84/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на детален урбанистички план за дел од централното градско подрачје Урбан модул ЦЕ 2003-2008 Охрид, бр.07-222/5 од 19 март 2004 година, донесена од Советот на општина Охрид.

2. Лилјана Чанова од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата при донесувањето на оспорената одлука не се водело сметка за законската обврска според која при измена на просторен и урбанистички план требало да се почитуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот од различни релевантни области вклучени во интегралното планирање на просторот, со што бил повреден членот 21-а и 21-б од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не била донесена согласно постапката утврдена со закон од причини што не било прибавено мислење од надлежните министерства како што биле: Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина, Министерството за локална самоуправа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од овие причини подносителот на иницијативата бара Уставниот суд на Република Македонија да ја поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука се утврдува дека, со неа се донесува Детален урбанистички план за дел од Централното градско подрачје Урбан модул ЦЕ 2003-2008 Охрид.

Во членот 2 од оваа одлука е утврдено дека со Деталниот урбанистички план од членот 1 се опфаќа простор со површина од 1,02 ха, и се опишуваат границите на тој простор.

Според членот 3 од Одлуката, Деталниот урбанистички план содржи: Документациона основа, План за уредување на просторот, Основни параметри за уредување на просторот и Графички прилози.

Според членот 4 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со потпис на претседателот на Советот на општината Охрид. Во членот 5 се утврдува дека овој план се чува и следи во Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина на општината Охрид, а реализацијата е во надлежност на Министерството за транспорт и врски – Подрачна единица Охрид.

Според членот 6 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Охрид”.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.148/2004 од 10 ноември 2004 година не поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за дел од централното градско подрачје Урбан модул ЦЕ 2003-2008 Охрид, бр.07-222/5 од 19 март 2004 година, донесена од Општина Охрид.

Со оглед на тоа што со поднесената иницијатива се оспорува Одлуката на Советот на општина Охрид која веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, Судот утврди дека се исполнети условите утврдени во членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.84/2005
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова