19/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/1996).

2. Љупчо Беличев, директор на Комуналното јавно претпријатие “Водовод” – Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 5 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата согласно оспорената законска одредба, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија не ги спроведувал судските решенија на пензионерите од И група. Оспорената одредба не била во согласност со член 33 од Уставот на Република Македонија, според кој секој бил должен да плаќа данок и други јавни давачки.

Во иницијативата се дава пример како на едно семејство со 4 члена која има една пензија од 7.000,00 денари му се извршуваат судските решенија, а на друга страна има случаи самци кои живеат со 5.000,00 денари пензија на кои не им се извршуваат судските решенија.

Оспорената одредба не била во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, бидејќи создавала нееднаквост помеѓу граѓаните на Република Македонија, како и со членот 8 став 1 од Законот за облигационите односи, според кој во засновањето на двострани договори, учесниците тргнувале од начелото на еднаква вредност на заемните давања.

Според подносителот на иницијативата во членот 92 од Законот за извршната постапка биле наведени 10 случаи кога и каде се вршело изземање на извршувањето и не било предвидено да бидат изземени од извршување корисниците на пензии од прва категорија.

Со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1, 3 и 9, членовите 33 и 51 од Уставот на Република Македонија, член 92 од Законот за извршната постапка, како и членот 8 став 1 од Законот за облигационите односи.

Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.71/1996) е предвидено дека во член 158 по став 1 се додава нов став 2 кој гласи:

“Најнискиот износ на пензија и минималната старосна и семејна пензија не може да биде предмет на извршување и обезбедување, освен за побарување по основа на издржување утврдено со судска одлука и дадена согласност од корисникот на пензија и тоа најмногу до една третина од нејзиниот месечен износ”.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.7/2000 од 29 март 2000 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Притоа, Судот оценил дека право е на законодавецот да донесе законско решение со кое се обезбедува поголема заштита и сигурност на пензионерите со минимална старосна и семејна пензија. Притоа, треба да се има предвид дека животниот стандард на оваа категорија пензионери е на многу ниско ниво, а често пати поради нискиот износ на пензиите е доведена во прашање и нивната егзистенција.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а нема основи за поинакво одлучување по оваа оницијатива, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Судот исто така утврди дека подносителот на иницијативата законската одредба ја оспорува и во однос на Законот за облигационите односи и Законот за извршната постапка, за што Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Судот не е надлежен да одлучува за оценување на меѓусебната согласност на законите.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.19/2005
22 јуни 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова