52/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 јуни 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 10 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998, 31/2000 и 42/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на:

а) уставноста на членот 31 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение,
б) уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација на Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000) и

в) меѓусебната согласност на членот 39 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македо- нија” бр.31/2000) со одредбите од Законот за експропријација.

3. Сане Димитров – Ковачки од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на устав- носта на членот 10 и членот 32 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата означена во точката 2 б) од ова решение.

Инаку, во иницијативата се оспорува член 12 и член 37 став 2 од пречисте- ниот текст на Законот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 43/2000), а станува збор за член 10 и член 31 став 2. Споменатиот во иницијативата член 71 став 3 од пречи- стениот текст е всушност член 39 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (” Службен весник на Република Македонија” бр.31/2000).

Според наводите во иницијативата во членот 30 став 4 од Уставот се гарантирал правичен надомест, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста, кој надомест не можел да биде понизок од пазарната вредност. Меѓутоа, во членот 10 од Законот се предвидувало овластување на Владата на Република Македонија со административен пропис да ја утврдува вредноста на имотот, што значело да го утврдува и на домест, како еден вид на административна вредност со што се повредувала наведената уставна одредба. Исто така, со одредбите од Уредбата и табеларниот преглед се предвидувал надомест по административни цени, што биле далеку пониски од пазарните цени со што во значителна мера се оштетувале граѓаните.

Со оспорените одредби од Законот се повредувал и членот 5 од Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи.

Во иницијативата се наведува дека со членот 71 став 3 од Законот (пречи- стен текст) се правела разлика во утврдувањето на надоместот за експроприраниот имот до влегување или по влегување во сила на Законот и се констатира дека се повредувале член 9 и член 30 став 4 од Уставот, меѓутоа, во иницијативата не е содржано барање Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба. По однос на истата одредба од Законот, исто така се наведува дека постои контрадикторност помеѓу оваа одредба и одредбите на Законот за експропријација, која доведувала до нерамно- правна положба на граѓаните. Ова од причина што на граѓаните што воделе вонпарнична постапка им се признавал надомест по пазарна вредност, а на останатите им се испла- ќала администартивна цена на надоместот.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 10 од Законот за денационализација, начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост кој е предмет на денационализација, со пропис ја определува Владата на Република Македонија.

Според член 31 став 1 од истиот Закон, надомест се дава за имот кој не се враќа, како и кога имотот не се враќа затоа што престанал да постои.

Според содржината на оспорениот став 2 на членот 31 од Законот, надомест во смисла на став 1 од овој член се определува според состојбата на имотот во момен- тот на одземањето, согласно со Уредбата за процена на вредноста и утврдување надо- мест за денационализиран имот што ја донесува Владата на Република Македонија.

Со оваа уредба се пропишуваат мерилата, критериумите и начинот на утврдување на вредноста на имотот што е предмет на денационализација како што се: станбените згради и станови; деловните згради и деловните простории; стопанските објекти и капацитети; движен и недвижен имот од културно, уметничко и историско значење; движен имот; земјоделско земјиште, шуми, шумско земјиште, пасишта и утрини и градежно земјиште.

Уредбата е донесена од страна на Владата на Република Македонија врз основа на овластувањето од член 10 од Законот за денационализација.

5. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Репуб- лика Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 4 од Уставот, во случај на експропри-јација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Тргнувајќи од содржината на првооспорената одредба од Законот за денаци- онализација, произлегува дека во неа е уредено овластувањето на Владата на Репуб- лика Македонија со пропис да го определи начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост што е предмет на денационализација. Одредбата воопшто не се занимава со прашањето според кои елементи ќе се определи вредноста на имотот, односно висината на надоместот, како што се тврди во иниција- тивата.

Според Судот оспорената одредба е во функција на извршување на законските одредби, а донесувањето на уредби и други прописи за извршување на законите спаѓа во надлежност на Владата на Република Македонија, според член 91 алинеја 5 од Уставот.

Оттаму, оспорениот член 10 од Законот преставува само овластување на Владата на Република Македонија во функција на извршување на законските одредби да донесе пропис со кој ќе се определат начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот во државна сопственост кој е предмет на денационализација.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителот на иницијативата за несогласност на оспорената одредба со член 9 и член 30 став 4 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имено, по однос на второоспорената законска одредба Судот во претходната постапка утврди дека со Решение У.бр.165/ 2003 од 9 септември 2004 година Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од Законот за денаци- онализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/1998, 31/2000, 42/2003). Со Решение У.бр.219/2004 од 13 и 14 април 2005 година Судот ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на истата одредба од Законот.

Во постапката по наведените предмети, тргнувајќи од содржината на одредбите од Законот за денационализација Судот застанал на становиште дека во случаи кога одземениот имот не се враќа или не може да се врати поради тоа што престанал да постои, сопственикот има право на надомест кој се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето, при што Уредбата на Владата на Република Македонија е правниот инструмент кој ја утврдува методологијата на кој начин ќе се изврши процена на вредноста на имотот во моментот на одземањето. Во ставот 2 од членот 31 од Законот се утврдува дека висината на овој надомест се определува според состојбата на имотот во моментот на одземањето.

Оттаму Судот утврдил дека критериум на законодавецот, при утврдување на висината на надоместот кој се дава како компензација за одземениот имот што не може да се врати, не е пазарната вредност на имотот, туку вредноста утврдена според состојбата во која се наоѓал предметниот имот во моментот на одземањето.

Судот застанал на становиште дека членот 30 од Уставот на Република Македонија ги регулира ситуациите на одземање (експропријација), односно ограничу- вање на сопственоста и наметнува обврска на државата ваквото ограничување да го компензира со праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност на предметниот имот, а во случајот на денационализацијата се работи за обратен процес во кој државата не одзема, ниту ограничува имот туку предмет на денационализацијата е враќање во сопственост.

Оттаму, Судот утврдил дека одредбата од членот 30 од Уставот не може да се доведе во корелација со прашањето на денационализација бидејќи во случај на денационализација не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста, туку напротив, за враќање на сопственоста, како резултат на историски промени на политичкиот систем во Република Македонија. Во тој контекст, определувањето надомест за имот кој не може физички да се врати според неговата вредност во времето на одземањето, дури и кога тој не би соодветствувал на претпоставената пазарна вредност на тој имот, не може да се смета за арбитрерно, туку е израз на волјата на законодавецот да ги обештети поранешните сопственици, дури и во случај кога нивниот имот престанал да постои.

Според тоа, Судот утврдил дека овластувањето на Владата на Република Македонија со уредба да изврши процена и да го утврди надоместот за денациона- лизираниот имот, според критериумот утврден во Законот, е во функција на извршување на Законот и претставува овластување кое произлегува од членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното, Судот утврдил дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба од Законот за денационализација со членот 30 и членот 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.

7. Судот, исто така, со Решение У.бр.129/2000 од 29 ноември 2000 година, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2000). Судот со Решение У.бр.219/ 2004 од 13 и 14 април 2005 година, меѓу другото не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 12 и 13 од истата Уредба.

Во постапката по овие предмети Судот застанал на становиште дека самиот Закон за денационализација не содржи одредба за тоа надоместот што се дава за одземен имот кој што не може да се врати во сопственост или како разлика за намале- ната вредност на недвижноста да не може да биде понизок од пазарната вредност, од каде Судот заклучил дека такво решение не можело да се утврди ни во оспорената уредба, бидејќи таа претставува пропис со кој што Владата само може да го уредува извршувањето на законите, во конкретниот случај на Законот за денационализација, а не да утврдува други или поинакви права од оние што се утврдени во Законот.

Судот, исто така, заклучил дека оспорената Уредба е донесена врз основа на овластувањето од член 10 од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр. 20/1998 и 31/2000) кое овластување е во согласност со уставно утврдената положба и надлежност на Владата на Република Македонија, како и тоа дека Уредбата воопшто не го уредува прашањето за надомест на денационали- зираниот имот, туку само начинот и постапката за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на денационализација, при што Владата се движела во рамките на Законот за денационализација.

Оттаму, Судот оценил дека прашањето за согласноста на оспорената Уредба не може да се постави не само во однос на членот 30 став 4 од Уставот, од чиј аспект се оспорува, туку и во однос на другите означени уставни и законски одредби.

Што се однесува до наводот за несогласност на Уредбата со членот 9 од Уставот, Судот утврди дека во постапките по наведените предмети, посредно ја ценел согласноста на Уредбата со членот 9 од Уставот и по однос на оваа уставна одредба. Имено, Судот утврдил дека граѓаните што остваруваат надомест по основ на експроприран и по основ на денационализиран имот не се наоѓаат во еднаква правна положба поради што не може да стане збор за повреда на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Бидејќи веќе е одлучувано за уставноста на второоспорената одредба од Законот и за уставноста и законитоста на Уредбата и нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 2 а) и б) од ова решение.

8. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по бара- њето.

Според содржината на член 39 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Маке- донија” ; бр.31/2000), ако до влегувањето во сила на овој закон по влегувањето во сила на Законот за денационализација, било поднесено барање на надомест за експропри- раниот имот (член 1а став 1 точка 2) вонпарничната постапка ќе се заврши според одредбите на Законот за експропријација. Во пречистениот текст на Законот оваа одредба е нумерирана како член 71 став 3.

Тргнувајќи од член 110 од Уставот, произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на законите, па оттаму не е надлежен да оценува дали постои контрадикторност меѓу членот 39 став 3 од означената измена и дополнување на Законот со одредбите од Законот за експропријација.

Од друга страна, што се однесува до оваа одредба од Законот, која го уредува режимот на започнатите постапки за денационализација пред влегување во сила на Законот за денационализација во иницијативата не е содржано посебно барање за поведување постапка за оценување на согласноста со уставните одредби.

Врз основа на изнесеното по однос на овој навод од иницијативата, Судот одлучи како во точката 2 в) од ова решение.

9. Што се однесува до наводот за несогласност на оспорените законски одредби со членот 5 од Европската конвенција за заштита на правата на човекот и основните слободи, Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани од причина што оваа одредба воопшто не го уредува прашањето за сопственост и правата што произлегуваат врз основа на сопственоста, туку одредбата го уредува прашањето за правото на слобода и безбедност на личноста. Освен тоа, Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да ја оценува согласноста на законите со меѓународните акти.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 52/2005
15 јуни 2005 год.
С к о п ј е
л.а/

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова