не се водело сметка дека поранешните сопственици на КП. 3502/1 воделе постапка за денационализација. Воедно постоела и повреда на член 54 од Законот за градежното земјиште и член 15 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Тетово на седницата одржана на 11 септември 2002 година донел Одлука за усвојување на измени и дополнувања на дел од ДУП за VIстанбена заедница Тетово. Во член 1 од Одлуката е определено дека се усвојуваат измени и дополнувања на делот од ДУП, ограничени со улиците “Илинденска”, “29 Ноември” и Ѓоце Стојчевски”. Во член 2 е определено дека составен дел на Одлуката е графичкиот прилог техничка документација број 31/2002, која не се објавува, а од која по две копии се наоѓаат во канцеларијата на главниот архитект на град Тетово и во ПЕ на Министерството за транспорт и врски-Тетово. Според член 3, Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”, а ќе се примени по добивањето согласност за спроведување на планот од Министерството за транспорт и врски Скопје. Одлуката е донесена под бр.07-959/4 од 11 септември 2002 година.

Судот, во претходната постапка утврди дека со Одлука У.бр. 68/2000 од 1 ноември 2000 година, ја укинал Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за VI -та станбена заедница и дел од Централното градско јадро кој и припаѓа на VI -та станбена заедница, донесен од Советот на општина Тетово на седницата од 29 август 1997 година.

Врз основа на доставената документација од страна на општината Тетово, Судот исто така утврди дека во повторената постапка стручна ревизија на измените и дополнувањата на ДУП е направена во месец јуни 2002 година од страна на ” Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови” ц.о. Подружница Тетово.

Одговор на извршената ревизија е даден од Заводот за урбанизам, проектитање и инжинеринг АД “Комунапроект” – Тетово.

Во мислењето бр.20-687 од 1 јуни 2002 година, главниот архитект се произ- нел дека Нацрт – Планот може да оди во натамошна постапка.

По повод бараното сручно мислење за Нацрт-Планот, Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот во Скопје, дало стручно мислење бр.13-8808 од 5 јули 2002 година во кое е наведено дека дека по вградување на сугес- тиите и забелешките може да се пристапи кон постапката за усвојување на планот.

Градоначалникот на општината Тетово со Одлука бр.08-741/ 1 од 10 јули 2002 година определил организирање на јавна анкета за измените и дополнувањата на ДУП Тетово за VI станбена зедница во траење од 10 дена во периодот од 12 јули до 22 јули 2002 година, а граѓаните да бидат информирани преку дневниот печат “Дневник” и “Факти” и локалните ТВ станици РТВ “Кисс” и ТВ “Коха”. Донесено е и Соопштение за организирање на јавна анкета бр.08-741/2 од 10 јули 2002 година.

Според записникот бр.20-839/1 од 30 јули 2002 година на Комисијата за разгледување на анкетни листови, за време на јавната анкета биле поднесени вкупно два анкетни листови.

Од извештајот бр.20-835/1 од 30 јули 2002 година, на Главниот архитект на општината произлегува дека Комисијата ги прифатила забелешките по двата анкетни листови.

Советот на општината Тетово ја донел оспорената одлука под број 07-959/4 од 11 септември 2002 година.

Одлуката е објавена во “Службениот гласник на општина Тетово” бр.6 од 11 септември 2002 година.

5. Судот на седницата констатира дека општината Тетово и Министерството за транспорт и врски во постапката не ги доставија:
– иницијативата за измена и дополна на Планот,
– Нацрт-План,
– анкетните листови бр.20-687/2-1 и 20-687/2-2 за лицата Скендер Јонузи и Шериф Јонузи и
– извод од Генерален урбанистички план за предметната станбена заедница.
Имено, наведената документација беше барана со писмо У. бр.143/2004 од 7 септември 2004, У.бр.143/2004 од 24 февруари 2005 година и У.бр.143/2004 од 27 април 2005 година од Советот на општината Тетово. Наведената документација беше побарана и од Министерството за транспорт и врски со писма У.бр.143/2004 од 25 мај 2005 година и У.бр. 143/2004 од 9 јуни 2005 година и истото од сета барана документација единствено ја достави нечитлива фотокопија на извод од ОУП, односно ГУП во А4 формат.

Исто така беа направени и повеќе телефонски разговори со поранешниот и сегашниот претседавач на Советот на општината Тетово, како и со одговорни вработени лица, во кои разговори беше ветувано дека документацијата што недостасува ќе се достави, меѓутоа по барањето до денот на донесување на ова решение не беше постапено.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 и 10 од Уставот на Република Македонија, правната заштита на сопственоста; уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите, се донесува и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показател и за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4 е определено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталн иот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

На нацртот на плановите од член 7 од овој закон, во смисла на член 19 од Законот, пред организирањето на стручната расправа односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, однос но формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој Закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според содржината на членот 21-а, при изработувањето на урбанистичките планови задолжително се применуваат нормативи и стандарди за уредување на просторот. Со стандардите и нормативите од став 1 на овој член се утврдуваат основите за порационално планирање, уредување и користење на просторот, создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Стандардите и нормативите од ставот 1 на овој член ги донесува министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Според член 22 став 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

7. Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот. Оттаму, според мислење на Судот во постапките за донесување на урбанистичките планови, како и во постапките за нивно изменување и дополнување неопходно е да се почитува оваа темелна вредност на уставниот поредок.

Тргнувајќи од фактот што од страна на Советот на општината Тетово и Министерството за транспорт и врски не беа доставени: иницијативата за измена и дополна на Планот, Нацрт-Планот, анкетните листови бр.20-687/2-1 и 20-687/2-2 за лицата Скендер Јонузи и Шериф Јонузи и извод од Генерален урбанистички план за предметната станбена заедница, Судот оцени дека оспорената Одлука може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со член 11 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план.

Понатаму, според Судот оспорената одлука може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со член 17 став 1 од Законот, кој утврдил плановите да се се изработуваат како нацрт и предлог на план.

Според Судот, исто така, оспорената одлука може да се стави под сомение и по однос на нејзината согласност со членот 18 став 1 од Законот, кој предвидел граѓаните за време на јавната анкета да можат да изнесат писмени забелешки на анкетни листови, од причина што во постапката пред Судот од страна на општината Тетово не беа доставени анкетните листови за забелешките што ги имале лицата Скендер Јонузи и Шериф Јонузи.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената Одлука може да се стави под сомнеие по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот и член 11 став 3, член 17 став 1 и член 18 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од надлежноста на Судот, утврдена во наведената уставна одредба и фактот што по својот правен карактер оспорената одлука и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002) се прописи од исто правно рамниште – (подзаконски акти) и двата акти имаат основ во одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот по однос на наводите од иницијативата за несогласност на Одлуката со член 15 од Правилникот утврди дека не е надлежен да одлучува.

Оттаму, врз основа на изнесеното по однос на овој дел од иницијативата Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

9. Што се однесува до наводите за несогласност на Одлуката со членот 72 од Законот за денационализација и член 54 од Законот за градежното земјиште, Судот оцени дека вака изнесените наводи не се од влијание за одлучувањето, бидејќи во постапките за оценување на уставноста и законитоста на одлуките за донесување на урбанистичките планови не одлучува и не решава по однос на индивидуални имотни прашања, туку ја оценува уставноста и законитоста на постапката за просторно и урбанистичко планирање преку фазите во кои таа се одвивала.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр. 143/2004
29 јуни 2005 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова